Професии на иднината: Дали сме подготвени за работни позиции кои не постојат – сѐ уште?

од 24HR

Kолумна на Катерина Златановска Попова, советничка за развој на кариера и тренер за меки вештини

Во свет каде што вештачка интелигенција компонира музика, ровери го истражуваат Марс подготвувајќи го за населување на милион луѓе, а лажни содржини и видеа можат да влијаат врз претседателски избори — иднината од научно фантастичните филмови веќе е тука. Добредојдовте во ерата на Индустрија 5.0, каде технологијата не само што работи за нас, туку соработува со нас!

И колку и да звучи неверојатно… има нови слободни работни места. Според извештајот на Светскиот Економски Форум објавен во јануари годинава, 92 милиони работни места се очекува да исчезнат, но на сметка на тоа, 170 милиони нови работни места се во фаза на креирање. ( Целиот извештај може да го погледнете тука: https://www.weforum.org/stories/2025/01/future-of-jobs-report-2025-jobs-of-the-future-and-the-skills-you-need-to-get-them/)

Прашањето е: Дали се подготвуваш за професии кои сè уште не постојат, но наскоро ќе бидат неопходни?

Еве шанса да ги запознаеш трите највозбудливи професии на иднината.

Инженер за тераформирање: Архитект на други светови

Заборави на “програмер”. Новиот сон е да бидеш Инженер за тераформирање (Terraforming Engineer). Овие визионери имаат задача да ги претворат непогодните и ненаселени планети во идни живеалишта. Од згуснување на атмосферата на Марс до засадување на алги што создаваат кислород – овие инженери ја комбинираат науката за климатските промени, роботиката и инженерството, биоинженерството и вештачката интелигенција за да ја направат вселената и мистериозните планети па дури и Месечината, населиви и прикладни за живот.

Зошто е важно? НАСА и SpaceX веќе тестираат технологии за создавање автономни бази на Марс. До 2040 година, инженерите за тераформирање ќе бидат меѓу најбараните експерти во истражувањето на вселената.

Сакаш да бидеш дел од ова? Започни со студии по еколошко инженерство или биотехнологија.

Етичар за вештачка интелигенција: Чувар на одговорната примена на технологијата

Вештачката интелигенција повеќе не само што препорачува песни – таа влијае на вработувања, медицински дијагнози и дури и судски одлуки. Но, кој се грижи таа да биде фер?

Токму тука стапува експертот Етичар за вештачка интелигенција (AI Ethicist) – професионалец што проверува алгоритми, открива пристрасност и обезбедува дека системите се во согласност со човековите права и етичките вредности.

Зошто е важно? Истражувањата покажуваат дека до 80% од ВИ системите имаат вградена пристрасност. Без етичка контрола, ризикуваме технологијата да ги зајакне неправдите наместо да ги реши.

Сакаш да го смениш светот преку етика? Комбинирај информатика со филозофија, право или социологија. Ретка, но мошне важна комбинација.

Детектив за длабоки лажни содржини : Дигитален чувар на вистината

Во свет каде што не можеш повеќе да веруваш на тоа што го гледаш и слушаш, потребен е нов вид супер херој: Верификатор на длабоки лажни содржини (Deepfake Verifier). Овие специјалисти користат ВИ, дигитална форензика и алгоритми за да откријат измамнички видеа, фотографии и аудио.

Зошто е важно? До 2030 година, се предвидува дека 90% од онлајн содржините ќе бидат синтетички создадени. Овие професионалци ќе бидат клучни во медиумите, безбедноста, правдата и финансискиот сектор.

Те влече технологија и логика? Научи Python, машинско учење и дигитална анализа. Ако сакаш да решаваш загатки и да ја штитиш вистината – ова е твојот пат.

Што им е заедничко на овие професии?

  • Се темелат на меѓудисциплинарност – наука + етика (хумани вредности) + креативност + технологија и дигитални алатки
  • Се водат од мисии со смисла – заштита на планетата, правдата и иднината
  • Сѐ уште не се масовно присутни – но побарувачката веќе расте

Како да ја “осигураш” својата кариера за иднината?

Навраќајќи се на промените во работните места кои се трансформираат додека го читаш овој текст, без разлика дали си ученик, студент, професионалец или родител – клучот е во една моќна вештина – прилагодливоста. Професиите на иднината бараат не само технички вештини, туку и критичко размислување, тимска работа и силно развиена емоционална интелигенција.

Најдобриот совет за иднината?

“Учи како да учиш и учи постојано што повеќе различни и навидум неспоиви вештини.”

Иднината им припаѓа на оние кои размислуваат паметно, брзо и лесно се прилагодуваат, подготвени се за доживотно учење, дејствуваат одговорно и сонуваат големо – без разлика дали на Земјата, или на далечна црвена планета.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...