Љубовта кон Менаџментот на Човечки ресурси беше љубов на прв поглед

од 24HR

„Љубов кон HR е првата рубрика на 24HR која ќе опфати серија интервјуа со најголемите имиња од HR индустријата кои со нас ќе ги споделат причините и мотивите за нивната љубов кон луѓето. Денес разговараме со Александра Аргир, долгогодишен професионалец во областа на Менаџмент на Човечки ресурси и основач на ВЕРИконсалтинг.

Велат дека ако го работите она што го сакате, нема да работите ниту еден ден во животот. За да се увериме во тоа, моравме да ја пронајдеме вистинската личност, некој што целиот свој живот го работи тоа што го сака. И погодете што се случи – наместо ние да ја најдеме неа, таа не пронајде нас. Во еден здив ни раскажа за својата љубов кон работата, своите почетоци во HR-от и достигнувањата на кои секогаш ќе биде горда, но да започнеме од почеток, која е Александра Аргир?

За себе можам да кажам дека сум искусен професионалец со 20 години работно искуство во областа на Менаџмент на Човечки ресурси. Своето знаење, вештини и работно искуство ги стекнав, развивав и надградував работејќи за две интернационални компании за производство и продажба кои и денеска сè уште се лидери на пазарот и во индустријата во која делуваат. Имам пасија за луѓето, едноставно ги сакам луѓето, уживам да им бидам поддршка и да им помагам во нивната работа од перспектива на Човечки ресурси и менаџмент, а се со цел да бидам една алка која ќе им овозможи на компаниите да растат и да ја постигнат нивната мисија. Верувам дека секторите за Човечки ресурси се тука да обезбедат поддршка, помош, да насочуваат и да ги водат луѓето, да развиваат доверба во компанијата, чувство на припадност, почит во секоја смисла, да им помагаат на лидерите да покажат инклузивно лидерство со цел да бидат успешни преку нивните луѓе.

Ја сакам својата професија, со голема енергија и полет ѝ се посветувам и постојано учам и се надградувам. Сметам дека само со континуирано учење можеме да одиме напред и да бидеме задоволни. Како енергична, упорна, професионална, отворена, искрена, дискретна и посветена индивидуа имам визија Менаџментот на Човечки ресурси во нашата земја да достигне едно многу повисоко ниво, зошто само преку луѓето и вложувањето во нив можен е континуиран и оддржлив развој, и пред сè побрз раст. Одлучив да продолжам во консултантските води оформувајќи ја ВЕРИконсалтинг со една визија да помогнам во развојот на луѓето и да им бидам поддршка на компаниите да ја развиваат свеста за Менаџмент на човечки ресусри, да го воведуваат и развиваат секторот за Човечки ресурси кај себе како една многу важна компонента во одржливиот развој и растот на компаниите. Сите мои досегашни достигнувања секако не би биле возможни без поддршката од моето семејство, на кое целосно му се посветувам и кое е моја поткрепа.

Александра ни раскажа и за својата љубов кон HR-от, како и за причините кои ја натерале да се вљуби во оваа професија.

Љубовта во Менаџментот на Човечки ресурси беше љубов на прв поглед. Ме привлече можноста да создавам континуирана вредност за луѓето и компаниите, можноста да изнаоѓам различни начини за решавање на проблеми, да учам континуирано. Го сакам Менаџментот на Човечки ресурси бидејки постојано расте и се менува. Никогаш не е досадно и секогаш е полн со предизвици. Уште поинтересно е што бизнисот и работата е сè за луѓето. Оваа професија ми дава можност да помогнам другите да бидат подобри. Инволвираноста во сите нивоа во организациите од горе па до основните нивоа и во секоја функција е нешто што дополнително ме привлече. Со неколку зборови, можноста преку луѓето и со луѓето да се остваруваат оргомни резултати правејќи ги да бидат упорни, горди, лојални, среќни вработени, иновативни, вработени кои прифаќаат промени, кои континуирано учат и се посветени на компанијата и нејзиниот континуиран раст.

Позади нејзиниот успех има една многу интересна приказна која се однесува на првите професионални чекори и развојот на нејзината кариера. Ја прашавме Александра од каде започнала и како изгледаше нејзината кариерна патека за да стане тоа што е денес.

Кога ќе погледнам наназад, тоа е мошне интересна приказна. После завршувањето на факултетот за Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје на универзитетот Св. Кирил и Методиј каде покрај Педагогијата ја изучував и Андрагогијата како наука за образование за возрасни, патот ме водеше кон работа во училиште. Но, тоа траеше само 6 месеци, бидејќи одлучив сепак да се посветам на образованието како област но, во правец на развој.

Шансата ми се отвори станувајќи дел од тимот на програмата на Европската Унија за Реформа на средното стручно образование раководена од Канцеларијата на Европската Унија и експерт од Данска. Таму започнав како асистент на Стратешката група за создавање на Стратегија за реформа на средното стручно образование во соработка со Министерството за Образование, Министерството за Труд и социјална политика, Средните Стручни училишта и Универзитетот Св. Кирил и Методиј. После 8 месеци бев унапредена да ги водам проектите за прекугранична соработка, обуката на координаторите од Средните Стручни училишта и односите со јавноста на програмата. Во меѓувреме бев испратена и на студиско патување во Данска каде 5 месеци го истражував Данскиот систем за Средно стручно образование и работев како дел од тимот на Интернационалниот оддел на Техничкиот колеџ во Алборг.

По завршувањето на програмата аплицирав во Тутунскиот Комбинат Скопје (тогашна REEMTSMA, сега Imperial Tobacco TKS), за работно место Менаџер за Развој на вработени, но после евалуацијата ми беше понудено работно место Менаџер за Човечки ресурси кое за мене беше огромен предизвик. Го развивав сектотор за Човечки ресурси, ги развивавме сите системи и алатки во доменот на Менаџмент на Човечки ресурси. Со целиот менаџерски тим и сите вработени успеавме за краток рок да достигнеме над 65% удел на пазарот, стартувајќи од само 5% удел на пазарот. После седум прекрасни години, се придружив на тимот на Пивара Скопје АД (CCHellenic & Heineken JV) како Менаџер за Човечки ресурси каде останав 12 години. Горда сум на времето поминато во Пивара Скопје АД, бидејки како и јас така и сите вработени успешно ги минувавме сите предизвици, бележевме големи успеси, нормално пропратени со многу труд, енергија, посветеност, од година во година бележејќи раст.

После скоро 20 години дел од интернационални компании, решив да одам на следното скалило кое беше дел од мојот план од почетокот на мојата кариера, а тоа е консултантството.

Успехот не е случаен. Тој е резултат на години вложен труд, упорност и љубов кон тоа што се работи. Па затоа, следно, ја прашавме Александра за своето најголемо HR достигнување со кое особено се гордее, на што таа ни одговори:

Ако погледнам наназад на годините поминати на позицијата Менаџер за Човечки ресурси има многу нешта на кои сум горда, бидејќи се нешта создадени со многу труд, учење, упорност и љубов. Ако морам да издвојам, би рекла дека тоа е градењето на секторите и тимовите за Човечки ресурси и во двете интернационални компании. Горда на тимовите и луѓето кои ги запознав, водев, работев со нив. Заедно изградивме и имплементиравме системи кои станаа додадена вредност за компаниите, кои имаа удел во постојаниот раст на компаниите, системи со кои успеавме да ги зголемиме и подобриме сите КБИ-ри во делот на ЧР, вклучувајки го и задоволството на вработените, развојот на таленти и аквизиција на таленти, менаџментот на трошоци, интерната комуникација, менаџментот на плати и бенефиции итн.

Човечките ресурси важат за доста интересно поле за помладите генерации. Прашавме каква порака има Александра за сите кои размислуваат за кариера во HR?

На оние што размислуваат за кариера во HR пред сè би им препорачала првично да се запознаат со тоа што е Менаџмент на Човечки Ресурси и со сите негови функции, бидејќи многу често луѓето сметаат дека знаат што е тоа и кога ќе започнат со кариера во HR изненадувањето е големо. За да работите во HR многу е важно да процените дали како личности ви одговара да започнете, да се развивате и растете во HR. Тоа значи:

  • да ги сакате луѓето, да сакате да помогнете, да сте лојални, со развиено структурирано размислување, да сте одлични комуникатори, да сте самодисциплинирани, да имате високо ниво на самомотивација, да сте човек од доверба, да знаете да пренесете знаење, да сте тимски ориентирани, да сте иновативни, да знаете добро да го менаџирате стресот, да знаете објективно да проценувате, да сте упорни и да верувате во себе, да сте насочени кон континуирано учење и развој
  • да имате визија што сакате да направите
  • да знаете стратешки да размислувате
  • да бидете флексибилни
  • да разбирате бројки и да сте добри со бројки
  • да имате партнерски однос со сите
  • да знаете да превземете ризик
  • да бидете инспиративни и
  • да имате високо развиени вредности.
Луѓето кои се занимаваат со HR добро знаат дека искрениот и конструктивен фидбек е многу важен. Затоа, за крај на нашиот интересен разговор, побаравме од Александра и мислење за нашиот портал 24HR.MK?

Порталот 24HR.MK дојде во право време. Свеста за Менаџментот за Човечките ресурси и неговата важност треба да се развие во Македонија што побрзо. Порталот со својата стратегија во голема мера ќе допринесе во размена на знаења, експертиза. Размената на ставови и мислења сметам дека допринесува кон едно здраво заедничко вложување на професионалците во областа во една подобра иднина на Менаџментот за Човечките ресурси кај нас. Сметам дека порталот е одлично место да се зближат сите професионалци во областа, да покажат дека и кај нас имаме кадри кои можат да дадат многу знаење, експертиза. Тука ќе се најдат лидери кои ќе можат да понудат многу од своето знаење за останатите професионалци во областа. Но, уште поважно е, размислувајќи еден чекор понатаму, овој портал да го посетуваат и читаат и оние кои не работат во областа за Менаџмент на Човечки ресурси, а кои треба да се здобијат со знаења и сваќање што е Менаџмент на Човечки реусрси, која е неговата вредност за секоја компанија, а сè со цел да се покрене свеста и разбирањето дека Менаџментот на Човечки реурси не е трошок, туку инвестиција во иднината на секоја компанија и додадена вредност која вистински допринесува кон одржливиот развој на компаниите и нивниот раст.

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...