Микросам – 30 години генијалност и иновативност

од 24HR

Компанијата „Микросам“ прослави триесетгодишно постоење како вистински бренд амбасадор на Македонија во светот!

Пред точно 30 години во градот под Марковите Кули е основана компанијата „Микросам“ како друштво за електроника, дизајнирање и производство. За кратко време, компанијата прераснува во конкурентно претпријатие и тоа во светски рамки како производител на машини за современи композитни материјали.

Иако започнува со прилично мал број инженери и универзитетски професори, „Микросам“ со текот на времето континуирано инвестирала во големи производствени капацитети во насока на развој на софистицирани, специјализирани машини.

Денес, „Микросам“ е модерна компанија која се состои од луѓе со различни искуства во различни полиња за производство на модерни машини кои заеднички имаат произведено и успешно инсталирано повеќе од 260 производни линии во околу 43 земји низ светот ставајќи ја Македонија на светската карта.

“Горди сме што постигнавме да прославиме триесетгодишно постоење на Микросам како вистински бренд амбасадор на Македонија во светот! Нашето растење и продуктивност зависат од многу фактори како, нашиот исклучителен тим на вработени, почитувани клиенти и соработници кои допринеле за прекрасни три децении на постоење. Овие години ни беа навистина исполнети со креативна работа, бура на различни идеи, непрекината работа, безброј часови поминати во организирање, контролирање и лично и професионално усовршување на секој од нас. Продолжуваме и понатаму да го докажуваме нашиот потенцијал и капацитет задоволувајќи ги и најкомплексните решенија во областа на високата технологија и современи композити“, велат од Микросам.

„Микросам“ ќе го одбележи својот триесетгодишен јубилеј со изложба на своите дела во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, почнувајќи од следниот петок на 05.03.2021 до 25.03.2021, почитувајќи ги сите мерки за заштита и превенција од коронавирусот.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...