Секој пат кога објавувате оглас за вработување, неопходно е да напишете и опис на работното место.
Описот на работното место ни овозможува да ги опфатиме најважните резултати кои се бараат од вработените за добро да ја извршуваат работата. Тоа е еден вид на алатка за комуникација што му кажува на вработениот каде завршува неговата работа и започнува работата на некој друг.
Улогата на описот на работното место е и да ја утврди позицијата на вработениот во рамките на одделните тимови, сектори и организацијата во целост. Или со други зборови, да им помогне на другите вработени да ги разберат границите на одговорностите на вработеното лице.
И конечно, описот на работното место е составен дел од процесот на планирање на развој на перформансите. Без нив како водич, невозможно е вработениот да зборува со својот претпоставен за својата позиција и улога во компанијата.
Ефективен опис на работно место гарантира поквалитетни кандидати
Вашата цел при регрутирањето на нови вработени е да ги најдете најсветлите, најквалитетните, флексибилни и одговорни вработени на пазарот. За луѓето кои размислуваат да ѝ се приклучат на вашата организација, описот на работното место ги дефинира параметрите на позицијата за која аплицираат.
Ефективниот опис на работно место постигнува неколку значајни цели за вашата организација:
- Го принудува менаџерот на позицијата и сите други вработени да се договорат за одговорностите и обемот на работното место;
- Им овозможува на одговорните за човечки ресурси да ги разберат знаењата, вештините, образованието, искуството и можностите што се бараат кај новиот вработен;
- Ги информира кандидатите за должностите и одговорностите на позицијата за која аплицираат;
- Ги информира вработените кои го прават интервјуто да им ги постават вистинските прашања на кандидатите и
- Гарантира правна заштите бидејќи покажува зошто избраниот кандидат е најквалификуваниот и најдобриот профил за пополнување на работната позиција.
Како до ефективен опис на работно место
Процесот на развој на описи за работни места се состои од неколку клучни чекори:
1. Екипирајте ги соодветните луѓе
Менаџерот под чиј домен е отворената работна позиција треба да биде тој што ќе го предложи обемот на задачи и одговорности кои ќе ги извршува вработениот. Исто така, вработените кои се на слични позиции можат да дадат значителен придонес во создавањето на ефективен опис на работното место. Доколку ги имате на располагање, нивната експертиза ќе ви биде од помош.
2. Направете анализа за работното место
За да создадете добар опис на работното место, потребна ви е секоја релевантна информација за позицијата. Тие информации може да ги добиете преку анализа на работното место која вклучува:
- Обврски на тековните вработени;
- Примери од описи на работни места на слични позиции;
- Разгледување на работни должности, задачи и одговорности што треба да ги изврши вработениот на позицијата;
- Истражување и споредување со други компании кои имаат слични работни позиции и
- Артикулација на најважните резултати или придонеси на позицијата.
Компоненти на описот на работното место
Кај описите на работни места постои едно едноставно правило кое гласи: колку повеќе информации може да соберете, толку полесна ќе биде вашата задача при креирање на описот на работното место. Ова се најчестите компоненти кои ги содржи описот на работното место:
- Општ опис на позицијата со наведени општи области на одговорност;
- Основни функции на работата опишани со неколку примери за секоја од нив;
- Потребно знаење, вештини и способности;
- Опис на другите специфики на работното место и
- Опис на работната средина.
Зошто е важно да имате добар опис на работните места
Ефективниот опис на работата воспоставува основа за вработениот да може јасно да разбере што треба да стори за да се развие лично и да придонесе за успехот на вашата организација. Затоа, развивајте описи на работните места кои на вработените ќе им служат како компас за покажување на вистинската насока во вашата организациска средина.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.