„Фидбек 360“ може да се дефинира како анонимен процес на оценување на перформансите на вработените при што вработениот е колективно оценет од страна на своите подредени, колеги и менаџери.
За голем број компании, немањето на повратни информации за она што навистина се случува во нивната организација е еден голем хендикеп кој ги засега сите аспекти на бизнисот. Еден од начините со кој може да се соберат тие повратни информации е добро познатата техника „Фидбек 360“ која станува сè поупотреблива и покорисна алатка од страна на голем број професионалци за човечки ресурси.
„Фидбек 360“ може да се дефинира како анонимен процес на оценување на перформансите на вработените при што вработениот е колективно оценет од страна на своите подредени, колеги и менаџери. Тоа им помага на организациите да стекнат корисен увид во нивото на организациско лидерство, тимскиот дух и целокупната култура на компанијата.
За спроведување на една ваква евалуација од 360 степени, се препорачува да имате структуриран формат. Без структуриран формат, одговорите кои се дадени во слободна форма може да доведат до генерирање на голем број некорисни информации кои нема да му помогнат на менаџерот да го трасира патот по кој треба да оди еден вработен. На крајот на денот, важно е да се дестилираат корисни и активни повратни информации кои ќе го покажат вистинскиот перформанс на вработените.
Одговорот на барањето за евалуација од 360 степени може да биде особено корисен во организации кои имаат изградено култура на доверба. Во средини на добра волја, вработените сакаат да им дадат до знаење на своите менаџери кога некој нивни колега добро си ја сработил својата работа. Тие, исто така, би сакале да видат подобрување во областите каде некои од вработените имаат негативно влијание врз перформансот на останатите.
Според ова, може да заклучиме дека „Фидбек 360“ е од клучно значење за да се развие способност кај вработените да разберат и да дејствуваат адекватно на повратните информации кои во исто време ќе им овозможат поефикасно да придонесат кон целите на организацијата.
Како да спроведете „Фидбек 360“ во вашата компанија?
Предноста на оваа техника е што можете да изберете еден сет на прашања кои ќе ги користите во повеќе циклуси на оценување. Исто како што имате една генерална онбординг програма за новите вработени, така може да изберете и еден репрезентативен примерок на прашања кои ќе се фокусираат на специфични аспекти од работењето на вработените и секоја година да воведувате или одземате по некое прашање без да ја изгубите основата на анализата.
Indeed.com, следејќи ги вештините кои работодавците ги бараат во нивните огласи за вработување, направи еден примерок на прашања кои може да се користат за „Фидбек 360“, а ќе дадат повратни информации за тоа како вработените се чувствуваат во организацијата.
Лидерство
- Дали вработениот покажува лидерски квалитети на својата позиција?
- Ако одговорот е да, можете ли да наведете примери за тоа како тој/таа позитивно придонесува преку неговото или нејзиното лидерство?
- Ако одговорот е не, наведете како вработениот може да ги подобри своите лидерски квалитети?
Интерперсонални односи
- Какви меѓучовечки односи демонстрира вработениот кога работи со своите колеги?
- Дали сте имале каков било проблем со конкретниот вработен?
- Како би му препорачале на вработениот да ги подобри своите меѓучовечки односи?
Решавање на проблеми
- Дали вработениот ефикасно ги решава проблемите?
- Ако е така, кои се вештините што ги демонстрира при решавањето на проблемите и изнаоѓањето на решенија?
- Ако не, во кои области сметате дека треба да има подобрување?
Мотивација
- Дали сметате дека вработениот е мотивиран да ги извршува своите работни задачи?
- Како вработениот ја покажува својата мотивација и посветеност кон успехот на компанијата?
- Дали сте искусиле некоја потешкотија поврзана со степенот на мотивација на вработениот?
Ефикасност
- Дали методите и пристапот на вработениот кон работата и постигнување на позитивни резултати постојано се подобрува?
- Дали постојат области за подобрување кои би му ги препорачале на вработениот за да ја подобри својата работа?
- Дали постојат некои области за подобрување кои би му ги препорачале на вработениот, а кои ќе ја подобрат вашата работа?
Овие пет примери на прашања дефинитивно ќе ја подобрат ефективноста на вашата анализа од 360 степени и ќе ви помогнат подобро да разберете каква клима владее и што навистина се случува во вашата организација.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.