Ние сме енергетски сиромашна земја. Најголемиот дел од нашите енергетски потреби се увезува. Во сегашни услови, акцентот треба да се стави на обновливите извори на енергија – вели Андреја Јосифовски, Претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“ во неодамнешното интервју за Bloomberg Adria.
Првиот човек на реномираната нафтена компанија, кога во 2022 одбележува 75 години од основањето, за регионалниот медиумски сервис изјави:
– Сега е можност да се инвестира во овие извори, но тука би сакал да потенцирам дека кај нас има едно погрешно разбирање кога станува збор за обновливи извори на енергија. Сите мислат дека во оваа категорија спаѓа само енергијата која што се добива од сонцето и од ветерот, а ги забораваат биогоривата кои што, исто така, се обнолив извор на енергија и кои што се значително застапени во европски и во светски рамки. Кај нас доцниме со законската регулатива.
Во интервјуто Јосифовски се осврнува и на финансиските резултати на компанијата во првиот квартал од годинава, што се значително подобри од ланските.
– Ако судиме по резултатите од првиот квартал верувам дека и оваа година ќе биде мошне успешна во работењето на „Макпетрол“. Гледано од аспект на прометот со нафтени деривати, тој е зголемен за 14 отсто во споредба со истиот период од 2021 година. Кај природниот гас имаме пораст од 15 проценти, додека во делот на трговија со останатите стоки, тоа зголемување е 35 отсто во првите три месеци од 2022 година.
Првиот човек на Управниот одбор во интервјуто за „Блумберг Адриа“ нагласува дека секогаш има простор за инвестиции во „Макпетрол“ и додава:
– Вообичаено, ние на годишно ниво во просек инвестираме меѓу пет и осум милиони евра. Но, да бидам искрен, нашите инвестиции во голем дел зависат и од цените на нафтените деривати. За жал, на планот на цените пазарот не е либерализиран, односно тие се формирани од Регулаторната комисија за енергетика. Без разлика на тоа, простор за инвестиции има и тие ќе се движат во областа на нови видови на горива. Ние сме првите кои што на пазарот го воведовме компримираниот природен гас (CNG), а имаме размислувања и планови да го внесеме и LNG-гасот во земјата. Секако, подоцна и водородот и другите обновливи извори на енергија.
Огромна заслуга, како што вели Јосифовски, за долгогодишниот успех на компанијата и задржувањето на лидерската позиција на пазарот со нафта и нафтени деривати имаат вработените, кои се најголемиот капитал на компанијата.
– „Макпетрол“ посветува големо внимание на својата кадровска структура. Компанијата има своја дирекција за човечки ресурси која што врши селекција на кадрите кога стануваат дел од „Макпетрол“, а потоа го поддржува нивниот развој преку постојани обуки и едукација имајќи предвид дека нашата дејност е специфична – истакнува Андреја Јосифовски, Претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“ во интервјуто за Bloomberg Adria.
Линк до целото интервју:https://mk.bloombergadria.com/ekonomija/makedonija/5131/intervju-josifovski-zasega-nema-alternativa-za-ruskiot-gas/news/
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.