сабота, февруари 7, 2026
Почетна КолумниЧР Приказна

ЧР Приказна

by Marija Mladenovska

Колумна на Коста Глигориевски-правен и HR консултант во Глигориевски ДОО

Себеси се наоѓам и сум работел на повеќе различни менаџерски позиции, но да пишам збор два за ЧР. За некој што не е детално навлезен во проблематиката, ЧР е само збир на несериозни луѓе на кои само тим-билдинзи и организација на журки им се во главата. Ова не што е комплетно неточно, туку е неразумно потценување на една од најзафркнати алки во бизнисот.

Реалноста е дека оваа професија носи задачи кои се далеку од забавни, како на пример отпуштањата, но моето искуство ме има научено дека дури ни тоа не е најтешкиот дел. Вистинскиот предизвик е моментот кога треба да останете присебни, радикално објективни и да го задржите интегритетот додека двете страни очекуваат од вас да бидете исклучиво нивни.
Од една страна го имате менаџментот со своите бизнис цели, рокови, буџети и табели, а од другата се работниците со нивните реални потреби, емоции и секојдневни борби. Во тој простор, ЧР е еден вид тампон зона која и менаџментот и работниците често ја доживуваат како боксерска вреќа.

Да се биде помеѓу чеканот и наковалната е ментално исцрпувачки процес, бидејќи вие сте гласот на компанијата и први на удар кога работите не одат како што треба. Менаџментот бара невозможни мисии, работниците бараат своја правда, а вие треба да жонглирате со графиконите на едните и емпатијата кон другите.
Постои една опасно погрешна перцепција во дел од менаџерскиот свет дека ЧР мора да биде дистанциран и строг за да биде професионален. Тоа е фундаментална грешка. Сè додека постои јасна граница помеѓу бизнисот и емоциите, не само што нема никаков проблем, туку однесувањето мора да биде човечко и пријателско. ЧР мора да биде мостот кој ги поврзува двете страни за да овозможи нормално работно окружување, но тој мост треба да биде доволно цврст за да издржи сериозно газење.
Во добро поставените системи, ЧР е лепакот кој ги држи сите оддели заедно. Онаму каде што е про форма, е најобична смешка, и благодарение на тоа, ЧР често добива опаски кои генерално не ги заслужува. Нашата вредност не е во тоа да избереме страна, туку да овозможиме системот да функционира како една целина. Тоа подразбира и „муда” да им се спротивставите на погрешните политики на менаџментот со факти и аргументи за да го заштитите тимот од согорување, но и капацитет да му објасните на работникот дека бизнисот мора да биде профитабилен за сите да имаат сигурност.
Оваа професија речиси секогаш носи специфична професионална осаменост. Тоа е цената што се плаќа за објективноста и интегритетот. Предизвикот е да изградите доверба кај двете страни без да се изгубите себеси во тој процес. Дури тогаш знаете дека навистина припаѓате на оваа професија. А за оние што се на позиција ЧР само „про форма”, добро познатите безкичмењаци, не би сакал да трошам ни време ни бајти. Слободно нека се дистанцираат од постов.

Related Posts

Leave a Comment