Зошто во 2005 година главна цел ми беше дигитализација на ЧР процесите, а истата ми претставува приоритет и во 2022?

од 24HR

2005

Во 2005 година прв пат имав можност да ја посетам Централната банка на Холандија и да започнам 10 годишна соработка, со колегите од Одделот за ХР, кои ги сметам за свои ментори во раните фази на мојот развој како специјалист/менаџер за човечки ресурси. Во тоа време бев млад правник во кадровската служба на Народната банка и имав уште две колешки виши референти за работни односи.  Веќе од претходната година бев на неколку едукации во странство за менаџмент и почнаа да ми се отвораат нови перспективи за развој на тогашното кадровско одделение во ЧР оддел.

Почнував да навлегувам се повеќе во проблематиката и конечно со колегите од централната банка на Холандија имав можност да го зборувам заедничкиот јазик за развој на ЧР процесите. Сакав да дознаам се во однос на менаџментот со човечки ресурси и патот кој го поминале, и сметам дека тоа љубопитство во работата и ден денес ме одржува во кондиција да се чувствувам како млад ентузијаст кој придонесува за развој. Впрочем додека учиме сме млади!

Првиот состанок и првата лекција: Ми треба тим! Искуството на централната банка на Холандија кои како јасна определба имале воведување на сите ЧР процеси било такво што ги довело мануелно да обработуваат информации за 1600 вработени. За таа цел тимот во ЧР достигнал 100 вработени!!! Одеднаш ѕид, непремостив! По оваа математика за 400 вработени, колку што имаше Народната банка ќе ми требаат 25 вработени, невозможно, тогаш толку ЧР специјалисти имаше во целата земја. Продолжува мојот ментор Питер Бек: Сега сме 40 вработени во ЧР одделот. Имплементиравме софтвер за управување со човечки ресурси со што ги дигитализиравме процесите и сега можеме преку интерна платформа да ги држиме конците за интеракција со вработените. Со тоа се оптимизираше и работењето и бројот на вработени во ЧР.

Си мислам, со новата математика ми требаат 10 луѓе во Одделот за ЧР на Народната банка. Но, за да дојдам до тоа, ми треба софтвер за управување со човечки ресурси!

Се вратив на работа после прекрасната работна посета на Амстердам, полна со нови идеи и воља за работа. Пробав да го пренесам ентузиујазмот на останатите колеги, за жал никој не беше заинтересиран ниту возбуден околу новите идеи за ЧР. Сеуште не го зборуваа мојот јазик…

Тогаш решив самоиницијативно, да си поставам цел, да направам техничка спецификација за софтвер за управување со човечките ресурси. Со сите информации кои ги донесов со себе, следеше неколку месеци истражувње и пишување на техничката спецификација, конечно барањето отиде до нашата ИТ служба и беше оценето многу позитивно. Дополнително истражија дали има логика да се изработува интерно или да се купи, и со оглед што во светски рамки имаше решенија на пазарот огласивме јавна набавка со тогаш скромен буџет со кој светско решение не можеше да се добие. И како следствен тек на настаните една реномирана ИТ компанија во земјата ја препозна шансата и изработи софтверско решение базирано на нашата техничка спецификација во која процес по процес во менаџментот со човечки ресурси беа опишани сите чекори, влезни информации и излезни извештаи. Со години го имплементиравме и подобрувавме заедно и вистина, со него се создаваше системскиот пристап, се развиваа процесите и порасна интересот за ЧР, и полека се формираше и ЧР тимот, кој кога си заминав во 2018 година броеше 9 луѓе.

2022

Денес, како сопственик на ВИТА ИНСТИТУТ и еден од главните експерти, се залагам за дигитализација на ЧР процесите која ја предлагаме како трајно решение во консултантството за воспоставување на системи за управување со човечки ресурси. Нашите најголеми проекти во моментот за модернизација на компаниите вклучуваат поставување на стратешки ЧР процеси и нивна дигитализација. Ексклузивен партнер сме на софтверското решение, кое има светски квалитет и инкорпорира KNOW-HOW за развој на ЧР процесите и нивна интеграција. Во изминатите 3 години го имплементиравме во повеќе компании во Македонија и Косово, со вкупно над 3000 корисници на софтверот, од различни сектори: дистрибуција, продажба, хотелиерство, фармација, приватно здравство и тн… Во меѓувреме FLEDGEHR ги освојува и словенечкиот, чешкиот, српскиот и други пазари.

Со ефикасниот и брз начин на дигитализација, компаниите го оптимизираат работењето и бројот на вработени во одделот за ЧР, но и ги зајакнуваат своите менаџерски структури бидејќи ова решение е менаџерска алатка за управување со луѓето. Ги има сите процеси од поставување на организациска структура која овозможува раст и развој на компанијата за целите на бизнисот, модул за вработување, вовед во работа, модул за присуство и отсуство, модул за перформанси, поврзан со модул за наградување, центар за проценка на компетенции, кариерен центар, развој на таленти, модул за обуки и развој како и сателитски модули како управување со таскови, снимање на организациска клима, 360 оценка на менаџери и фидбек за менаџери и тн…

Дигитализацијата е единствениот начин компаниите како трајна вредност по периодот на конултантскиот ангажман да продолжат со целосна примена на новините, како и овозможува следливост и контрола на квалитет на процесите во менаџментот со човечки ресурси.

Секако, одлуки во врска со луѓето треба да носат луѓе, што значи дека дигитализацијата не ја намалува човечката одговорност туку помага за поголема објективност во носење на менаџерските одлуки. Паралелно со дигитализацијата потребно е да се работи и на подигнување на лидерските и менаџерските капацитети на сите кои управуваат со луѓе.

Самиот софтвер упатува на личната одговорност на менаџерите во процесите за менаџмент со човечки ресурси, неговото користење ги зголемува нивните менаџерски  вештини. Секако менаџерите за човечки ресурси во компанијата се задолжени за следење на квалитетот во спроведување на овие процеси и при нивните интервценции, софтверот нуди аргументи, како и многу можности за аналитика и доаѓање до егзактни информации во врска со состојбите и потребата од подобрување.

За авторот:

Христина Лозаноска е Бизнис коуч & Менаџмент консултант/ Сопственик на ВИТА ИНСТИТУТ, со искуство во развој на лидерството и трансформација на организациска култура. Експертизата на Христина е во областа на организацискиот развој, воспоставување на ЧР системи, како и дијагностика и развој на корпоративна култура

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...