DISRUPTHR SKOPJE 3.0:ГЛАСОТ ШТО ГО МЕНУВА HR ПЕЈЗАЖОТ ВО МАКЕДОНИЈА И НАЧИНОТ НА КОЈ ЗБОРУВАМЕ ЗА ЛУЃЕТО ВО КОМПАНИИТЕ

од 24HR

ИНТЕРВЈУ СО ОРГАНИЗАТОРКИТЕ НА HR НАСТАНОТ DISRUPTHR SKOPJE 3.0

Во време кога HR сцената сè повеќе наликува на повторување на исти идеи во различни форми, се појавува DisruptHR – платформа што со секое свое издание внесува свеж воздух, брутална искреност и доза на вистинска инспирација. Овој настан не се плаши да го „разниша“ статус квото и да ги постави прашањата кои ретко се слушаат јавно, а уште поретко добиваат автентични одговори.

DisruptHR Skopje 3.0 доаѓа со нова сила, нови гласови и уште посилна порака – дека е време за промени, вистински, одвнатре. Организаторките Викторија Дамчевска, Татјана Манојловска, Милка Јованова и Данче Азманова Мирчевска не само што креираат платформа, туку градат движење – движење што ја враќа храброста во HR професијата.

Нивната мисија е да го трансформираат HR од административна функција во вистински бизнис партнер и агент на промена – и на бизнисите и на луѓето. Како организатори на DisruptHR 3.0 Skopje, ја внесуваат нивната страст, визија и безвременски ентузијазам во создавање платформа која инспирира, едуцира и, пред сè, предизвикува.

Во ова интервју разговараме со нив за најновото издание – DisruptHR Skopje 3.0 – настан кој ќе го предизвика статус квото во светот нa HR со свежи, неконвенционални идеи, но и ќе донесе инспирација. Зошто токму овој настан? И зошто баш сега? Тоа беа главните мотиви за овој разговор.

DisruptHR – што конкретно „нарушува“ овој настан во HR светот, односно која е главната цел на овој настан глобално и која е приказната за неговото раѓање?

Викторија: Настанот го започнуваат Jennifer McClure и Chris Ostoich во 2013 година во Синсинати, Охајо и се базира на неколку едноставни принципи: Секој говорник има 5 минути да презентира искуство и новитет во бизнис светот во презентација од 20 слајдови што се менуваат на 15 секунди. И често се шегувам дека токму во тоа е најголемото „нарушување“ – да натераш HR-и да бидат кратки и концизни. Настанот стекнува во краток период огромна популарност, токму поради форматот и поривот да се споделат храбри идеи, па сега е веќе глобално движење во 166 градови. Навистина се радувам што и Скопје е на мапата на тоа движење, со првиот настан на 14.09.2023 година.

Татјана: Верувам дека Викторија добро ќе го покриe делот околу приказната на како настанува DisruptHR, и зошто DisruptHR во Македонја – но по што е DisruptHR различен – по тоа што нуди различни перспективи, поттик на размислување и е отворен за сите – не само HR професионалци, туку ентузијасти од било која област, која имаат идеја која би не замислила околу нашите практики при менаџирањето со човечкиот капитал.

Оваа година трет пат по ред и во Скопје ќе се одржи DisruptHR Во морето на HR настани, зошто некој да дојде токму на DisruptHR Skopje 3.0? Што го прави неповторлив и поразличен од другите настани?

Данче:  Додека повеќето HR настани се фокусираат на „како?“, DisruptHR се осмелува да го постави прашањето „зошто?“. Ако сте уморни од површни, неприменливи совети за подобрување на HR индустријата и сакате да се вклучите во вистински, искрен дијалог за иднината на работата и улогата на човечкиот капитал, тогаш DisruptHR е настанот каде треба да бидете. Овде нема да најдете повторување на веќе кажаното, туку сосема нови, свежи перспективи што ќе ве натераат да размислувате надвор од вообичаените рамки.

Милка: Се сеќавам дека лани кога им споделив на колегите на работа за настанот им реков „дојдете да видите за што зборуваат HR кога не се на работа“. Па во тој контектст би рекла дека настанот дава простор да се зборува за теми кои, вообичаено одлучуваме да ги оставиме за некој следен пат. Ќе споменам само некои од темите кои беа опфатени на претходните изданија, како на пример, што ние како HR му должиме на HR или дека е сосема во ред да не сме совршени.

И секако, самиот формат на говорите е тоа што го прави посебен овој настан, 5 минутен говор во кој треба да се усогласт зборовите и презентацијата која тече во позадина. Би рекла дека тоа е една адреналинска трка со времето, која на нас HR не ни е непозната.

Кои предизвици и табуа од HR индустријата решивте да ги „разбиете” и „нарушите“ оваа година на DisruptHR?

Татјана; Хмм, навистина има доста интересни – не би знаела ни која попрво да ја одберам – но еве, ќе го „разбиеме“ митот за cultural fit, ќе зборуваме за доста актуелни теми како AI, 4 – дневна работна недела, ќе добиеме и по некоја насока за тешки разговори со вработени, коучинг – и уште многу интересни теми – навистина би било едно позитивно и инспиративно искуство кое лично и јас, гледајќи ги сите теми и говорници, со нетрпение го очекувам.

Милка: Ќе има доста интересни и разновидни теми, од тоа како да се водат „тешки“ разговори, до справување со кризи и четиридневната работна недела кон која се стремиме. Во следниот период ќе ги објавуваме говорниците и нивните теми, па верувам дека и публиката ќе очекува со нетрпемие да ги слушне говрниците, исто како и ние.

Ако треба со една реченица да го „продадете” настанот – што би им рекле на оние кои се двоумат да го посетат?

Викторија: Ти ветуваме несекојдневно искуство што долго ќе го паметиш, со храбри идеи, провоцирачки говори, многу вмрежување и енергија што ќе ја наполни твојата батерија.

Данче: Заборавете на HR клишеата и здодевните презентации – DisruptHR е настанот каде што се осмелуваме да ги кажеме работите онакви какви што се и да разговараме за иднината на работата без филтер.

Што беше најизненадувачкото нешто што се случи на претходните изданија на DisruptHR?

Милка: Кога ми се јави Вики за организација на првиот настан, тргнавме со идејата „ајде да пробаме, да видиме како ќе излезе“. Првото изненадување беше тоа што билетите се продадоа, сите до еден и тоа за многу кратко време, а се бараше и билет плус, искрено. Иако бевме под голем притисок како ќе помине настанот, добивме многу пофалби за идејата и организацијата. За многумина форматот на настанот беше новина и многу им се допадна. Се сеќавам дека кога заврши настанот, веќе бевме пред заминување од локацијата кога дојдоа група странци, 3-4, на кои им бил познат настанот на светско ниво, виделе дека ќе се случува во Скопје баш во периодот кога престојувале тука и одлучиле да дојдат и да го следат. За жал го промашија времето на одржување, но изненадувањето дека странци го забележале и избрале да го посетат беше огромно.
Татјана:Јас лично бев говорник на првиот настан, и се вклучив во организација дури на вториот. Во тој мој микро-свет со целосна посветеност на организација, немав воопршто претстава какви се очекувањата од настанот и колку е препознаен, со што со денови после таа огромна посетеност и „бум“ на LinkedIn бев навистина шокирана од резултатот кој го постигнавме и импресиите кои ги имаа сите кои  беа дел од него – тоа мене, а верувам и на Вики, Милка и Данче ни даде дополнителен ветар во грб за уште повеќе да се инвестираме себе си во организацијата на следниот DisruptHR.

Колку има простор за автентичност на една HR сцена со настани на кои предавањата често изгледаат како copy-paste на LinkedIn постови – звучат одлично, но се неприменливи во пракса?

Татјана: Да, така е, сите некогаш се фаќаме на замката не преголемо теоретизирање – но со тоа кои се насоките кои што ги даваме на говорниците и како ги бираме истите, навистина сум позитивна дека се она што ќе слушниме се лични приказни, и мали идеи кои прераснале во голем проект и се реализирани во пракса.

Данче:Често се криеме зад флоскули и општи совети затоа што ни се чини дека тоа е побезбедно и дека нема да ни прават проблем од компанијата поради некоја можеби табу објава. DisruptHR е платформа што охрабрува храброст – да се биде ранлив, да се споделат неуспеси, па дури и да се постават незгодни прашања. Автентичноста произлегува само ако споделуваме вистински искуства и водиме искрени разговори. Тоа е токму она што се стремиме да го поттикнеме.

Што е твојата лична мотивација да го организираш овој настан?

Викторија: Во овој настан влегов со многу идеалистички побуди, кои уште ме држат. Премногу ми се допадна идејата да се даде платформа за глас на еден поширок круг, вклучително и професионалци кои не се HR-и, но дефинитивно стекнале искуство и имаат што да споделат во работата со луѓе. За мене е инспиративно дека дел од говорниците што веќе поминале за првпат го кршат мразот за зборување пред луѓе токму на овој настан. Различните идеи, перспективи, позадини, искуства, храброста да се застане пред толкава публика и да се биде смел и револуционерен за мене го прави целиот труд кој го вложуваме во организацијата како нешто што неизмерно вреди.

Данче: Мојата мотивација зад DisruptHR е директно поврзана со мојата платформа Working Mom и мисијата да им помогнам на компаниите преку иновативни начини да ги поддржат нивните вработени што се родители. Верувам дека HR има пресудна улога во креирање на работни средини каде родителите можат да напредуваат, а за тоа е потребно да ги предизвикаме застарените норми. За мене DisruptHR е место каде се раѓаат иновативни идеи за поддршка на балансот помеѓу работата и семејството, инспирирајќи ги HR лидерите да бидат двигатели на вистински промени во нивните компании, а не само на хартија.

Како одбирате говорници? Што мора да има еден “DisruptHR” говорник за да биде на таа сцена?

Татјана:Па, би била кратка овде – би рекла иновативна идеја и да се има храброст да се сподели.

Милка: Би рекла дека не ги бираме говорниците, туку темите. Што понеконвенционална тема, што попровокативна, тоа подобро. Во согласност со името на настанот, нели :))

Кој беше твојот личен disrupt момент во кариерата – кога си одлучила да не следиш правила?

Викторија: Би рекла токму организацијата на овој настан. Првиот пат кога се сретнав со концептот за DisruptHR, тоа што си го реков беше „баш штета што не се организира во Скопје“, а неколку месеци подоцна „хм, а зошто да не се организира?“ и така, веројатно во момент на импулсивност, влетав во оваа приказна. Преземањето на таквата иницијатива, нечекањето некој да го направи нештото што го посакувам наместо мене, беше веројатно една од најдобрите одлуки што сум ги направила, иако импулсивна.

Милка: Во принцип од секогаш сум била бунтовна во однос на концептот да се следат правила само затоа што „така треба“. Дома, во училиште, на работа… секаде. Но, организацијата на овој настан отвори една перспектива која вели дека, ете, навистина работите можат да се прават поинаку. И тоа ме прави среќна.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...