Чудесниот работник – Одговорноста на HR Менаџерот

од 24HR

Колумна на Бјанка Катру – Менаџер за човечки ресурси и администрација во М КЕШ

Чудесниот работник е рефлексија од истоимениот филм (The Miracle Worker) посветен на Хелен Адамс Келер (1880 – 1968), првата глува и слепа личност што се има стекнато со факултетска диплома, а подоцна и познат активист, учител и автор на многу дела.

Нејзината непоколеблива сила на упорност и амбиција докажаа дека човекот и неговиот талент, неговиот ум и интелект се незаменлива алатка во секоја пора на цивилизацијата, од уметноста до високата технологија. Иако, според духот на времето живееме во таканаречената ера на деконструкција, што филозофски ја воспостави Жак Дерида кон крајот на 20. век со карактеристиките на постмодерното општество кое во крајни размери атомизираше сè во општеството за да се добие една глобализирачка технократска цел, која претендира кон губење на моќта на индивидуата, сепак за среќа се покажа поинаку.

Дерида, кој во една прилика изјави дека најевтин предмет на потрошувачка ќе биде човекот во орвеловска смисла, сепак не се поништи незаменливата улога на човечкиот фактор во работата на човекот, HOMO FABER, значи човекот кој твори, креира размислува, иновира, мотивира и дава ефикасен продукт.

Човекот е во центарот на работењето на секој процес, мисловен или трудов, затоа што изворот на креацијата е во неговиот ум. Едукацијата го гради интелектот, погледот кон светот и му дава стручно оружје во рацете и умот на оној кој во иднина ќе работи. Едукацијата без практично употребен ум е празно акумулирано знаење.

Колку повеќе се развива светот толку поголема е потребата од креативни поединци

Живееме во корпоративен свет на доминантни деловни структури, дури и со глобални размери. Во морето на умовите на пазарот на трудот, во тој океан на знаење и стекнати едукативни верификации, незаменлива е улогата на HR Менаџерите. Во тие капки, HR Менаџерот мора да ја препознае вистинската вредност и да ги обедини капките кои во одреден контекст на деловна компанија ќе станат моќен бран на прогрес, одржливост, креативност и ефикасност  на компанијата.

И, пред сè, да ги препознае тие што мотивираат продуктивно, за да можат да ги повлечат и оние кои немаат лидерски способности.

HR Менаџерот самиот по себе е лидер

Но тој не би бил тоа доколку нема чувство да открива нови лидери, да позиционира кадри во одредени сегменти на компанијата кои како локомотиви ќе ги влечат своите оддели. HR Менаџерот во раситнетото мнозинство на вработени во својата компанија треба да го склопи мозаикот на целината низ структура на концентрични кругови во кои поентата е центарот да биде оставен на најспособните и најамбициозните, а потоа одговорностите концентрично да се шират кон другите сегменти на компанијата создавајќи пирамида на функционална спирала на професионално дејствување од најниското до највиското ниво, со што нема да постојат важни и неважни туку синхронизирани позиции на секого со крајна цел ефективна, конкурентна и прогресивна компанија, со што во практиката на забрзаното животно и деловно темпо ќе се потврдат зборовите на гореспоменатата Хелен Келер… “Alone we can do so little, together we can do so much”. Тоа е всушност слика на деловната организација на компанијата како перманентно променлив, адаптибилен, иновативен и мотивиациски  деловен организам кој непрекинато мора да пулсира во деловниот свет.

Одговорноста на HR Менаџерот е да го одржува тој пулс и неговото темпо со правилен избор на кадри, нивна правилна селекција, соодветно распоредување и постојано унапредување на индивидуален и тимски развој.

Способностите не се засекогаш зададени. HR Менаџерот треба да ги идентификува промените и новите потреби во деловниот свет и така да го насочи и да инвестира во кадарот што тој ќе го искреира, и на тој начин компанијата станува огледало на успешноста или неуспешноста на HR функцијата во компанијата.

Затоа, клучот за успехот на компанијата е во неговите раце бидејќи тој ја има одговорноста да препознае кому ќе му ја отвори вратата.

За авторот:

Бјанка Катру е Менаџер за човечки ресурси и администрација во Финансиското друштво М КЕШ. Во 2007 година се стекнува со титула Дипломиран политиколог и специјалист по човекови права на Универзитетот Американ Колеџ, а во 2009 станува Магистер за Менаџмент на човечки ресурси. Се води по мудрата мисла дека знаењето е моќ, но однесувањето создава почит.

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...