Научете како да ги искористите можностите кои ви ги нуди LinkedIn и унапредете ја вашата стратегија за регрутирање и вработување на врвни таленти.
Регрутацијата како процес драстично се промени во последните неколку години. Во минатото, регрутирањето значеше да се објави оглас во некој весник или огласник, а потоа да добиете соодветни кандидати за отворената позиција. Тоа беше долг, но плоден процес.
Но, во денешно време, регрутирањето може да се направи со врвот на палецот. Се што ви треба е смартфон и веб страна каде што ќе може да регрутирате.
Во последно време, LinkedIn е една од најдобрите интернет платформи за вмрежување, каде освен што може да се градат релации со луѓето во вашата индустрија, може да се користи и како извор за потенцијални кандидати за вработување. Токму затоа и голем број работодавци го препорачуваат LinkedIn како одлично место за регрутирање на таленти.
Сепак, регрутерите и компаниите треба да имаат предвид некои работи пред да се одлучат да регрутираат кандидати преку најголемата професионална платформа LinkedIn. Денес, ги споделуваме најдобрите совети за тоа како да се користи LinkedIn во процесот на регрутација.
Направете профил на компанија
Првиот чекор е вие и вашата компанија да станете видливи на LinkedIn. Тоа можете да го постигнете преку креирање на бесплатен профил на компанија (Company Page) кој редовно ќе го ажурирате со податоци и ќе го користите за споделување на информации за вашите производи и услуги, искуствата на вашите вработени и можностите за кариера кои ги нудите. Покрај тоа, добро е да објавувате релевантни и интересни содржини со цел бројот на следачи да расте од ден на ден.
Скрининг и верификација на кандидати
LinkedIn е корисен за регрутерите бидејќи тој покажува целосна слика за способностите на кандидатот, како надополнување на тоа што е наведено во кратката биографија, апликацијата за работното место и краткиот вовед за себе. Затоа, важно е да знаете дека LinkedIn може да се користи и за скрининг и верификација на способностите, ингеренциите и вештините на кандидатите. Може да ги проверите вештините за кои кандидатот има добиено пофалба од своите конекции, препораките, образованието, претходното работно искуство, како и интересите на кандидатот на самата платформа.
Користете ја опцијата InMail
Функцијата InMail е многу корисна кога ќе дојде време да им пристапите на кандидатите. Ова е всушност приватно сандаче на LinkedIn за испраќање на приватни пораки до кандидатите. Доколку немате premium профил, оваа опцијаа ви е овозможена само со луѓето во вашата мрежа. Покрај тоа, на платформата може да објавувате и огласи за вработување, но тоа е една од услугите за кои LinkedIn дополнително наплаќа. Но, доколку немате предвиден буџет за тоа, и натаму можете бесплатно да ги споделувате вашите огласи на платформата и во релевантните групи во кои членувате.
Зачленете се во групи и редовно објавувајте на вашиот профил
Групите на LinkedIn се одличен начин за пронаоѓање на кандидати, а регрутерите можат бесплатно да ги споделат информациите за отворените работни позиции во нив. Дополнително, користете ја секоја прилика за да споделите некоја релевантна информација со вашите конекции бидејќи на тој начин се зголемува и вашата мрежа на луѓе. Запомнете дека LinkedIn, за разлика од останатите мрежи, фунцкионира на база на искреност и поради тоа не мора да сте маркетинг експерт за да напишете некоја објава која ќе ја постигне својата цел.
Користете ја секцијата Q&A
Неодамна, LinkedIn воведе една нова и интересна опција која ви овозможува да им поставите прашање на експертите и влијателниет лица во вашата индустрија. Несомнено, ова може да ви помогне и при пополнување на работни позиции.
Поврзете се со мрежата на вашите соработници
LinkedIn е многу пријателски расположен во однос на идентификување и поврзување со други луѓе кои не ги познавате лично. За таа цел, кога ќе ја градите вашата мрежа, започнете да се поврзувате со конекциите на вашите соработници – овие профили LinkedIn ги нарекува конекции од втор степен – а тоа можете многу лесно да го направите со клик на копчето Invite.
Мерете го успехот
На LinkedIn, регрутерите и компаниите можат да го измерат успехот во регрутирањето преку интегрирање и следење на истите метрики што се користат и на другите платформи. За компаниите кои сакаат да го согледаат својот успех во регрутирањето, постои опцијата Talent Brand Index каде работодавците можат да измерат колку е добар нивниот процес на регрутација во рамките на платформата.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.