Со заедничка мисија, да се намали загадувањето и да се подобри квалитетот на воздухот во Скопје, студентите на водечката македонска едукативно-технолошка организација Бреинстер (Brainster) викендов креираат апликација за детектирање и пријавување на загадувачите.
Во соработка со стартапот Air Care (Мој Воздух), Бреинстер организира два хакатона, на кои студентите ќе ја создадат платформата Breathe.mk. Оваа апликација што во иднина ќе ја користат граѓаните ќе овозможи следење и пријавување на загадување на воздухот, по што на терен ќе излезат инспектори за животна средина од Град Скопје.
На првиот Air Care – хакатон, кој се одржува овој викенд (7 и 8 октомври) во просториите на Бреинстер, ќе биде креиран план за развој на продуктот, маркетинг стратегија и UX/UI дизајн на платформата. На вториот хакатон, кој ќе се одржи на 28 и 29 октомври, студентите ќе работат на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности.
„Како водечка едукативно-технолошка организација во нашата земја имаме обврска за организирање на најголемите образовни настани од овој тип. Двапати во годината ги собираме нашите студенти на едно место – на хакатоните во живо. Овој месец го почнуваме и ќе го завршиме со хакатони. Како компанија се заложуваме да креираме општествено одговорни проекти, кои даваат позитивен продонес на заедницата. Ова е четврти хакатон на Бреинстер, овој како и претходните, го насочуваме кон општествено корисни цели. Па така досега организиравме хакатони за рециклирање, за сајбер-безбедност на млади и друго. Овојпат ќе се посветиме на едно многу горливо прашање – загадувањето во Скопје! Како организација веруваме во инвестирање во дигитални решенија и апликации што ќе прават добро за заедницата, а исто така веруваме дека нашите студенти ќе ги креираат тие решенија. Овојпат, соработуваме со Air Care и со Град Скопје, за кои ја креираме апликацијата Breathe.mk. Се надевам дека сите заедно на овој хакатон ќе влијаеме Скопје, а и цела наша држава да дише почист воздух“, изјави Јана Тодоровска, тим лидер на „Партнерства“ во Бреинстер.
На првиот хакатон учествуваат стотина студенти од креативните академии на Бреинстер: графички дизајн, дигитален маркетинг, UX/UI дизајн и проект и продукт менаџмент. На вториот хакатон ќе се активираат студентите од техничките академии: Front-End, Full Stack, Data Science, Software testing, Проект и продукт менаџмент, како и студентите од првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), од програмата за Софтверско инженерство и иновации. Хакатоните се реализираат како дел од програма за учење и работа на реални проекти на Академиите и факултетот на Бреинстер.
Алекс Долстра, иницијатор на Breathe.mk, го истакна значењето на оваа соработка во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје.
„Денеска го одбележуваме отпочнувањето на револуционерниот проект, Breathe.mk, кој има за цел да ја подобри борбата против загадувањето на воздухот во Скопје преку соработка помеѓу градот, институциите и нејзините граѓани. Со заедничката визија за дишење почист воздух, Breathe.mk ветува дека ќе донесе значајно подобрување на квалитетот на воздухот, со вклучување на градските инспектори и жителите, со здружени сили. Загадувањето на воздухот е глобална грижа, а Скопје не е исклучок. Признавајќи ја сериозноста на ова прашање, Градот Скопје зеде проактивен став со распоредување на широка мрежа од 220 станици за мониторинг на квалитетот на воздухот.
Овие станици, стратешки поставени низ градот, постојано собираат податоци
за параметрите на квалитетот на воздухот. Со активно вклучување на жителите во процесот на пријавување на инциденти со загадувањето на воздухот или загадувачи, проектот предвидува зајакнување на ефикасноста на градските инспектори, зголемувајќи ја нивната ефективност до четири пати. Ние веруваме дека решавањето на загадувањето на воздухот е колективна одговорност, а Breathe.mk е завет за ова верување. Нашиот проект охрабрува симболична конекција помеѓу градските инспектори и граѓаните, каде што заедничките информации доведуваат до заеднички резултати”, рече Долстра и посочи дека оваа иницијатива се резизира со повеќе поддржувачи и пријатели од Холандија, Белгија, Германија и Македонија.
Преку апликацијата корисниците ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот само со оставање е-адреса или со регистрација на платформата.
Идејата е пријавите да стигнат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.
„Би сакала да им се заблагодарам на Бреинстер и на Алекс Долстра за иницијативата. Минатата година, благодарение на Долстра, почнавме со поставување на густа мрежа со сензори, која ја започна Град Скопје, а потоа се прошири. Од првите 40 сензори што ги поставивме, сега имаме околу 200. Ова е нешто најдобро што можеше да му се случи на градот, имајќи во предвид со колкаво загадување се соочуваме. Многу важно за нас е да знаеме кои се причинителите на загадувањето. Како некој што се соочил со канцер, и има членови на семејството и пријатели што се соочиле со оваа подмолна болест, ги замолувам студентите на овој хакатон ќе дадат сѐ од себе и ќе направат апликација за доброто на сите“, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Корисниците на Breathe.mk. Ќе можат да поднесат извештаи за загадување на воздухот, со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.