АНКЕТА НА ПРАКСИС ОТКРИВА КОЛКУ СЕ ПОДГОТВЕНИ ПРАВНИЦИТЕ ЗА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА
На LinkedIn профилот на АЦТ! ДОО Скопје, компанијата која е сопственик на Електронската база на прописи, преводи и пресуди ПРАКСИС, неодамна беше објавен пост за резултати од спроведена анкета за тоа колку правниците ги познаваат и користат алатките базирани на вештачка интелигенција (ВИ).
Резултатите покажуваат дека, иако мнозинството испитаници се запознаени со ваквите алатки, дури 37% сè уште не ги користат во секојдневната работа. Кај оние кои веќе имаат искуство со ВИ, најчеста причина за користење е добивање информации и совети поврзани со правото, извршување задачи кои не се строго правни, како и анализа на договори и составување правни акти.
Интересен е податокот дека само 4% од анкетираните изјавиле дека не би користеле ВИ во својата работа. Останатите се поделени на оние кои би ги користеле овие алатки речиси секојдневно и оние кои би ги вклучувале повремено.
Главна грижа кај половина од испитаниците е точноста на резултатите кои ги даваат ВИ алатките, што е прашање кое останува клучно при определбата за или против користење на ВИ алатки воопшто. Сепак, дури 81% од испитаниците веруваат дека со користење на ВИ би можеле значително да ја подобрат продуктивноста: да добиваат побрзо релевантни информации, да составуваат правни акти поефикасно и да добиваат нови перспективи при решавање на комплексни задачи.
Според анкетата, најчестите задачи за кои правниците би користеле ВИ алатки се истражување и анализа на прописи и судска пракса, анализа на правни документи и автоматска изработка на правни акти. Дополнително, 70% од учесниците изјавиле дека веруваат оти користењето на ВИ би им донело конкурентска предност во однос на колегите кои ретко или воопшто не користат вакви алатки.
Оваа анкета покажува дека вештачката интелигенција веќе го наоѓа своето место во правната пракса во земјава и јасно укажува дека правниците се сè поотворени кон примена на дигитални алатки и вештачка интелигенција, а нивната употреба наскоро би можела да стане составен дел од секојдневната правна пракса.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.