понеделник, април 13, 2026
Почетна Колумни100 денари

100 денари

by 24HR

Колумна на Орде Ѓорѓиоски-Директор на правни и општи работи Витаминка АД

Без претензија да правам сериозни економски анализи, бидејќи не сум за тоа квалификуван, почнувам да се прашувам дали на моето дете му давам многу пари ако му ставам во џебот 100 денари за на училиште или пак тоа се недоволно средства за да го помине денот?! Ова бидејќи во времето кога јас бев дете, со другарчињата имавме навика да го прашаме продавачот во продавница „што има за 10 денари“ и тој ќе ни наброеше десетина работи, најмалку, а некогаш купувавме по две-три работи одеднаш. Денес некако тоа е случајот со овие 100 денари. На крајот, има ли секој родител на дневна основа толку средства да издвои, а за да не го одвои своето дете од другите, знаејќи дека секој петти возрасен граѓанин во земјава е сиромашен и секое трето дете се смета за сиромашно? Имено, официјалните податоци говорат дека 120.000 деца во земјава, или 32,8 отсто од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија, додека стапката на сиромашни лица во државата во 2023 година била 22.2%.

Значи, основното прашање е како до тие 100 денари и што со нив?

Веќе сведочиме на губењето контрола, па и чекор со парите ако сакате, во сите сфери од живеењето. Така, луѓе што вежбаат занает „од немај каде“, денес тешко наоѓаат термин за фризура на госпоѓи со три дипломи. Страв и срам те фаќа автомобилот да го однесеш на сервис, во очекување калфата да истресе од ракав цена без фискална и да те вчудовиди со најновиот „мерцедес“ во негова сопственост. А да не зборуваме за ново-наконтените како резултат на вујкото владика, што инстантно научија коктели со маслинка да пијат и преку ноќ станаа скијачи во луксузните центри.

И уште повеќе. По принципот на дејствување во толпа, ние сме подложени на постојано силеџиство. Кафето во Скопје и Охрид, целосно синхронизирано, е по цена како тоа на Дуомо, со тенденција да расте, иако платите на Јован и Џовани се драстично различни, исто како и закупнините и фреквенцијата  таму. Најголемиот број огласи за недвижнини во моментот се без цена, веројатно бидејќи и на сопственикот му е срам да каже колку бара, но бидејќи така сите прават, ќе се обиде легализираната мансадра на периферија да ја протне по цена како за недвижност на прв ред на море. Ќе ти дојдат солзи на очите слушајќи ги образложенијата на автошколите за поскапување на цените за полагање на возачки испит за 50%, мислејќи дека се на работ да затворат. Јаболката што се закануваме дека поради немање пласман ќе завршат покрај патот, ги продаваме по цена како во продавници за био-храна во Германија.

И не ме чуди, до некаде, жедта на гладниот за миговно богатење. Не ме чуди ниту љубомората и натпреварот да се покажеш пред братучедот. Но, ме нервира бидејќи ваквото крвопиење целосно е раскажано во бројните турски серијали и никако не заличува, на пример, на француска романса.

Ако сакаш да ги добиеш тие 100 денари, тоа мораш да го направиш со шарм, со вредност. Во нашава држава кафе и плескавици има на секој чекор, но вредност ќе продадеш со традиција, со рафинираност и уникатност. И на крајот, ние како да не сме ја стекнале емпатијата, како да ја нема меѓу нас. Како да не нè допира детскиот плач, како да сме пресреќни со туѓите искинати патики оти ние купивме со воздушни перничиња, како да капнавме од фотографирање фалејќи се колку ни е убаво, за другиве да пукнат од мака.

Семеен драг пријател притоа ни раскажува како англичанецот, родум во Кина, покажал исклучително разбирање и емпатија во услови на големи семејни и финансиски проблеми кои ги имал, така што барал да не се иссели овозможувајќи му повеќе месеци да не плаќа закупнина, а за да може да закрепне од тоа што го снашло. Нашинец ми кажува дека швајцарецот, сочувствувајќи со тагата кој ја има пријателот, целосно го ослободува од работни активности извесен период и самоиницијативно му префрла одредена сума средства во обид да помогне некако да се искомпензира неговата болка. Дали овие луѓе помалку го живеат капитализмот од самите нас заглавени во транзицијата сфатена како капитализам или пак, подобро ја разбираат маката за поседувањето на нивните 100 фунти или франци? Дали тоа што се побогати им дава комоција да дадат некоја трошка за сиромавиот оти имаат од што да одделат? Или пак, имаат поразвиена емоционална интелигеција и сочувство за другиот, но и воспитување во духот на заедништвото?

Моите 100 денари, на крајот, според општоприфатените мерила, треба да чувствувам дека не ми се украдени. Се сеќавам на едно интервју кога Бил Гејтс го прашуваа за цени на основни производи, па се осети таа одлепеност или немањето чувство за вредноста на стварите. Меѓутоа, тоа е редок исклучок. Но, за сите оние коишто работат во трговијата, не може да се прифати таквата отуѓеност или отсуството на чувство за она што се испорачува и она што како противнадомест се прима. Секој што е фатен на тоа оро, во различни животни ситуации се јавува и во двете улоги. Затоа, ако го боли како потрошувач, не треба таа болка да ја пренесе како продавач, провајдер на услуги или што и да е, бидејќи кругот повторно на тој начин ќе се затвора. Најдобриот совет е секој да размисли и да почне да наоѓа смисла во тие 100 денари.

Related Posts

Leave a Comment