Пандемијата на Ковид-19 ги наруши сите видови на активности за регрутирање и развој на таленти, вклучително и програмите за практикантство.
Во нормални услови, летото важеше за период кога компаниите ги отвораа вратите за младите таленти подготвени да ги направат своите први мали, но многу важни чекори во деловниот свет. За нив, тоа беше шанса да се стекнат со првото работно искуство, да работат на реални проекти и да запознаат нови луѓе кои несомнено ќе им бидат поддршка во текот на целата кариера.
Од друга страна, програмите за практикантство им овозможија на компаниите да ги покажат своите вистински вредности и да откријат нов скриен талент.
Со појавата на Ковид-19, голем дел од компаниите одлучија да ги стопираат своите програми за практикантство, но има и такви кои започнаа да размислуваат во нов правец: трансформирање на досегашното физичко практикантство во виртуелно.
Така, голем број поголеми работодавци во последните неколку месеци најавија дека имаат намера на практикантите да им дадат виртуелен статус, исто како што го направија тоа со другите вработени.
Мајкрософт, кој летово требаше да биде домаќин на 4.000 практиканти, уште во април ја најави својата виртуелна програма за стажирање. Кетлин Хоган, извршен потпретседател и одговорна за човечки ресурси во Мајкрософт, претходно изјави дека студентите ќе бидат охрабрени да го „ко-создадат своето летно искуство“, додека програмата, исто така, ќе и помогне на компанијата да го обликува своето пошироко виртуелно искуство на вработените.
Доколку вашата компанија сè уште размислува дали да понуди виртуелна пракса, вие се наоѓате на вистинското место бидејќи денес споделуваме шест чекори кои ќе ви помогнат да изградите успешна програма за виртуелно практикантство:
Проценете ги опциите и донесете одлука
Кога одлучувате дали вашата компанија е подготвена да понуди виртуелна пракса, еве неколку работи што треба да ги земете предвид:
- Дали активностите на практикантите може да се извршат во виртуелно опкружување?
- Кои се последиците врз вашите деловни цели доколку одлучите да ја откажете програмата?
- Што треба да се направи од аспект на логистика за да се реализира виртуелната пракса?
Ако одлучите да продолжите со виртуелната пракса, еден начин да ја придобиете поддршката од менаџментот е преку врзување на вашата одлука со вредностите на компанијата.
Што и да одлучи вашата компанија, важно е да ги известите кандидатите што е можно поскоро за да имаат време да најдат и друга можност доколку праксата во вашата компанија пропадне.
Комуницирајте често
Откако ќе донесете одлука, бидете сигурни дека ќе ги држите вашите кандидати ангажирани и љубопитни во однос на праксата. Неколку недели пред почетокот на нивната пракса, испратете им е-маил со корисни информации кои треба да ги знаат за вашата компанија.
Ова е важно бидејќи не сакате вашите идни практиканти да се предомислат во однос на праксата уште пред истата да започне. Затоа, искористете го периодот пред праксата за да им испратите видео презентација (како е да се работи во вашата компанија), искуства од некои поранешни практиканти кои сега се вработени или организирајте вебинар каде практикантите ќе можат да ви ги постават сите прашања во врска со нивната пракса.
На овој начин, практикантите уште пред да започнат со праксата ќе бидат запознаени со културата на компанијата, работниците процеси и очекувањата на компанијата од нив.
Обезбедете им на менаџерите и менторите алатки и насоки за работа со практикантите
Виртуелното искуство не е новост само за практикантите, туку и за менторите и менаџерите кои во последниве три месеци мораа да управаат со оддалечени тимови.
Пред почетокот на праксата, запознајте ги вашите ментори и менаџери со начинот на комуникација со практикантите, алатките кои ќе се користат за време на стажирањето и начинот на надгледување и евалуирање на нивната работа.
Запознајте ги практикантите со технологијата која ќе им биде потребна
Еден од најголемите и најургентните предизвици со кои се соочуваат компаниите кога се разгледува можноста за виртуелно практикантство е технологијата.
Што им е потребно на кандидатите за да бидат дел од виртуелната пракса? Каков софтвер за комуникација и колаборација користи вашата компанија? Дали ќе добијат службен лаптоп или ќе треба да работат на својот?
Сите овие прашања ќе треба да бидат затворени уште пред почетокот на праксата. ИТ компаниите, очекувано, имаат предност бидејќи технологијата е многу повеќе застапена во нивниот начин на работа, но секако, со добра организација и план, и останатите компании може лесно да го надминат овој технолошки предизвик.
Испланирајте ја првата недела на практикантите
Мајкрософт ги охрабрува менаџерите да одржуваат состаноци во првата недела, што ќе им овозможи на практикантите да се запознаат со компанијата и нивните колеги. Најпрво, се организира состанок во четири очи помеѓу менаџерот и практикантот, а потоа и со сите практиканти како еден вид на виртуелен ручек или тимска средба за да можат сите да се запознаат меѓусебно.
Запомнете дека ниту една единствена работа не може да биде толку важна при креирање на ефективна програма за практикантство како што е давањето значење на работата што ќе ја извршуваат практикантите.
Однесувањето кон нив како кон професионалци ќе ги натера и практикантите да се однесуваат како професионалци.
Добра пракса во компаниите е секој практикант да има менаџер и ментор. Менаџерот служи како шеф кој ја надгледува работата на практикантот, а менторот служи како дневен контакт кој ќе му објасни на практикантот како се извршува работата и како тоа што го работи се вклопува во поголем контекст.
Осигурете се дека практикантите ќе имаат шанса да ги запознаат вработените во другите сектори и нивните колеги-практиканти
Како што е наведено во точка 5, важно е практикантите да се запознаат меѓусебно преку поединечни и групни состаноци со своите менаџери и колеги.
Виртуелните пракси ја ограничуваат можноста за директно и спонтано запознавање со работата на другите па затоа е неопходно менаџерите да им овозможат на своите практиканти чести шанси каде ќе имаат прилика да комуницираат и соработуваат со практиканти и вработени од другите сектори.
Ова е важно бидејќи по завршувањето на праксата ќе сакате практикантите да понесат со себе едно комплетно искуство од целата организација, а не само од одделението во кое имале можност да работат.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.