БАДИЈАЛЏИИ И КУРИОЗИТЕТИ

од 24HR

Колумна на Орде Ѓорѓиоски-Директор на правни и општи работи Витаминка АД

Сигурен сум, на моменти, дека странецот што нè посетува како земја, уште во првите два-три часа ја консумира општествената пародија и не може да се изначуди на куриозитетите присутни на секој чекор. Ако ги тргнеме на страна ѓубрето и глутниците кучиња што ги има во секој агол, па и прекршените сообраќајни знаци ако сакате, првиот куриозитет е како во земја со релативно висока невработеност и куп пензионери, со најнизок животен стандард во Европа, сите ресторани и кафетерии се препоплни со луѓе?! Насекаде се јаде, се пие, а гласната музика и гласното смеење асоцираат на секојдневна прослава. Дали е тоа лекот за напластените секирации?! Некои, негирајќи ја ваквата констатација, велат тоа е нашата традиција и ние треба со гордост да ја продолжиме, нема што да ја менуваме. Веќе владее чувство дека ако не си со сите и таков, заседнат, дека задолжително си социопат. Но, верувам дека на таквите предлози ќе се подзасркнат социолозите. А зошто?

Дали разумно изгледа да се напикаш во кафулињата позиционирани помеѓу продавниците за пари, да носиш патики од 150 евра, а да фигурираш на список како невработен, незнаејќи од каде ти се и тие што во месецот ги трошиш? Да преседиш четири часа во маалските кафулиња облечен и во пењоар на моменти и да немаш осет дека тоа е половина конвенционално работно време. Како да се мерат кој е поголем бадијалџија. Ако воопшто подработуваш, да побараш една плата аванс да ти дадат и на уште три места да се позајмиш за да го набавиш најновиот смартфон. Посебно изненадува фактот дека врие од заседнати млади девојки и дечки што како привезоци се шетаат со тие што промовираат бадијалџиство, силеџиство и разврат.

Така доаѓаме до вториот куриозитет, плукањето по сопствената земја во секоја можна прилика, со обид за добро персонално претставување, како да сме во процедура за посвојување од страна на гостинот од Холандија. Но што, впрочем, гледа тој во приказната? Го чувствува вкусот на бајатиот доручек што секојдневно го сркаме. Не може, а да не го нотира фрлањето пикавци од тераса и на испиени лименки од автомобилот на посинокот, дури и на несмасното павкање дим во лицето на успешните, без никаква потреба по нешто да се купи од таквите. Готованот очекува инстантен извоз во „Версаче“ тренерките во странство, без грам вештини во било која област освен во седењето во кафеана, за овие да паднат на земи од призорот на балкански бадијалџија.

Третиот куриозитет е поврзан со „нафатираните“ бадијалџии. Опсипани со лажни ласкања и куртоазност, заглавени во сопствената егоцентричност, со прошетките од маса на маса, пробуваат да ја продадат лажната зафатеност. И кај нас тоа минува без проблем, дури и мами погледи на многу зафатени „дами“ и „момци“. Сепак, среќавајќи се со директноста на овие од Холандија, заглавуваат на љубопитноста за „купената слобода“ во тој размер, а во отсуство на предок со сина крв или најмалку три поколенија накалемено богатство. Ноншалантност кон она што ги направило луѓе излегува од димот на пурата, како сметката да ја плаќаат даночните обврзници, наместо тие самите. Едноставно, неверојатно добра почва сме за инстант добитници со инстант претставувања во јавноста.

Четвртиот куриозитет кој неминовно се воочува уште на аеродром, при дочекот на гостите од Холандија, е оној поврзан со бадијалџиите функционери и нивните свити. Иако е разбирливо тоа што, бидејќи нема воз до Охрид, мора да се дојде со автомобил, холанѓаниве не можат да разберат зошто овие што ги дочекуваат не дошле со ништо друго, освен со блиндирани црни автомобили и наместо пет, дошле петнаесет. Ај што дошле петнаесет, туку и што тие од свитата глумат поважни и од шефот и од гостинот. Дополнителни изненадувања можат да се видат и во античкиот театар кога најмалку половина трибина е за политичка клиентела. Во Холандија одамна политиката не е одбрана публика. Од друга страна, на театар логично е да се прати некој што ја чувствува културата и разбира кога и на што треба да се аплаудира.

Петтиот куриозитет е дека денгубењето нашироко се поддржува. Од повикот од дома да не работиш за газди, туку да чекаш за работа „на државно“, до поминувањето на факултетиве со лев жмигавец и обидите „да се снајдеш“ за работа што ќе генерира пасивен приход. За холанѓанецот е чудно што во Охрид има повеќе луѓе што „шиткаат“ смештај на автобуска, од луѓе на шеталиште. Во очекување дека понудата одамна ја има задоволено побарувачката на станови, кај нас постојано се гради, но и се купува. Дури 36,6% од становите во земјава зјаеле празни, утврдила Статистика, но кој ѕирнал внатре и што реално се случува, е приказна од Лас Вегас. Важно, ако не врне – капнува неоданочен приход, а даночните власти збунето гледаат во тетките од Германија и парите собрани од родендените на децата.

Да резимираме. Кај нас релативно едноставно е, ако сакаш да те сакаат, мораш да се солидаризираш во бадијалџиството.  Во спротивно, ќе бидеш обележан со прст како надмен и отуѓен. Ние не можеме да бидеме холанѓани, но не можеме ниту да одлучиме што сакаме да бидеме. Во неодлучноста секогаш приоритет се дава на безделничењето.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...