Човечките ресурси е многу интересна и предизвикувачка област во која има место за сите. Штом еднаш влезете во HR, засекогаш ќе останете таму. Со оваа професија ќе имате можност да учествувате во клучни аспекти од една компанија, вели Неда Спасевска од Xessable за порталот 24HR.
Да се биде HR професионалец во една динамична и брзорастечка индустрија како што е ИТ претставува големо задоволство, но и предизвик за кој е потребно безрезервно вложување, труд и љубов кон самата професија. Денес разговараме со Неда Спасевска – HR Менаџер со повеќе од 15 години искуство во администрација и ИКТ секторот, а од 2015-та година работи во областа на човечките ресурси во аутсорсинг работни средини. Нејзината приказна во Xessable започна во 2019-та година кога е вклучена во сите стратешки процеси поврзани со човечките ресурси, а нејзин главен предизвик и фокус е регрутацијата и развојот на вработените. Прочитајте го целото интервју со Неда Спасевска во рубриката „Љубов кон HR“.
Која е Неда Спасевска?
Неда е… Во обид да се себе идентификувам и одвојам од сум не сум, некако за себе ми е најтешко да пишувам или барем да почнам. Веројатно прво што ми паѓа на ум за себе би рекла: мајка на две мали прекрасни момчиња, борец за правда и доследност, амбициозна и сериозно посветена на кариерата. Вози велосипед како хоби, ужива во добра серија и сака да меси пита (читај повеќе желба отколку реализација).
Баш ги прашав пријателите што да напишам за себе? Ми рекоа „ете кажи дека правиш најубаво кафе“. Па да, си велам, и тоа припаѓа на оваа секција.
Можеби моите пријатели и колеги можат побогато да го пополнат овој пасус. Ете една сугестија/идеја на тема „рекоа за“.
Што ве натера да се вљубите во HR како професија?
Самата професија е составен дел од она што сум. Комплексно е да се објасни, меѓутоа некако природно и интуитивно ми прилега оваа професија. Токму затоа што сум алтруист и вечен оптимист. HR e мултидисциплинарна, динамична професија која, како што еден драг професор на Академијата на Инсититут Концепт велеше, „нема мир во HR” (верувам ќе се препознае ако ме чита), a тој чекор соодветно се вклопува во моите визии за тоа како треба една работна позиција да изгледа. Имам голема слобода во креирање и спроведување на интерните процеси. Комуникацијата со луѓе е моето форте, а мојот дискурс се движи кон тоа да си ги познавате луѓето и да може да ги разберете.
Од каде почнавте и како изгледа вашата кариерна патека?
Кариерната патека токму во HR не се одвиваше како што јас си замислив на почетокот. Почнувајќи од идејата да завршам студии за англиски јазик и книжевност, реалноста која ме дочека и работниот предизвик кој го добив во тој момент (офис менаџер на интернационален проект), ме наведе да одлучам да ги ставам студиите во мирување, а понтатаму ме однесе на сосема поинаква страна во хоризонтала.
Првично со елементите на кадрово работење се запознав / стекнав во 2005-2006 година но во тоа време навистина малку се знаеше и се прифаќаше HR како термин воопшто, а дотолку помалку како посебен сектор од една компанија. Обично тоа беа задачи кои решаваа кадровски прашања, а беа во склоп на секторите за финансии или администрација. Бев вклучена и ангажирана во процесите на регрутација и тестирање на кандидати во една граджена компанија. Се грижев за работните часови, одмори и боледувања и сл.
Понатаму, мојата кариера заради сплет на околности и едно интервју иницирано за деловен асистент, на крајот заврши во понуда за работа како специјалист за продажба на софтвер и хардвер. Тука и покрај продажните активности, бев задолжена и за онбординг и тренинг на нови вработени, иако не според стандарди, но бев прва линија за сите нови колеги кои доаѓаа во компанијата. Бев среќна и не ми преставуваше проблем да го правам тоа спонтано. Бидејќи немавме програма, барав методи и читав литература како поинтересно и полесно да им го направам тој преод од Newbie кон редовен вработен. Фидбекот кој го добивав понатаму од сите менторирани колеги ми разбуди жар дека ова навистина сакам да го правам. Драго ми е уште ден денес, добивам по некоја порака од нив, заборавена мотивациска лепенка на нивните нотеси, или цртеж да не се откажуваат и дека мора да успеат… сето тоа ми вели дека не сум погрешила.
За жал, во 2015 сè уште немаше слух за HR активности во компанијата, а на мојата визија и желба за кариерен развој и немаше крај па решивме да се разделиме и да продолжам понтатаму да си го барам моето место.
Следи повторно асистирање во службите за Човечки ресурси, офис менаџмент, се додека пред околу 4-5 години официјално добив нова работна позиција во компанија која се бави со Тalent Мanagement и се запознав подетално со методите за пребарување и регрутација на кадар од Холандија, но и други Европски земји. Благодарна сум бидејќи научив многу, како од колегите така и од менаџментот кои беа добри ментори и експерти од таа индустрија. Секако тоа влијаеше и на личен и професионален развој.
Велат внимавај што посакуваш – може и да ти се оствари. Па така од 2019 ми се оствари големиот сон, работам како HR во Xessable, компанија со чиј дух и визија си кликнавме веднаш. Тој клик трае и се надополнува и постојано градиме и растеме заедно со сите мои колеги. Горда сум на сите до еден од нив. Имам одличен тим. Нема запирање… Небото е лимит?
Кое е вашето најголемо достигнување?
Секој успех на колега/колешка во поглед на кариерен план ме радува. Уште повеќе ако низ разговор сум поттикнала да се разбуди некоја идеја. Веројатно и секое успешно вработување и приклучување на нов колега/колешка во тимот е достигнување. Има навистина многу.
Најважно од сè е што не сум сама и тимски се работи во секој аспект. Лично за мене најголема сатисфакција доаѓа од тоа кога некој нов процес, алатка или настан е токму тоа што некој од моите колеги сакал да го чуе или види.
Воедно во оваа 2020 можеби вредно да се спомене како најголемо достигнување е што HR е исправен пред огромен предизвик од пандемијата и водечка сила во ова невреме. Драго ми е што заедно со тимот успешно го променивме работниот режим од канцеларија – дома и комбинирано, а притоа го одржавме тимскиот дух сплотен, комуникацијата остана транспарентна, нашите вработени се безбедни и сигурни, а бизнисот има континуитет.
Што би им порачала Неда на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?
Човечките ресурси е многу интересна и предизвикувачка област. Има место за сите. Пред сè, да можат да се визуелизираат себе си како дел од еден поголем мозаик. Во нашата држава сè повеќе има компании кои се грижат за своите вработени и HR позициите сè повеќе се актуелни. Изберете сè, изберете една гранка, што и да решите, еднаш во оваа фела верувам и засекогаш ќе останете. Со оваа професија ќе имате можност да учествувате во клучни аспекти од една компанија. Да помогнете вработените еднакво да бидат третирани, да помогнете да се надминат разлики во расудувањето, да се почитуваат различности, да се научат животни лекции. Да се биде HR професионалец може да направи разлика во кариерата кај вработените.
Неда Спасевска за порталот 24HR:
„24HR е од огромно значење за ЧР заедницата. Оваа професија бара континуирано учење и проширување на диjапазонот. Да се остане во чекор со сите трендови е непроценлива вредност.“
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.