Точно 365 дена пишувавме за љубовта кон човечките ресурси на 24HR. Секој понеделник, споделувавме по една инспиративна приказна, а тоа ни овозможи да запознаеме повеќе од 50 врвни HR професионалци од нашите простори. Денес, нашиот пат не одведе во хотелиерската индустрија каде серијалот „Љубов кон HR” го заокружуваме со Сандра Арсовска – HR Quality Executive во Parkland Hospitality Group.
Иднината на човечките ресурси е во рацете на младите. Една генерација и го предава своето знаење на друга, а новите HR генерации несомнено поседуваат своја визија, идеали и верувања кои ќе го обликуваат новиот свет на човечките ресурси. Токму затоа и нашиот серијал за љубовта кон човечките ресурси кој го започнавме со „најискусните“ го завршуваме со „најамбициозните“ – оние кои допрва треба да ја освојат оваа професија.
Сандра Арсовска од Parkland Hospitality Group е нашиот денешен соговорник во рубриката Љубов кон HR. Комуникативна, дружељубива и ведра личност која секогаш е искрена и спремна за соработка. За себе вели дека е People Person, која денот не може да го замисли без разговор со луѓе, а од аспект на образование, дипломиран Економист – Менаџмент на Економскиот факултет во Скопје која својата кариера одлучила да ја гради во човечки ресурси. Во моментов таа е HR Quality Executive во Parkland Hospitality Group, а подолу следува нејзината HR приказна.
Во HR како професија се вљубив за време на студирањето
Тогаш за прв пат имав можност да се запознаам со основите на Менаџмент на Човечки Ресурси како наука и што тоа значи. Иако теоретското знаење може да се разликува од секојдневните проблематики во HR светот, сепак ми беше од огромно значење. Прилично рано се имав одлучено дека својата кариера, воедно и надоградување, ќе ја насочам кон Човечките Ресурси. Ја имав таа среќа и можност, од почеток да го работам тоа што навистина го сакам.
Мојот влез во HR светот
Како и секоја млада личност, првично посетував обуки и практични настави. Иако во тој период можеби немав големи очекувања, понатаму низ годините се воочува важноста на истите. Обуките ми помогнаа да се здобијам со практично знаење и на некој начин ме подготвија за тоа што се очекува од една работна средина. Потоа, следуваше влез во HR светот. Првично со помали обврски, одговорности и позиции, за со текот на времето истите да се зголемуваат. Почетоците се карактеризираа со тоа што бев многу желна за учење, знаење и напредок. Кариерна патека е нешто што го градиме постојано. Верувам дека сите ние продолжуваме да учиме и се стремиме да се градиме кон подобро – како личности и како професионалци.
Најголемо достигнување
Најголемо признаено достигнување е тоа што бев дел од HR тимот кој доби награда за People oriented company од страна на Македонската Асоцијација за Човечки Ресурси во 2019 година. Но покрај тоа, за мене HR достигнување се сите оние навидум мали нешта коишто се решаваат секојдневно. HR достигнување е секој решен проблем, секој продуктивен разговор, секоја остварена обука и тренинг, brainstorming, пронаоѓање на вистинскиот кандидат за работа, мотивиран вработен, секоја разлика која може да ја направите за секојдневието на вработените и компанијата… HR достигнување е секоја мала победа во текот на денот!
Порака за секој што размислува за кариера во HR
HR е круцијален дел во рамки на една компанија и воедно индустрија која се повеќе и повеќе ќе се развива во Македонија. За секоја личност со комуникациски вештини и желба за работа со луѓе, верувам дека ќе го пронајдете вашето место за градење кариера во HR.
За порталот 24HR
Порталот 24HR е одлично место за соединување на сите засегнати теми од областа на HR. Притоа и името е сосема соодветно – 24HR, онака како што е реална потребата од HR во текот на денот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.