Во многу компании, јули и август се сметаат за период на „паузирање“. Вработените се на одмор, календарот е речиси празен, проектите мируваат. Но токму во тие тивки месеци, HR има можност за нешто што ретко доаѓа на ред во хаосот на годината: да погледне одозгора, да преиспита, да постави нови рамки.
Наместо летото да го поминеме во чекање на „вистинската сезона“, можеме да го претвориме во простор за стратешка подготовка – со лесен тон, но со јасна цел.
Внатрешните процеси секогаш на последно место
Во текот на годината, HR често се фокусира на решавање на проблеми во движење – интервјуа, административни прашања, одлуки „на лице место“. Летото нуди простор да ги погледнеме работите што стојат во папката „кога ќе имаме време“. Описите на работни места, политики што одамна не се прегледани, onboarding материјали кои не одговараат на реалноста, сето тоа заслужува нова верзија. Не затоа што се проблематични, туку затоа што времето се менува, а со него и луѓето.
Мали тренинзи со голем ефект
Кога е тивко, луѓето слушаат подобро. Куси, неформални сесии, онлајн или во живо, можат да бидат добар повод за team reconnect. Не мора да бидат технички. Често најдобро поминуваат теми како комуникација, управување со време, или градење на доверба. Летото е идеално време за тоа кога енергијата е помирна, а вниманието послободно.
Во некои компании, како што е Hubspot, токму летото се користи за внатрешно споделување на знаење преку кратки сесии секој петок кои се неформални, без притисок, но со јасна вредност.
Мерење на пулсот без анкети од 50 прашања
Во овој период може да се направи мала летна анкета која нема да биде формалност, туку ќе го одразува компанискиот слух за потребите на вработените. Неколку прашања околу мотивацијата, очекувањата, и потребите за есен се доволни за HR да добие насока за понатаму. Поважно од самото прашување е што ќе се направи по тоа. Дури и еден краток мејл со: „Ги разгледавме вашите одговори и еве што ќе пробаме“ има поголема вредност наместо тишина по формуларот.
Стратегијата за септември почнува сега
Најуспешните HR оддели не го чекаат „први септември“. Тие го користат летото да го постават календарот за наредните месеци: планирање на обуки, дефинирање на потреби за нови вработувања, ажурирање на системи. И што е уште поважно – поставување на очекувања. Бидејќи секој есенски напор се темели на летна јаснотија.
Летото во HR не мора да биде спектакуларно. Доволно е да биде тивко, фокусирано и внимателно. Од тие месеци се раѓа стабилната есен.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.