Шпанија може да стане првата земја во светот што ќе ја тестира четиридневната работна недела на ниво на држава, откако владата се согласи да започне пилот проект помеѓу компаниите заинтересирани за оваа идеја.
Оваа идеја беше предложена од шпанската политичка партија „Мас Паис“ на почетокот на годината.
„Шпанија е една од земјите во кои работниците работат повеќе часови од европскиот просек, но не е и меѓу најпродуктивните земји. Сметам дека ако некој работи подолго, тоа не значи дека работи подобро“, рече претседателот на партијата Инџиго Ерехон.
Точните детали за пилот програмата сè уште се дискутираат помеѓу владините претставници, но партијата на Ерехон предложи тригодишен проект вреден 50 милиони евра што ќе им овозможи на компаниите да се обидат да го намалат работното време со минимален ризик. На пример, трошоците за компанија која се согласува да воведе скратено работно време би биле 100% покриени во првата година, 50% во втората и 33% во третата година.
„Со овие бројки, проценуваме дека околу 200 компании со помеѓу 3.000 и 6.000 работници би се вклучиле во пилот-проектот. Единствената црвена линија е што сакаме да видиме вистинско намалување на работното време без да се намалат платите и работните места“, рече Хектор Техеро од „Мас Паис“.
Техеро исто така рече дека пилот програмата може да започне оваа есен и додаде дека „Шпанија ќе биде првата земја што ќе започне проект со ваква големина бидејќи пилот проект како овој не е имплементиран никаде во светот“.
Иако ниту една друга земја официјално не се обиде да воведе четиридневна работна недела, идејата се здоби со голема популарност во последните неколку години.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.