Бојан Цветановски-неговата професионалност, посветеност и интегритет се одамна препознаени и ценети, како од колегите, така и од пошироката експертска јавност

од 24HR

Бојан Цветановски е Раководител на Служба за тргување со средства и изведени финансиски инструменти, Член на Извршен Одбор на АЦИ-Здружение на финансиски пазари и наш колега повеќе од 24 години. Неговата професионалност, посветеност и интегритет се одамна препознаени и ценети, како од колегите, така и од пошироката експертска јавност.

Но зад бројките, анализите и финансиските инструменти, се крие една друга страна на Бојан, онаа на страствен љубител на музиката и посветен колекционер на ЦД плочи.

Оваа негова пасија трае веќе повеќе од три децении. Колекцијата која денес брои над 1.500 носачи на звук, го раскажува музичкиот пат на Бојан, секоја плоча со своја приказна, своја емоција, своја историја. Сѐ започнало во 1988 година, кога ја купил својата прва плоча, денес сè уште внимателно сочувана и со посебна сентиментална вредност.

Во времиња кога винил и ЦД плочите не беа лесно достапни, Бојан со трпение и страст ги набавувал од култни домашни музички продавници, но и од реномирани странски дестинации меѓу кои и германската WOM – World of Music, една од најпознатите музички дестинации за љубителите на ЦД плочи. Понекогаш, за некој посакуван албум се чекало со месеци, што денес само го зголемува нивното значење и вредност.

Бојан не само што ги собира плочите, туку и активно ужива во нивниот звук со грамофон, во атмосфера што го враќа во едно поинакво, потопло време.

Денес, зад неговата страст стои и признание од самите музички ѕвезди, меѓу плочите во неговата колекција се и плочи лично подарени од Џибони, Љубојна, Влатко Стефановски,  Мирослав Тадиќ, кои го препознале неговиот искрен однос кон музиката и со кои е и личен пријател.

Бојан не се ограничува на еден жанр, напротив ужива во рок, поп, хард рок, боса нова, латино ритмите на Buena Vista Social Club, World Music и уште многу други музички правци. Но, она што навистина импресионира е неговата концертна историја, со повеќе од 1000 посетени концерти, и тоа како на домашни, така и на светски музички имиња. Имал прилика да ги слуша во живо ТОТО, Ал Ди Меола, Вајтснејк,У2, Џо Сатриани и многу други легенди на музичката сцена. Долгогодишната посета на концерти му овозможила познанства и пријателства со многу македонски и светски музички ѕвезди.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...