Прочитајте ја приказната за љубовта кон човечките ресурси на Велика Јаневска Паноски – Раководител за човечки ресурси во Medavia – Mediterranean Aviation.
Се опишува себеси како голем креативец и авантурист во постојана потрага по нови предизвици. По вокација дипломиран политолог и магистер по човечки ресурси, а нејзината моментална позиција е Раководител за човечки ресурси. Таа веќе 5 години живее и работи надвор од Македонија, поточно во Малта, каде што е дел од одделот за човечки ресурси на компанија од авиоиндустријата. Сака да патува и да запознава нови луѓе и култури, а личниот развој е нешто на што таа посвестува големо внимание. Денес, во рубриката Љубов кон HR на 24HR, прочитајте ја HR приказната на Велика Јаневска Паноски – Раководител за човечки ресурси во Medavia – Mediterranean Aviation.
Што ве натера да се вљубите во HR како професија?
Она што најмногу ми се допаѓа во HR-от е динамичноста на професијата и нејзиното постојано менување и развој за да ги подобри работите – без разлика дали се работи за нови стратегии за да им се помогне на вработените со нивниот развој, ефективни планови за обука, нови технологии и алатки за човечки ресурси или партнерство со менаџери од највисоко ниво за да се најдат начини за подобрување на процесите со цел компанијата да ги постигне своите цели. Сакам да им помогнам на вработените да го достигнат и реализираат својот максимален потенцијал. Ако можам на некој да му помогнам да напредува, тоа значи дека сум успеала да додадам нешто на овој свет.
За мене, HR е срцето на секоја организација. Многу добро е кажано дека колку што водата го одржува животот, така и функцијата на HR игра улога во помагањето да се одржи здравјето на една организација.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Како дипломиран политолог и млад ентузијаст со големи соништа за иднината, воопшто не очекував дека ќе работам во областа на човечките ресурси. Планот да продолжам со постдипломски студии за Надворешна политика и дипломатија наеднаш доби нов курс на движењето откако добив шанса да почнам да работам во HR како Асистент за човечки ресурси. Благодарение на мојата менаџерка, која на суптилен и професионален начин ми ја внесе професијата под кожа и ме поддржа да продолжам со магистерските студии во таа област, потполно се променија моите планови и цели во животот.
Од тој момент бев сигурна дека ова е тоа што сакам да го работам, како и да се надоградувам и развивам себеси во таа област. Меѓутоа мојата „дива“ природа и постојаната потрага по предизвици ме натера да ја истражам оваа професија и надвор од нашата татковина каде што продолжив со мојата надградба и станав Сертифициран професионалец по Менаџмент на промени. Следен чекор во мојата кариера беше „Програмата за развој на жени лидери“ при Универзитетот на Оксфорд.
HR е професија во постојан раст и со брзиот развој на технологијата треба да бидеме во постојан тек со новите трендови и промени па затоа оваа професија постана наука со континуирана надградба.
Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?
Би било многу тешко да издвојам едно најголемо достигнување бидејќи јас сум личност која постојано се надградува себеси за секое мало достигнување. Имам секојдневни, месечни и годишни цели и секое нивно постигнување ми дава гордост и задоволство како и мотив да продолжам понатака. Како последно достигнување можам да го издвојам моментот кога бев промовирана за Раководител на секторот за човечки ресурси во компанија каде што сум единствена жена странец и воедно најмлад член во топ менаџментот каде мојот глас е подеднакво слушнат и ценет како и на останатите. Кога колегите имаат доверба во тебе како HR лидер и се чувствуваат комфорно да ти се обратат за совет, без разлика дали е на приватен или професионален план, тоа е едно големо достигнување бидејќи довербата и добрата комуникација е клучот на еден добар HR професионалец.
Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во HR?
Работењето во HR значи дека понекогаш се справувате со некои прилично неразумни или екстремни ситуации. Треба да ја развиете вештината за фокусирање и менаџирање на вашите лични емоиции додека работите низ овие ситуации. Само затоа што ви се допаѓаат луѓето не значи дека кариерата за човечки ресурси е соодветна за вас. Во HR, ќе имате многу можности да се справите со позитивни настани во животот на вработените, но, исто така, ќе треба да спроведувате политики, да ги истражите наводните прекршувања и да спроведувате отпуштања и дисциплински мерки. Не секој пат ќе имате пријатни моменти со вработените и затоа е многу важна емоционалната интелигенција во оваа професија.
Улогата на HR-от еволуираше премногу во последните неколку години. Треба да покажете дека го разбирате бизнисот и дека можете да креирате програми и политики кои ги задоволуваат деловните потреби. Доколку ги имате потребните карактеристики и поседувате голема желба да работите во оваа област, ќе имате безброј шанси да напредувате бидејќи HR повеќе не е административна функција за компаниите туку еден интегрален дел од сите бизниси ширум светот.
Велика Јаневска Паноски за 24HR:
Јас сум човек којшто постојано чита за новите HR трендови ширум светот. Претплатена сум на повеќе HR магазини и ме радува фактот што и кај нас постои платформа каде што иако сум во странство можам на дневно ниво да прочитам за новите случувања на HR сцената и да прочитам квалитетни статии и совети од нашите HR професионалци. Големо браво!
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.