Карадаков: Мисијата на 7-от симпозиум на БАС е да го свртиме фокусот на современите практики, успешни приказни и менаџерски пандемиски и постпандемиски предизвици

од 24HR

Интервју со Даниела Карадаков – Претседател на програмскиот одбор кој го организира 7-от симпозиум на БАС кој започнува на 7ми мај 2021 во 10:00 часот.

На 7ми мај 2021 започнува седмиот симпозиум во организација на Бизнис академија Смилевски – БАС и БАС Институтот за менаџмент. Кажете ни нешто повеќе за настанот?

Мисијата на симпозиумот е проучување на современите трендови во работењето на организациите и јавно презентирање на согледувањата за нив. Намерата е да се поттикнат, а со тоа да се рашират споделените искуства, новонаучените лекции и добрите практики. Овогодинешниот симпозиум има фокус на актуелните случувања во современите трендови на работењето на организациите во пандемиски услови, како и нивните очекувани идни предизвици.

Темата која ја избравте за оваа година е „Успешни практики во време на пандемија и идни менаџерски предизвици“. Со какви предизвици се соочија менаџерите во 2020, односно 2021 година?

Самите околности во кои денес работиме и дејствуваме ја одредија темата за седмиот симпозиум. На симпозиумот учесниците ќе имаат можност да споделат успешни практики и идни менаџерски предизвици со фокус на научените лекции од промените и современите менаџерски практики во услови на пандемија, нивните погледи и пристапи за идните менаџерски предизвици во пандемиски и постпандемиски услови, споделување на предизвиците и ризиците од работењето од дома, како и утврдување потребите и можностите од понатамошна дигитализација на работата, работните процеси, работните места и сл.

Каква е агендата на овогоднишениот симпозиум? Кој се ќе се претстави таму?

Во рамките на симпозиумот ќе се случат два настани.

Првиот настан е панел дискусијата Менаџерски муабети 4 кој е бесплатен за сите интересенти кои сакаат да ги слушнат пандемиските и постпандемиските менаџерски предизцвици на четворица истакнати менаџери од РС Македонија. Панел дискусијата ќе се одржи на 07.05.2021 година со почеток во 10:00 часот.

По завршување на панел дискусијата ќе се одржи VII стручен симпозиум во чии рамки ќе бидат презентирани трудовите на учесниците на овој симпозиум. Учесниците се искусни бизнисмени, практичари, менаџери, консултанти, професори, наставници и др. кои ќе ги презентираат своите успешни практики во време на пандемија и ќе ги споделат нивните идни менаџерски предизвици. Симпозиумот се одржува истиот ден со почеток во 12:00 часот.

Како дел од симпозиумот се одржува и панел дискусијата МЕНАЏЕРСКИ МУАБЕТИ 4. Кои се говорниците и за што ќе зборуваат?

Менаџерски муабети 4 е современ концепт во организација на БАС преку кој на специјално одбрана и актуелна тема се дискутира со истакнати стручњаци од практиката, бизнисмени, луѓе со богато менаџерско искуство. За оваа година тема на Менаџерски муабети 4 се Пандемиските и постпандемиските менаџерски предизвици. Панелисти на оваа панел дискусија ќе бидат истакнати менаџери во својата област и тоа:

  • Маја Станковска Костова – Генерален директор на Кроациа осигурување живот АД Скопје;
  • Владимир Трпаноски – Комерцијален директор на П.И. Витаминка АД, Прилеп;
  • Бобан Козаров – Менаџер за деловен развој на Sara Fashion, Скопје;
  • Божидар Ивановски – Директор за продажба и маркетинг на Кодинг – Горска, Скопје.

Регистрација за учество на оваа панел дискусија може да се направи на следниот линк http://simpozium.bas.edu.mk/registration/ .

Кој се може да учествува на таа панел дискусија?

На панел дискусијата може да учествува секој оној кој што сака да слушне успешни панедмиски практики, да научи нешто од споделените искуства и практики на истакнатите менаџери, да провери како нештата и работите се движат и успеваат и во услови на пандемија, да спознае што се очекувањата и идните предизвици на организациите каде што работат овие менаџери. Значи панел дискусијата е отворена за сите кои што сакаат да согледаат успешни практики и да понесат научени лекции за лични и деловни промени на работното место.

Која е вашата порака до сите што сакаат да присуствуваат на симпозиумот?

Мора да признаеме дека денес сме опкружени со бројни информации, пред се лоши вести кога станува збор за Covid-19. Изложеноста на оваа негативност не може, а да не влијае на нас. Психологијата вели за да го надминеме овој примарен аларм потребно е да го потопиме со работи кои се позитивни, пријатни и охрабрувачки. Токму затоа преку Менаџерски муабети 4 и преку VII симпозиум сакаме да го свртиме фокусот на современите практики, на успешните приказни, на менаџерските пандемиски и постпандемиски предзвици. Да научиме нешто повеќе од меѓусебното искуство, да излеземе победници од оваа неочекувана „војна“.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...