Трајанка Ќимова–Специјалист за човечки ресурси -искусен HR професионалец со повеќегодишно искуство во стратешко управување со човечки ресурси и развој на таленти. Посветена е на транспарентност и фер практики на пазарот на труд.
Се зборува за раст, продуктивност и резултати.
А никој не зборува за луѓето што ги носат тие резултати на грб :
изморени, подценети и тивки од страв да не ја изгубат единствената плата што ја имаат.
Некогаш човек се ценел по чесноста и зборот.
Денес по тоа колку профит ќе донесе и колку може да молчи додека го газат.
Системот направи послушноста да вреди повеќе од достоинството.
Го гледам тоа секој ден и од страната на работниците, и од страната на газдите.
И не можам да се изначудам колку светот се извртел.
Сите трчаат по „да имаме“ повеќе, побрзо, поскапо.
Се караат за педа земја, се тужат за ситници,
а зад сето тоа се крие истата приказна: алчност, его и глад за моќ.
Некои газди зборуваат за „тимска работа“, а единствен тим што го имаат е оној што им брои профит.
Сакаат „лојалност“, ама само во еден правец – одоздола нагоре.
Се фалат со „вредности“, а вредноста ја мери табелата со добивка.
Газдите се натпреваруваат кој ќе купи поголема зграда, кој ќе вози поскап џип,
а луѓето што им ја градат таа зграда бројата денови до платата.
Некој продава мебел за да ја плати струјата,
а друг купува трета куќа не за да живее, туку за да се фали.
Иронијата е што тие што најмногу грабат, најмногу се плашат.
Се плашат да не изгубат нешто што никогаш не можат да го купат мир во совеста.
Станавме општество во кое успехот не се мери по вредности,
туку по тоа колку можеш да ги искористиш другите без да ти затрепери око.
А токму тука ја изгубивме мерката и човечноста со неа.
Не е проблем што има богати и сиромашни.
Проблем е што има безобѕирни и изморени.
Не е проблем што некој има повеќе.
Проблем е што повеќето немаат ништо,
освен достоинство што секој ден им го гмечат.
Можеби не можеме да го смениме системот преку ноќ,
но можеме да одбиеме да станеме негови копии.
Да бидеме чесни, дури и кога тоа не носи корист.
Да работиме со мирна совест , затоа што тоа е единственото богатство
што никој не може да ни го земе.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.
