Интервју со Кристина И. Капсарова, COO (Chief Operating Officer) во Personal Programmer.
Кристина И. Капсарова е COO (Chief Operating Officer) во холандската ИТ компанија Personal Programmer. Позади себе има богато 10 годишно искуство, а нејзиниот фокус е менаџирањето со човечки ресурси и кариерниот развој на софтвер инженерите од организациите од ИТ секторот. Нејзиното најголемо достигнување е да се биде позитивен пример, тимски играч и лидер за сите во организацијата не преку елаборирање, туку преку „засукани ракави“ и работа, како во дејноста, така и на себе. Денес, во рубриката Љубов кон HR на 24HR, ја споделуваме нејзината HR приказна.
Која е Кристина И. Капсарова?
Сакам на себе да гледам како тимски играч и лидер кој преку посветеност, неуморна работа, постојано учење и надградување на секое поле е позитивен пример и мотивација за тимот на Персонал Программер. Во ИТ светот се оди глобално и толку брзо што можам слободно да кажам дека уживам во динамично секојдневие како COO (Chief Operating Officer) во холандска компанија која има клиенти и соработници во Холандија, Соединетите Американски Држави, Канада, Швајцарија и Србија, а јас сум нишката која спојува интересни и разнолики работни култури. Неизмерната поддршка, волјата за успех, амбицијата и разбирањето ги добивам од семејството, а тоа ми дава неизмерна мотивација за како личен така и професионален раст и развој.
Што ве натера да се вљубите во HR како професија?
HR за мене претставува среќа, човечност, емпатија, нешто што дава можност за личен и професионален интегритет, нешто што ги менува и крои животите на луѓето, а тоа е она што ме натера да се вљубам во професијата. Секој заслужува да е среќен на работното место, доста време се поминува на истото и сметам дека успешните менаџери за човечки ресурси „ги бива“ да создадат работна околина со задоволни и среќни лица, успешни и исполнети со она што го работат. Секој човек е добар во нешто, природно е талантиран и наклонет кон некоја вештина или стекнал определено знаење со учење, раст, развој и труд, но „магијата“ на HR е во можноста да открие која е таа „супермоќ“ и да ги доведе на иста линија работните обврски и секојдневните задачи со желбата, мотивацијата, можностите и визијата на луѓето, па така тие посветено, со заеднички цели и страст да допринесат како најдобро знаат и умеат кон организацијата.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Се започна со љубопитноста што е тоа што го прави човекот подобар, како „работата го создала човекот“ различен, посебен, секој поединец – приказна за себе, а функционира како колектив на ниво на група, организација, општество, како еволуираме како човечки битија и како задоволството од работата не прави исполнети, реализирани, задоволни и лојални кон една организација. Средното мултиетничко економско училиште ми помогна да сфатам дека сите сме како единки различни и посебни, но толку слични кога станува збор за секојдневните мали нешта кои не исполнуваат. Факултетот по англиски јазик ме научи дека покрај тоа што различностите се богатство тие се и непресушен извор на знаења кои правилно искомуницирани, на било кој јазик, се клучниот „петти елемент“ кој гарантира успех. Низ годините осознав дека она што мене ме мотивира и исполнува е љубовта кон работата со луѓе, а следствено и полето на човечките ресурси кое одговара на голем дел од моите прашања. Во таа насока се одлучив за ХР магистерски студии и секогаш динамичниот ИТ свет. Морам да кажам дека сум неизмерно благодарна што Персонал Программер и сопствениците во Холандија се компанија со многу верба во талент и потенцијал и имаа доверба во мене и цел ХР тим од самиот почеток. Ми дадоа голема одговорност да ги достигнам нивните очекувања, но и отворени можности да го работам она што го сакам како најдобро знам и умеам па покрај секојдневните обврски се фокусирав на менаџирањето со човечки ресурси и кариерниот развој на софтвер инженерите од организациите од ИТ секторот. По десетина години искуство и многу вредна работа, секако тимски со најдобриот “girl power” ХР тим, преку работа на далечина која нам ни е секојдневие многу одамна можам да се пофалам дека функционираме во лесна, пријатна, нестресна работна атмосфера, се надополнуваме, растеме, и топло ги пречекуваме новите колеги кои постојано ни се придружуваат кон 50 членото семејство.
Вашето најголемо HR достигнување?
Да издвојам најголемо достигнување е многу тешко, бидејќи поголемите достигнувања кои го менуваат светот се засновани на вредна, долгорочна и упорна работа и цел. Сметам дека достигнувањата во ХР се тешко мерливи, не се некаков пишан труд или броеви, туку се однесуваат на позитивен пример кој сите го почитуваат, сакаат да го следат и веруваат во него. За мене големо достигнување е да се биде позитивен пример, тимски играч и лидер за сите во организацијата не преку елаборирање, туку преку „засукани ракави“ и работа, како во дејноста, така и на себе. Природно секогаш и од секој може нешто да се научи, да се осознае и да се отворат нови хоризонти, а тајната е љубопитност и желбата за знаење. Во ера во која информациите и комуникациите ни се на дланка, на еден клик, а со работата од дома стануваме се поинтровертни суштества, мора да се дополнуваме, менуваме, подобруваме и надградуваме бидејќи тоа е единствен начин да зачуваме емпатијата, човечноста и продуктивноста.
Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во HR?
Секому за било која кариера и да размислува би му препорачала да се проба и да види дали тоа што теоретски изгледа примамливо, така е делотворно и во пракса. Упорност, вредна работа, посветеност и многу разбирање кон луѓето. Добро запознавање со пазарот на труд и сите сегменти на ХР, особено процесот на интервјуирање како запоставен во смисла однос и фидбек и кон неодбрани кандидати. Да се има на ум дека се работи со највредниот ресурс на секоја организација, и тоа од медијаторска позиција секогаш во „средина“. Притисокот е голем бидејќи секоја информација треба да се разбере, предвиди како може да влијае и да се пренесе најточно и најпрецизно до сите во, но и вон организацијата. Можеби најдобра сугестија е свесност за значењето на ХР и соочување со предизвикот дека она што примарно ги издвојува успешните организации од неуспешните е човечкиот капитал како највреден, најзначаен и најтешко заменлив.
Што мислите за порталот 24HR?
24HR е веројатно и првиот сериозен портал за човечки ресурси во Македонија кој може да се искористи за тековно информирање, експертско знаење, валидно искуство, а преку сето тоа и напредок во полето на ХР. Вашиот портал е одлична творба, треба да сте пример како се допринесува со „споделување знаење“ базирано на стручност. Благодарна сум што ни давате можност да учиме едни од други, да споделиме искуства и да можеме да се информираме за нешта кои ни се од големо значење и помош во секојдневната работа.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.