HR-от ме пронајде мене и беше љубов на прва средба

од 24HR

Патот до инспиративна HR приказна овој понеделник не одведе далеку на истокот, во прекрасниот град Доха каде имавме можност да разговараме со една исклучително амбициозна и посветена личност, но и вистински вљубеник во својата професија. Нејзиното име е Ивана Смаќоска, а ова е нејзината приказна за љубовта кон човечките ресурси.

„Бродовите се безбедни на пристаниште, но тоа не е идејата за која тие се создадени“. Со оваа метафора започна нашиот разговор со Ивана Смаќоска, доскорешен HR Координатор во Катар Ервејс, а од скоро вработена како HR Специјалист во Катарско-германска компанија за производство на медицинска опрема.

За себе вели дека е дете на четири градови кои ги смета за дом и не би се откажала од нив за ништо на светот. Родена во Струга, порасната во Охрид, школувана и градена во Скопје, и веќе втора година живее и работи во Доха.

Постдипломските студии на одделот за Финансии и финансово право при Факултетот за правни науки во Скопје и положениот правосуден испит не ја предомислиле да започне кариера надвор од правото, а сонот да работи во голема меѓународна компанија се остварува кога добива понуда за работа во Катар Ервејс.

„За сè што сум денес и сè што имам, бескрајно сум благодарна на моето семејство кое ми е огромна поддршка, разум, инспирација и мотив за подобро утре. Работна навика стекнав млада и го ценам секое искуство и познанство со кое се збогатив по пат. Сакам многу да патувам и да посетам што е можно повеќе држави, и сакам да ширам пријателства секаде каде ќе отидам. Уживам во храната, така што на секое патување задолжително на листа се традиционални специјалитети на таа држава, и секој нов е највкусен. Сакам животни, особено кучиња. Сакам да слушам за нови приказни и искуства, сакам отворени и директни луѓе, почитувам туѓи мислења и верувам дека секој од секого има по нешто ново да научи“, ни призна таа.

Разговорот веќе течеше, а ние сакавме да дознаеме толку многу работи за неа. Сепак, решивме да бидеме трпеливи и да одиме со ред. Прашавме како се роди нејзината љубов кон HR-от?

Можам слободно да кажам дека јас не го најдов HR-от, HR-от ме пронајде мене. Во професијата се вљубив на прва средба и секогаш сум благодарна за тоа како со игра на животот стигнав до тука каде што сум денес. Зошто ги засакав човечките ресурси како гранка би можела да раскажувам со денови, меѓутоа на кратко јас сум голем човекољубец, исто така сум многу директна и отворена по природа, на мојата љубопитност и нема крај (читај: нема крај, а не нема граница), а се сметам себе си за смела и храбра личност.

Кога почнав да ги разбирам човечките ресурси, а читајќи и истражувајќи тоа беше доста брзо, сфатив дека еден успешен професионален HR треба да ги поседува овие карактеристики. Така работејќи увидов дека мојата енергија се надополнува со оваа професијата, работата ме исполнува и ме прави среќна, и она жарче за нешто плус е секогаш активно и будно. Така сфатив дека сум вљубена во професијата и работам да имаме што подолга и посреќна врска. Работи го она што го сакаш и што ти е пасија, верувај во тоа што го правиш и давај го максимумот од себе. Резултатите ќе дојдат сами по себе.

2017 е годината кога се случува пресврт во нејзината кариера и таа станува дел од престижната авиокомпанија Катар Ервејс. Ја прашавме Ивана да ни каже нешто повеќе за своите почетоци и нејзината кариерна патека?

Додека привршував со мастер студиите, почнав да работам во адвокатска канцеларија во Скопје и имав сосема друга замисла за тоа како би се одвивала мојата кариера во иднина. Една работа што потајно ја посакував беше да работам во голема интернационална компанија, веројатно замислувајќи се себе си како правник. Се сеќавам го спремав практичниот дел од правосудниот испит, така пребарувајќи на интернет најдов оглас Катар Ервејс вработува во Скопје. Бев љубопитна и отворив да видам за што се работи. Ако не грешам огласот беше за финансии и некои оперативни позиции во кои не се пронаоѓав себеси, меѓутоа ми го задржа вниманието и чекав што е следно. Следниот оглас беше за повеќе различни позиции, па решив да пратам моја биографија за да ја имаат во систем. Добив повик од регрутер кој што ми кажа вака: Ивана ја разгледавме твојата апликација, дали да сакала да дојдеш на интервју за позицијата Асистент за човечки ресурси и администрација. А што не би сакала? 😊

Така го поминав процесот на селекција и регрутација, и влегов во водите на HR во една огромна интернационална компанија. Со оглед на тоа дека моето образование и позадина се од областа на право и финансии, а јас сум човек што сака да учи и надоградува, после една година се одлучив да се пријавам на академијата за Менаџмент на човечки ресурси Clear View, со цел да запознам колеги со иста љубов и да научам нови искуства.

После 2 години во Македонија, аплицирав и добив работна позиција во седиштето на Катар Ервејс во Доха како Координатор за човечки ресурси за вработените кои се базирани надвор од Катар, низ цел свет. Мои главни региони беа Европа, Азија и Блискиот Исток, меѓутоа како дел од еден мал тим одговорен за цел свет, секоја задача од било која држава беше едно искуство плус за мене. Имав ризница информации на дланка, се запознав со многу различни законодавства и најважно научив премногу нови и иновативни решенија за било кој проблем кои одредени држави ги измислиле и вовеле во пракса. Од секаде има по нешто паметно и значајно, Холандија, Иран, Индонезија, Мороко или Бразил не е важно, нови одлични идеи. Во месец март, ми беше доделена нова задача со иста дезигнација Координатор за човечки ресурси, како дел од ново формиран тим кој ќе работи на проект за трансформација на вработените. Во време на светска пандемија и тешка економска криза, можам да кажам дека за мене беше искуство кое се доживува еднаш или ниеднаш во живот.

Пред скоро време, се решив да променам индустрија, од авиација, се префрлив во медицина и моментално работам како Специјалист за човечки ресурси во Катари Герман Медикал Дивајс, компанија за производство на медицинска опрема. Не беше лесно да се донесе ваква одлука, особено во еден ваков период, меѓутоа јас често се водам од една мисла која вели: Доколку се двоумиш помеѓу две опции, одбери ја втората, бидејќи доколку првата опција беше вистинската, втората немаше да биде во игра!

Кое е најголемото HR достигнување на кое Ивана е особено горда?

Лично сум многу горда на себе за 3 работи во мојата досегашна кариера. Катар Ервејс за прв пат отвори канцеларии во Македонија во 2017 година и јас бев ден од тимот кој што го работеше сетапот од нула. Предизвикот да се усогласат правилата и полисите на компанијата во согласност со македонското законодавство и како такви да функционираат кај нас беше голем, и доста корисен за развивање на вештини за објаснување и убедување. За мене тоа беше едно огромно искуство и се радувам што мојот труд и енергија за работа беа препознаени и после 2 години добив можност да работам во седиштето на Катар Ервејс во Доха. Да бидам одбрана на таа позиција во конкуренција со илијадници кандидати од цел свет го сметам за свој најголем успех. И трета работа на која сум горда е тоа што бев повикана да бидам дел од мал тим HRовци назначени да работиме на нов проект, иницијатива за трансформација на организационата структура и бројот на вработени во цела компанија. Тоа беше период од 5 месеци животна лекција за мене.

Што би им порачала Ивана на сите кои размислуваат за кариера во HR?

Да размислат два пати што посакуваат! (се шегувам) Да бидам искрена, многу ме радува тоа дека HR-от стана популарен и почитуван кај нас, со самото тоа и атрактивен и привлечен за многу млади, а и искусни кариеристи. Моја препорака до сите кои размислуваат за ваква кариера е да читаат, многу да читаат и да се информираат за тоа што се човечки ресурси. Оваа област е толку голема и длабока, колку ште луѓето се различни и со различни сфаќања и потреби. Затоа секоја информација е алатка плус за вас. Дури и анализа на главниот лик од најобичен роман може да послужи како идеја или решение за одреден проблем. Од друга страна, еден добар HR мора да биде бизнис ориентиран и многу љубопитен за се што се случува наоколу. И најмал бизнис може да процвета доколку позади него стои вистински тим, а тимот го бираме ние. Слушајте искуства од страна, разговарајте со експертии во оваа област. И тоа правете го често бидејќи еден HR со 10 години искуство има доста што да раскаже. И за крај, најважно од сè, негувајте познанства. Мој најтопол совет, познанствата се најголемото богатство, а се сосема бесплатни. Доколку ви се обрати некој на кој му треба работа или помош, најдете време да го сослуашате и советувате доколку не можете да помогнете. Тој истиот, утре може ќе вработува!

Ивана Смаќоска за порталот 24HR:

„Мојата ручек пауза најчесто изгледа вака: Силно, црно кафе во стоечка позиција со телефонот во рака. Секогаш одбирам да прегледам некоја статија со цел да си ги одморам мислите и ресетирам за остатокот од работниот ден. Со 24HR никогаш не се двоумам што ново да прочитам денес. Содржините се прекрасни, дел од дописниците ги познавам лично и многу ми е интересно понекогаш да ги пречитувам нивните дописи. Порталот е многу корисен и дизајнот на страната е супер лесен и едноставен за пребарување. Многу корисни информации се споделуваат тука и секогаш во тек со најновите трендови. Среќна сум што си имаме ваков наш македонски портал. Браво!“

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...