Во скопското основно училиште „Димитар Миладинов“ денес се одржа првата од осумте работилници што се резултат на соработката меѓу „Макпетрол“ и Општина Центар во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Учениците имаа можност да се здобијат со знаења и со искуства поврзани со булингот, а добија и едукативен материјал наменет за нив, но и за родителите.
– Проблемот со врсничкото насилство е присутен веќе подолго време, не само кај нас, туку и на глобално ниво. Искуствата укажуваат дека се работи за прашање кое што, доколку се игнорира, би можело да создаде сериозни препреки кај сите што на некој начин се вклучени во случаите со булинг. Најдиректно засегнати се децата, меѓутоа, ова е тема во која што значително влијание имаат и родителите, но и сите што се дел од развојот на најмладите генерации. Како компанија, ние веруваме во нивните квалитети и таленти и сакаме истите да имаат можност да ги реализираат. Затоа и укажуваме дека за врсничкото насилство треба да се работи на општествено ниво, бидејќи тоа може да биде сериозен проблем во остварувањето на потенцијалите на идните генерации – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
Покрај во „Димитар Миладинов“, работилници за врсничкото насилство во следниов период ќе се одржат и во останатите основни училишта во Општина Центар: „Јохан Хајнрих Песталоци“, „11 Октомври“, „Коле Неделковски“, „Киро Глигоров“, „Св. Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“ и „Кочо Рацин“. За реализација на активностите „Макпетрол“ и Општина Центар неодамна потпишаа меморандум за соработка.
Во овие работилници, освен децата, ќе бидат вклучени и наставниците, како и претставници на другите стручни служби во училиштата кои што можат да помогнат и да придонесат во решавање на проблемот со врсничкото насилство. Психотерапевт со долгогодишно практично искуство на темата ќе ги предводи овие активности.
– Постојат повеќе начини на анализање и повеќе слоеви на проблемот со врсничкото насилство, но тоа што секогаш отскокнува кога на оваа тема се работи директно со децата, е нивниот нагласено слаб вокабулар со афирмативен тон. Практично, ова значи дека голем број од децата знаат да се изразат негативно, без многу грижа да користат најразлични навреди, меѓутоа, кога треба да се сподели пофалба, да се даде поддршка, тие, едноставно, не знаат како да постапат. Во работилниците опфаќаме повеќе сегменти, но еден од најзначајните е токму овој, со којшто на децата сакаме да им пренесеме дека убавиот збор, позитивниот став, не дава поттик само на тие на кои што се кажува, туку и на тие што го искажуваат – вели Деспина Стојановска, системски и семеен психотерапевт.
Носечки дел на активностите во рамки на „Крени глас против врсничкото насилство“ е вебсајтот kreniglas.mk. Преку оваа интернет-страница, сите што можат да помогнат во решавањето на проблемот со врсничкото насилство – децата, родителите и наставниците – можат да се здобијат со најразлични знаења. Секој што бил жртва или имал искуство со булингот, може анонимно да ја сподели својата приказна.
„Крени глас против врсничкото насилство“ е општествено одговорна и едукативна кампања на „Макпетрол“. Компанијата ја реализира за да го зголеми интересот во јавноста за проблемот со булингот, како и за да се дојде до начини на кои што истиот би можел да се реши.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.