Се поголем број компании ја користат најголемата социјална мрежа за пополнување на отворени работни позиции.
Живееме во време кога секој има профил на Facebook. Статистиката покажува дека дури 80% од пасивните кандидати кои не бараат работа, во одредено време од денот ја користат оваа социјална мрежа. И ако до овие кандидати пласирате добра содржина, постои добра веројатност истите да создадат перцепција за вашата компанија како нивна следна дестинација за вработување. Па, од каде да започнете доколку сакате да го користите Facebook за пронаоѓање на одлични вработени?
Таргетирајте го идеалниот кандидат
Една од најголемите предности на социјалната мрежа Facebook е во тоа што нуди опција за таргетирање на огласи. Компаниите огласувачи можат да ја изберат публиката за секој поединечен оглас врз основа на локација, возраст, интереси, степен на образование и други информации кои Facebook ги складира за секој корисник.
Ова значи дека ако се обидувате да пронајдете вработени во вашиот град, можете да ги таргетирате вашите огласи до корисници кои се наоѓаат во радиус од 10 километри од вашето седиште.
На грануларно ниво, ако се обидувате да ангажирате програмер, може да ги насочите вашите огласи кон луѓе кои имаат интерес за различни програмски јазици од типот на JavaScript, C++ и слично.
Потоа може да одите и уште подлабоко, односно да се запрашате како би изгледал идеалниот кандидат кој потполно би се вклопил во вашата компанија. Кои се неговите хобија, што прави во слободно време и слично.
При таргетирањето на вашиот идеален кандидат најважно е да ги знаете неговите клучни карактеристики, без притоа да исклучите голем број на други луѓе бидејќи често се случува вашиот иден вработен да е поразличен од вашите очекувања.
Употребувајте привлечни фотографии
Откако ќе го одредите вашиот идеален кандидат, време е да размислите како треба да изгледа огласот за вработување.
Една од првите работи што треба да ја направите е да се уверите дека вашиот оглас има неверојатно привлечна фотографија која го отсликува вашиот бренд како работодавач.
Тоа може да биде портрет или видео од некој вработен, фотографии од вработени за време на некој корпоративен настан или нешто слично кое се однесува на работната позиција во вашата компанија.
Бидете кратки и јасни
Освен фотографијата, на социјалните мрежи е важен и самиот пропратен текст кој ќе оди со неа. Во некои случаи, текстот е поважен дури и од самата фотографија.
Не плашете се да бидете неформални, особено ако работното место кое го нудите е релативно опуштено. И, секако, бидете кратки, јасни и концизни.
Една или две реченици со јасен повик за акција (Аплицирај) е сè што ви е потребно за атрактивен и привлечен оглас на социјалните мрежи.
Ако огласувате работна позиција, бидете сигурни дека ќе го додадете линкот кон кој треба да води огласот за вработување. Доколку пренесувате некоја генерална порака, кандидатите може да ги насочите кон вашата кариерна страница каде што можат да дознаат повеќе за слободните работни позиции.
Најважно е да бидете сигурни дека кандидатите нема да се изгубат во процесот, односно ќе можат јасно да оценат кој е следниот чекор што треба да го направат откако ќе го видат вашиот оглас.
Објавувајте генерални и конкретни огласи за вработување
Досега зборувавме за конкретни огласи за вработување, меѓутоа добро е да знаете дека можете да одите и со неколку генерални повици за прибирање на апликации дури и кога немате слободни работни позиции.
Зошто некој би платил да рекламира работно место кое сè уште не е отворено? Би го направил тоа бидејќи Facebook е најефикасен извор за регрутирање кога компаниите го користат својот бренд како работодавач за да ја наполнат својата база со потенцијални кандидати.
И наместо да започнувате од нула секој пат кога имате работно место за пополнување, вие со помош на дигиталниот маркетинг и социјалната мрежа Facebook можете да создадете постојат прилив на апликанти кои во секое време може да ги контактирате и да им понудите работа.
Мерете ги резултатите
Facebook ви нуди одлични статистики кои ќе ви дадат информации за бројот на луѓе кои ги виделе вашите огласи и направиле било каков вид на интеракција со нив.
Дури и ако релативно брзо ги пополнувате вашите отворени работни места, секогаш водете сметка за бројот на луѓе кои ги гледаат вашите огласи, кликовите на копчето за аплицираање, како и нивните коментари и реакции.
Ова ќе ви помогне да согледате во кој правец се движи вашата компанија како работодавач, дали постои ризик од недостиг на профили на кандидати кои ви се потребни и каква е перцепцијата за вашата компанија во јавноста.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.