Прифати ги несовршеностите и одбегнувај споредби-Интервју со Данче Азманова Мирчевска, специјалист за организирање на настани, промоција на брендови, комуникации и односи со јавност

од 24HR

Данче Азманова Мирчевска е основач на платформата Working Moms и креативниот проект TrixieBox. Данче е специјалист за организирање на настани, промоција на брендови, комуникации и односи со јавност, и истовремено е посветена мајка. Нејзината приказна е инспиративна, исполнета со предизвици и решенија кои ги надминала со голема посветеност и страст. Во ова интервју ни открива како успева да балансира меѓу својата кариера и мајчинството, како и клучните лекции што ги научила на својот претприемнички пат.

Патување и инспирација

  • Можете ли да ја споделите вашата приказна и што ве инспирираше да ја основате платформата Working Mom?

Пред една година кога ја лансиравме платформата Working Mom, замислата беше ова да биде мој личен блог каде што ќе ги споделувам своите подеми и падови работејќи за време на бременоста и првите месеци од мајчинството. Ова беше тема што очигледно допре до многу родители, па почнав да ги вклучувам и нивните искуства во платформата. Заедно растевме. 

Една година подоцна, Working Mom е на пат да прерасне во невладина организација, со цел да имаме многу поголем импакт во општеството, да направиме реална промена, да не останеме само на зборови и идеи.

  • Кои лични искуства доведоа до создавање на TrixieBox и како се развиваше од тогаш?

TrixieBox (@mytrixiebox на Инстаграм) е креативна бизнис иницијатива за креирање уникатни тематски подароци што ја основавме со сестра ми Зорица. 

Ова е начин на којшто ја изразуваме нашата креативност, им помагаме на малите локални бизниси бидејќи продуктите ги набавуваме од нив или ги креираме ние самите, но и ја пополнуваме празнината за подароци што се направени со љубов и многу внимание. 

Две години по своето основање, TrixieBox има низа на подароци по кои сме препознатливи. Фидбекот од купувачите е одличен и ни е поттик плус постојано да иновираме и да правиме уште покреативни решенија. Нашите најнови подароци може да ги разгледате овде: https://www.instagram.com/mytrixiebox/

Предизвици и решенија

  • Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте додека балансиравте меѓу вашата кариера и мајчинството?

Како најголем предизвик би го посочила враќањето на работните обврски по раѓањето на бебето. Бидејќи веќе си станала професионалец за менување пелени, имаш одлична рутина на спиење и јадење со бебето, кога сфаќаш дека е време за нова промена што може да биде застрашувачка – а тоа е враќање на работното место.

Дополнително, овде е и „слонот во собата“ – грижата на совест поради враќање на работа, чувството на вина што не можеш постојано да си со своето бебе и да одговараш на неговите потреби.

  • Како ги надминавте овие предизвици и кој совет би го дале на други работни мајки?

Едноставно, прифатив дека грижата на совест нема да се намали, туку дека треба да се работи на нејзино прифаќање. 

Почнав да си го препознавам и ценам трудот што го вложувам и во кариерата и во семејството. Некои денови ќе се подобри, некои ќе се полоши – и во 2та случаи јас давам сѐ од себе. 

Еве неколку совети што ме водеа низ целиот овој процес на прилагодување:

  • Постави си реални цели и немој да си престрога кон себеси. Научи да си простуваш ако работите не се секогаш онакви какви што си ги испланирала – што е сосема во ред. 
  • Времето што го имаш со семејството, поминувај го квалитетно и значајно. Наместо да се грижиш и да се обвинуваш што не можеш постојано да си присутна, извлечи го максимумот од времето кога сте заедно. 
  • Не заборавај да се грижиш за себе. Обиди се да најдеш барем малку време за себе и за своето физичко и ментално здравје во текот на денот –  направи нешто што те прави среќна и те полни со позитивна енергија. 
  • Опкружи се со драги луѓе коишто ќе ти ја дадат потребната морална поддршка и ќе ти бидат поткрепа за полесно да се навикнеш да се справуваш со новите кариерни и животни предизвици, особено во моменти кога се сомневаш во своите способности. 
  • Прифати ги несовршеностите и одбегнувај споредби со други мајки што гледаш дека имаат совршени животи на социјалните мрежи и што делуваат дека имаат сѐ под контрола. Не се прекорувај кога нешто ќе тргне наопаку. Во ред е ако не можеш баш сѐ да направиш во денот. 
  • Кои персонализирани ресурси ги развивте за работните родители и како тие се разликуваат од поопшти совети?

Преодот од една во друга реалност, од породилно во канцеларија, може да биде збунувачки, особено ако една мајка не е подготвена за тоа. 

Затоа, поттикната од сопствените маки и искуствата на 300+ мајки од нашата Working Mom заедница што ги поминале предизвиците со коишто новите мајки се соочуваат моментално, креиравме онлајн курс: Како до успешно враќање на работа по породилно отсуство?

Целта на курсот не е апстрактно да зборуваме за темите што ги мачат новите мајки, туку да дадеме и конкретни алатки за како да се справат со проблемите. Сите совети се базирани на лични искуства од мајки од нашата заедница и се целосно апликативни на нашето поднебје (за разлика од рандом совети што би ги прочитале на Google). 

Овде ќе можете да го најдете курсот што ќе биде лансиран за неколку дена – https://mamma.mk/courses/

Оспособување на компаниите

  • Можете ли да го објасните концептот зад интерактивните работилници кои ги нудите за компаниите преку Working Mom?

Инспирирана од стотиците искуства и реалните маки на наши колеги родители што ги собравме како дел од платформата Working Mom, креиравме едни поинакви интерактивни работилници.

Ова не се досадни предавања каде што една личност зборува со часови, а присутните скролаат по телефоните и едвај чекаат да се вратат дома кај своите најмили. 

Ова се збир од динамични, интерактивни активности што ќе ги вооружат родителите со сите потребни алатки за да го максимизираат својот потенцијал на работното место.

Темите што ги обраборуваме се следниве:

  • Work-Life Integration Workshop: Како можам да бидам фокусиран на работата и најдобриот и најпосветен родител за моето дете истовремено?
  • Self-Care Empowerment Workshop: Како да се грижам за себе, приватно и професионално за да бидам најдобрата верзија од себе и на 2та фронта?
  • From Vision to Reality: Како стратешки да си ги поставам и остварам целите на приватно и професионално поле?

Овде можете да прочитате повеќе детали за нашите работилници и да побарате понуда за вашата компанија – https://workingmom.mk/rabotilnici-za-kompanii/.

Создавање содржина и маркетинг

  • Вие сте и специјалист за менаџирање на настани, брендови, комуникации и односи со јавност. Се чини дека денес е најтешко во овие области да се создаде автентична содржина која одлично комуницира со таргетираната публика. Кои стратегии ги користите за да создадете ангажирана и ефективна содржина за вашите клиенти?

Го следам правилото број 1 во маркетингот – се ставам во самите чевли на личноста што ќе ја прими пораката, како таа размислува, кои и се болни точки, какви решенија бара и сето тоа го пакувам во пост, видео, блог или настан.

Дополнително, не претпоставувам, туку прашувам што точно им треба на клиентите. Многу често правам кафе средби со луѓе од мојата публика за на долго и на широко да ги слушнам нивните предизвици за да смислам како на креативен начин да им помогнам.

  • Сите оние кои се дел од платформата Working Mom забележуваат дека секоја комуникација која ја остварувате е „три пати измерена и еднаш пресечена“. Вашите е-меил пораки не спаѓаат во оние за кои би посегнале по опцијата „marked as read“ и суштински ги погодуваат специфичните потребни и интереси на работните мајки. Кои се клучните маркетинг стратегии што ги имплементиравте конкретно за Working Mom и како тие придонесоа за растот на оваа платформа?

Самата статистика ми покажува дека мејловите што ги праќам кон Working Mom заедницата стигнуваат и до 90% оpen rate. Тоа е доказ дека речиси секоја мајка може да се пронајде во контентот што го споделувам со оваа заедница, да сфати дека не е сама во своите проблеми, дека и други се соочуваат со слични предизвици како неа, но и да се стекне со практични совети што ќе може уште веднаш да ги примени. Едноставно, на некој начин да ѝ падне камен од грб. Некогаш тоа е сѐ што ни е потребно.

Ако сакате да се приклучите кон нашата заедница на мајки, само пополнете ја оваа кратка форма: https://workingmom.mk/zaednica/

Фокусот на моите маркетинг стратегии е самата реалност, отворено зборување за нашите подеми и падови, наместо креирање совршена слика за нас. Да ги ставиме маските настрана и да бидеме реални за искуствата со кои се соочуваме, бидејќи не знаеме кому тоа може да му го спаси денот. 

  • Како создавате и одржувате заедница околу Working Mom и TrixieBox и каква улога игра повратната информација од заедницата во обликувањето на вашите иницијативи?

Нашето правило е – не се фокусираме на квантитет, туку на квалитет. Некогаш е џабе да имаш илјадници луѓе во твојата заедница, ако никој од нив не ги купува твоите продукти или не ти доаѓа на настани. 

Многу ни е важен личниот контакт со нашите клиенти. Редовно се среќавам на кафе-дружба со мајките од заедницата, а до неодамна и лично ги доставувавме нашите подароци до домовите на купувачите.

Личен и професионален раст

  • Кои се клучните лекции што ги научивте од вашето претприемничко патување и како тие влијаеа на вашиот личен и професионален живот?

Да не ја занемаруваме грижата за себе. Како мајки веруваме дека ја владееме вештината за мултитаскинг. Дека можеме да бидеме секаде. Да направиме сѐ што се бара од нас. Честопати и на сметка на нашето физичко и ментално здравје.

Свесни сме дека батеријата на телото ни е на 2%, ама упорно продолжуваме да функционираме исто како да ни е на 100%. 

Тоа многу добро го сфатив на своја кожа, кога пред неколку месеци телово ми даваше сигнали да успорам малку, да олабавам. Но не, јас упорно си ја терав агендата за летото. Со главата во ѕид, секако.

Како резултат на тоа, во повеќе наврати занемарувањето на грижата за себе си го земаше својот данок – изгубив глас пред важна презентација, завршив на инфузија поради исцрпеност, железото ми беше на најминимално ниво во животот, за прв пат во животот имав температура од 40 степени. 

Ја научив лекцијата на потешкиот начин. Денес, се грижам за својата благосостојба преку редовно вежбање, масажа, третмани, читање книги, дружба со луѓето што ме полнат со позитивна енергија, кажување НЕ на нешта и луѓе што ми ја одземаат радоста.

Грижата за себе не значи дека сте себични – туку дека се трудите да бидете најдобрата и најздравата мајка за своето дете.

  • Кои се вашите идни планови за Working Moms, TrixieBox и вашата фриленс работа? Дали постојат нови проекти или иницијативи за кои сте возбудени?

Со TrixieBox, периодов подготвуваме сет картички со неделни предизвици за грижа за себе наменети за мајки, инспирирани од нашите лични искуства. 

Креираме и Baby Milestones грепка каде што ги вклучивме моментите што ни донеле најмногу радост, биле инспирација за многу насмевки и фотографии и секако – по некоја солза радосница.

Дополнително работиме и на неколку интересни весници за откривање на пол на бебе, момински забави, свадбени прослави, подароци за гости на свадба и слично. 

И со платформата Working Mom имаме полни раце работа. Освен подготовка за курсот за враќање на работа по породилно, интензивно работиме на отворање на невладина организација. 

Целта ќе ни биде да се фокусираме на најголемите предизвици што ги мачат родителите како грижата на совест, занемарување на своето психичко и физичко здравје, чувството на изолација преку градење заедница, едукација, герила маркетинг кампањи и борба за подобри работни услови за родителите.

Совети 

  • Кој совет би го дале на идните претприемачи, особено на мајки, кои сакаат да започнат свој бизнис додека управуваат со повеќе улоги?

Како мајки, се враќаме неколку чекори назад за да земеме залет што ќе ни помогне да бидеме уште поуспешни професионалци. Цврсто верувам дека мајчинството ќе им помогне да го извадат на површина потенцијалот што долго време тлеел во нив. 

Децата ни се мотивација плус да успееме, да бидеме пример за тоа мало суштество што нè чека дома што значи да бидеш посветен, реализиран и успешен родител. 

Кои тековни трендови во дигиталниот маркетинг ги сметате за особено возбудливи или релевантни за вашата работа?

На почетокот сметав дека вештачката интелигенција е мој најголем непријател, бидејќи ми “украде” неколку проекти за пишување блогови. Но, денес, Gemini е мојата најдобра другарка и десна рака (и двете сме близнаци во хороскоп, па затоа така добро се согласуваме).

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...