Зошто е важно да бидете на LinkedIn?

од 24HR

Создаден да им помогне на професионалците полесно да се поврзат со останатите луѓе од својата индустрија, LinkedIn во последно време стана многу популарен во светот, но и во Македонија.

LinkedIn е најпозната социјална мрежа за професионалци. За тоа говори бројката од 500 милиони регистрирани корисници од над 200 различни држави во светот.

Во Македонија, бројот на регистрирани корисници на LinkedIn е 188.789, a тоа се 19.8% од вкупното работоспособно население. Споредено со минатата година, бројот на регистрирани корисници во нашата земја се зголемил за 11.2%.

Па, што гледаат луѓето во LinkedIn и на што се должи неговата популарност?

Одговорот на ова прашање ќе го најдеме ако се вратиме назад во 2016 година кога еден важен настан го трасираше правецот во кој ќе се движи социјалната мрежа. Мајкрософт го купи LinkedIn за 26.2 милијарди долари.

Од тогаш до денес, благодарение на технологијата и визијата на Мајкрософт, LinkedIn од вообичаена социјална мрежа каде луѓето споделуваат работни искуства, достигнувања и информации за својот бизнис или индустрија се претвори во место каде компаниите активно се поврзуваат со своите потенцијални кандидати за вработување.

Така, со текот на времето, LinkedIn стана важна алатка за работобарателите и компаниите, а особено за регрутерите кои го користат како основен извор за пронаоѓање на нови таленти.

Зошто е важно да бидете активни на LinkedIn?

LinkedIn нуди безброј можности кои ќе ви помогнат да напредувате во вашата кариера. Тоа е одлично место за да ја покажете вашата експертиза преку содржините кои ги споделувате, да комуницирате со вашата заедница преку корпоративни страни и групи и да разменувате искуства со другите преку директни пораки.

Исто така, LinkedIn ви овозможува секојдневно да ја градите вашата професионална мрежа, нешто што е речиси невозможно да се направи на другите социјални мрежи.

Еве неколку дополнителни причини за тоа зошто е корисно да имате профил на LinkedIn:

LinkedIn е најдоброто место за градење на личен бренд

Вмрежувањето (кого знаете) и личниот бренд (што е тоа што луѓето го знаат за вас) е многу важно во светот на бизнисот. Мене лично неколкупати ми се има случено да се појавам на состанок и од луѓе кои за првпат ги запознавам да слушнам „еј, па тебе те знаеме од LinkedIn“.

Личниот бренд не се гради преку ноќ. За тоа е потребно да споделувате содржини, мислења и ставови кои се релевантни за вашата индустрија и професија, а не постои подобра и пошироко користена алатка за да го постигнете тоа од LinkedIn.

Вашите идни вработени се на LinkedIn

Луѓето веќе не бараат работа на старомоден начин. Во реалноста, дури 75 од кандидатите кои смениле работно место не барале активно работа во последните три месеци. Ова значи дека тие биле препорачани или регрутирани.

Благодарение на LinkedIn Recruiter, премиум алатка за пребарување на таленти, вие не само што ќе го скратите времето за пронаоѓање на вистинските кандидати, туку и ќе ја зголемите ефикасноста на вашиот процес на регрутација.

Бесплатно знаење на дофат на рака

Поврзувањето со вистинските луѓе во вашата индустрија може да ви донесе непроценливо знаење кое ќе може да го примените во вашата секојдневна работа. Доколку сте дел од некоја регионална или глобална компанија, можете да ги следите праксите на компанијата во останатите земји и први да дознавате за сè што се случува таму.

Тука е и платформата за учење, LinkedIn Learning, на која може да се претплатите и за само 20 долари месечно да имате пристап до над 15.000 онлајн курсеви за кои добивате дигитален сертификат видлив на вашиот LinkedIn профил. На платформата, од време на време се достапни и бесплатни курсеви кои може да ги следи секој што има профил на LinkedIn.

Можност да градите мрежа која ќе ви користи подоцна

Дури и ако во моментов сте задоволни од вашата работа, сепак треба да бидете на LinkedIn. Сите знаеме како работите одеднаш можат да тргнат на лошо. И што ќе направите тогаш?

Ќе се потпрете на вашата масивна мрежа на LinkedIn! Но, ако не започнете да ја градите сега, не можете да ја искористите тогаш кога ќе ви биде најпотребна.

 

 

0 коментар
5

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...