Колумна на Јасмина Антиќ Атанасовски – експерт за човечки ресурси со повеќе од 15 години постојана работа со луѓе и лиценциран советник за кариера, тренер и ментор во повеќе области.
Не е воопшто мит, фактот дека луѓето кои работат во секторите за човечки ресурси во рамки на компаниите се адвокати, психолози, кариерни советници, „магионичари“, советници за здравје, приватни и професионални проблеми… just name it! Слободно дополнете ја листата.
Ќе се сложат со мене многу од колешките и колегите дека со темпото и обемот со кои ние работиме, понекогаш се наоѓаме под огромен притисок и континуиран стрес, за кои најчесто никој од страна нема никаков слух.
И не, не се жалиме, не го велам ова за да нѐ прикажам како жртви, напротив.
Ќе сработиме сѐ што е потребно, ќе смириме ситуација, ќе ги најдеме потребните и најдобрите луѓе за вработување, ќе учествуваме активно во промовирање на бизнисот и компанијата секогаш и секаде, 24/7, ќе работиме на политики и процеси, на стратегии… Бидејќи тоа сме ние ејЧаРите.
Туку, ме мачи она што го слушам во последно време од моите колеги – ги губат своите работни места заради политика на кратење на трошоци во рамки на компаниите каде што работеле. Ковид кризата лошо влијае на бизнисот, мораме да кратиме. Кој би заминал прв, ако не оние од човечки ресурси и евентуално администрација…
Никогаш нема да се сложам дека кога е тешко, треба да го отфрлиме од игра оној кој во изминатите години бил целосно предаден на бизнисот, дишел со бизнисот и дал огромен придонес во неговиот развој! Има една латинска „Nemo resideo.“ која нѐ учи никогаш да не оставаме човек позади, што би значело во сѐ сме заедно. Успесите и кризите ги поминуваме заедно.
Апсолутно неприфатливо е отпуштањето од работа на менаџерите за човечки ресурси бидејќи во рамки на компанијата има реорганизација, па ете, не е потребна повеќе таа работна позиција. Во овие кризни периоди, оние сопственици на бизниси кои ја гледаат „големата слика“, кои мислат на долгорочна одржливост на бизнисот, се рамо до рамо со своите ејЧаРи. Тие знаат дека секоја помош и поддршка сега, ќе значи задоволни вработени, спроведени политики и процеси и стабилност.
Другари, овие менаџери, овие ваши и мои колеги кои припаѓаат на ЧР секторите се лицето на вашата компанија, тие се баферот меѓу менаџментот и вработените, тие се амбасадори на вашиот бренд, тие се тука за вас и компанијата достапни 24/7.
Да, пазарот на труд е динамичен, се случуваат промени, треба да се прилагодиме, но ве молам, не ме убедувајте дека не ви е потребна повеќе душата на вашата компанија!
За авторот:
Јасмина Антиќ Атанасовски е експерт за човечки ресурси со повеќе од 15 години постојана работа со луѓе. Лиценциран советник за кариера, тренер и ментор во повеќе области, вечен оптимист и вљубеник во спортот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.