Колумна на Марија Сиљаноска Михајлоска, магистер по економски науки вработена во Човечки ресурси во НЈСК Холдинг Скопје.
Да се биде дел од мултинационална компанија која произведува канабис и екстракти од канабис за медицински цели е истовремено и задоволство, но и сериозен предизвик. Ова уште повеќе ако сте дел од тимот за човечки ресурси.
Станува збор за гранка која е широка развиена особено во САД и Канада, но е релативно нова за Европа и секако за Македонија. НЈСК Холдинг е првата што кај нас доби лиценца за производство на лекови од канабис во 2016 година, а да се биде предводник скоро по дефиниција значи да се “разгазува патот” каде што претходно никој не поминал.
Уште од самите почетоци главниот предизвик беше регрутацијата на соодветни кадри кои можат да одговорат на мноштвото задачи во компанијата, која работи по највисоките европски стандарди за добра производствена пракса (EU GMP). Од засадување на растенијата, одржување на софистицирани системи за наводнување и одгледување, управување со најсовремени машини за екстракција, па се до најмодерна лабораторија во која се испитуваат примероци од секоја фаза во производството. Следствено, потребни се разни профили на работници – земјоделци, машински инженери, агрономи, биохемичари, микробиолози, фармацевти… Македонија, иако важи за земја со висока стапка на невработеност, сепак искуството покажува дека не секогаш лесно и брзо се наоѓаат вистински професионалци од сите овие сфери.
Затоа во вакви околности, при регрутирањето на кадри, повеќе се насочуваме кон одредени “меки” вештини, како што се приспособливост, лојалност, комуникациски вештини, стабилност, отколку кон минато искуство.
Освен што е нова индустрија, па скоро и да нема работници кои имаат искуство поврзано со производството на медицинскиот канабис, дополнителен предизвик е и неопходноста да се создава функционален тим буквално во од, со оглед дека станува збор за компанија која има експоненцијален раст, па за само 5 години повеќекратно го има зголемено бројот на вработени. Позната е изреката дека “луѓето се најголемото богатство на бизнисот”. За нас ова значи дека не ги сметаме само како најголемиот трошок, туку и како најголемиот генератор на приходи. Џабе сета најсовремена технологија, ако нема луѓе кои ќе знаат најдобро да ја користат.
Затоа нашата примарна идеја е повеќе да ги унапредиме човечките ресурси преку постојани обуки за нови знаења и вештини, отколку да управуваме со нив. Зголемувањето на продуктивноста е најголемиот успех што може да го постигне еден оддел за човечки ресурси.
Имаме вредни луѓе, но потребна е дисциплина и мотивација. НЈСК Холдинг се грижи трудот на секој работник да биде чесно вреднуван, бидејќи само работник кој има чувство дека е праведно вреднуван го дава најдоброто од себе.
НЈСК Холдинг е дел од меѓународна корпорација која е водечка во Европа, што само по себе нуди големи можности, но и носи голема одговорност. Затоа за нас особено е важно и градењето на корпоративна култура како камен-темелник кој ќе ги мотивира и обединува вработените околу визијата и вредностите на компанијата. Бидејќи има работи кои со пари не се купуваат.
За авторот:
Марија Сиљаноска Михајлоска е магистер по економски науки вработена во Човечки ресурси во НЈСК Холдинг Скопје.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.