Кариерната страница претставува императив доколку сакате да ги привлечете најдобрите кандидати во вашата компанија. Но, имајте предвид дека на неа треба да прикажете многу повеќе од листата на активни огласи со цел да ги претворите работобарателите во апликанти.
Привлекувањето на вниманието на лицата кои бараат работа и нивното мотивирање да аплицираат е далеку потешко од она што може да го замислите. Во просек, 90 проценти од посетителите на страниците за кариера веднаш ја напуштаат страната, што во пракса покажува дека времето за привлекување на нивното внимание е мошне кратко.
Денес ќе споделиме со вас неколку совети кои ќе ви помогнат да изградите неверојатна и ефективна кариерна страница која, пред сè, ќе го унапреди кандидатското искуство, а потоа и ќе ја подобри перцепцијата за вашата компанија како работодавач.
Бидете автентични во вашата приказна
Прво и најважно, кариерната страница е основниот елемент за градење на вашиот бренд на работодавач. Таа е првата допирна точка на кандидатот со вашата компанија и од таа причина треба да има добра структура, приказна и елементи.
Имајте предвид дека овде вашата таргетирана група не се лицата кои ги купуваат вашите производи, туку работобарателите. Голем број компании сè уште ја прават истата грешка и не го разграничуваат брендот на работодавачот од нивниот потрошувачки бренд.
Добрата приказна е микс на двата бренда која на крајот е насочена кон лицата кои бараат работа. Некои од визиуелните елементи кои треба да ги содржи вашата кариерна страница се следните:
- Информации за компанијата;
- Вредности и мисија на компанијата;
- Искуства на вработените;
- Слики од вашите канцеларии и вработени и
- Зошто е добро да се работи во вашата компанија.
Покажете како е да се работи за вас
Не заборавајте да покажете што е тоа што ја прави вашата компанија уникатна, кои се вашите вредности и каква е вашата корпоративна култура. Покажете им на лицата кои бараат работа зошто треба да посакаат да работат за вас. Тоа може да го постигнете преку видеа и фотографии од вашата компанија и тимот кој стои позади неа.
Исто така, целосно брендирана кариерна страница е одличен начин да ги импресионирате потенцијалните кандидати и да ја надополните вашата база на профили. Запомнете дека конзистентноста ја зголемува довербата и го зајакнува вашиот бренд на работодавач.
Направете ја кариерната страница Mobile-Friendly
Еден статистички податок на Glassdoor вели дека 89% од лицата кои бараат работа го прават тоа преку својот мобилен телефон. Поседувањето на mobile-friendly кариерна страница ќе им овозможи на потенцијалните кандидати да имаат најдобро корисничко искуство, а тоа на долг рок значи поголем број и поквалитетни апликации.
Олеснете го начинот на аплицирање
На повеќето сајтови за вработување, аплицирањето се прави со само еден клик. Тоа е нешто што кандидатите ќе го очекуваат и од вашата кариерна страница. Колку полесен е начинот на аплицирање, до толку поголеми се шансите за кандидатите да го завршат процесот на пријавување.
На вашите потенцијални кандидати треба да им обезбедите јасен тек на информации за да не се изгубат уште пред да почнат со својата апликација. Овозможете им да пребаруваат работни места и користете „Call to Action“ копчиња кои уште повеќе ќе ги мотивираат кандидатите да аплицираат. Стратешкото поставување на копчето „Аплицирај“ го привлекува вниманието на кандидатите и им го олеснува начинот на аплицирање.
Задржете ги кандидатите ангажирани по пријавувањето
Повеќето работобаратели не добиваат фидбек од работодавците откако ќе аплицираат на некоја отворена позиција. Но, обезбедувањето повратни информации на кандидатите е една од најболните точки во традиционалниот процес на вработување.
Со користење на ATS (Application Tracking System) за управување со вашите апликации, можете да ја искористите функцијата за автоматско испраќање на фидбек после секоја успешна апликација со цел да ги задржите кандидатите ангажирани во текот на целиот циклус на регрутирање.
На крајот на процесот, заблагодарете им се на сите кандидати кои аплицирале и кажете им дека вратата во вашата компанија за нив останува и натаму отворена за некоја следна позиција.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.