На 05.02.2026 во Скопје, во организација на издавачот АЦТ! ДОО Скопје, се одржа промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, прв и единствен сеопфатен коментар на еден од најзначајните закони во македонското законодавство.
На настанот беше нагласено дека Законот за општата управна постапка претставува темелен столб на правната сигурност во државата, имајќи предвид дека по овој закон постапуваат сите институции: органите на државната управа, јавните установи, приватниот сектор кога врши јавни овластувања, при одлучување за правата, обврските и правните интереси на граѓаните и правните лица. Неговата доследна и воедначена примена е предуслов за законитост, предвидливост и градење доверба во институциите. Во рамки на Коментарот, секоја одредба од Законот е детално и практично разработена, со насоки за правилна примена и надминување на честите дилеми што се појавуваат во управната практика.

Коментарот е резултат на заедничка работа на тим истакнати автори составен од универзитетски професори, судии, адвокати и државен советник, при што дел од нив учествувале и во изработката на самиот Закон. Авторскиот тим го сочинуваат: д-р Ана Павловска-Данева (уредник), професор и судија на Уставниот суд, д-р Борче Давитковски, професор во пензија, м-р Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат, д-р Субхи Јакупи, судија на Вишиот управен суд, м-р Марија Петрова-Блажевска, државен советник во Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, и Светлана Костова, судија на Вишиот управен суд.
Во име на издавачот АЦТ! на промоцијата се обрати Гоце Адамчески кој истакна дека ова дело ќе стане референтна точка за правните практичари и ќе остави трајна вредност во македонската правна литература.
Како промотери на книгата се обратија д-р Ана Павловска-Данева, уредник, една од авторите на публикацијата и судија на Уставниот суд, Горан Минчев, министер за јавна администрација, м-р Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, и д-р Јелена Ристиќ, заменик-претседател на Адвокатската комора.

Во своето обраќање, д-р Ана Павловска-Данева говореше за книгата од перспектива на авторите, објаснувајќи зошто Законот за општата управна постапка претставува еден од клучните системски закони во македонското законодавство, имајќи предвид дека неговата примена ја вршат сите институции во државата, како и дел од субјектите од приватниот сектор, граѓаните, коморите, итн. Таа се осврна и на процесот на работа на авторскиот тим, нагласувајќи дека коментарот е создаван низ темелна анализа, координација и усогласување на практичните и теоретските аспекти, со цел да се обезбеди јасна и применлива алатка за правната практика.
Во своето обраќање, министерот Горан Минчев истакна дека ЗОУП е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива, бидејќи ги уредува односите меѓу граѓаните и јавната администрација во сите фази од животот, како и работата на сите државни органи и институции со јавни овластувања. Дополнително, министерот за јавна администрација истакна дека Министерството ја поддржува и ја препорачува публикацијата за широка употреба во јавната администрација, како значаен придонес кон унапредување на квалитетот на управните постапки и услугите кон граѓаните
Министерот за внатрешни работи, м-р Панче Тошковски, истакна дека за ресорот со кој раководи, кој претставува еден од најголемите управни органи во државата, земајќи го предвид обемот на управни постапки што ги води, изработката на ваков труд била повеќе од неопходна. Тој изрази уверување дека Коментарот ќе придонесе за понатамошна професионализација на управната пракса, во согласност со европските вредности и стандарди кон кои како држава се стремиме.
Д-р Јелена Ристиќ посочи дека делото има особено значење и за адвокатите, како застапници на странките во управните постапки, бидејќи претставува сигурна и стручна поддршка во секојдневната работа и во заштитата на правата на граѓаните и правните лица.
