Запознајте ја Викторија Дамчевска – позитивна и харизматична личност која има развиена емпатија, а воедно е и дел од инструкторскиот тим на Brainster, на Full-Stack HR Академијата.
Работи во HR сферата повеќе од пет години и има магистрирано на Sheffield International College во Солун, на отсек MBA студии – менаџмент за човечки ресурси. Моментално работи како Head of People Operations во GrabIT. Нејзината работа опфаќа регрутација и селекција на вработени, проценка на перформансот на работењето, employer branding, организација на настани и сл.
Нејзината желба е да се стави фокус на важноста на добар HR во една компанија, да се создадат што е можно подобри идни HR-и, сѐ со цел да се зајакне компаниската култура, а со тоа и да се подобрат и условите и задоволството на вработените. Споделувањето на знаење и искуства е нејзин начин за поддршка на HR заедницата.
Си поразговаравме со Викторија за нејзиното искуство како инструктор на Full-Stack HR Академијата
1. Која е твојата рутина пред започнување на едно предавање?
Не би кажала дека имам особена рутина, единствено што сакам е пред секое предавање да сум доволно одморена и полна со ентузијазам, со цел да можам да го пренесам искуството на начин како што јас би сакала да го чујам кога би била студент, но и да поттикнам интеракција кај студентите. Да пренесам насоки за размислување, не заклучоци, да ја пренесам мојата љубов спрема материјата, со надеж дека ќе ја поттикнам и кај студентите.
2. Што те мотивираше да се впуштиш во градење и обликување на идните HR таленти?
Отсекогаш сум имала желба да предавам и да го пренесам моето знаење. Академијата е одличен начин за да си ја исполнам желбата. Неверојатно е чувството да учествуваш во градењето на професионалната кариера на некој што е полн со ентузијазам да научи и те мотивира уште повеќе да го пренесеш своето знаење. Менаџментот на човечки ресурси е тематика што ме инспирира со години и јас лично да учам, и мотивирачки е кога гледаш дека некој го дели истиот твој порив.
3. Која е твојата вредност која сакаш да ја пренесеш на студентите?
Секоја материја е интересна доколку го најдеш правиот начин како да ја пренесеш, со цел да ги заинтригираш останатите. Лични приказни и применливи знаења, а не сувопарни информации. Непостоењето на граници на пренесеното знаење значи учество во растот и развојот на нашата HR заедница. Од таа причина, би сакала да го дадам максимумот и да сум достапна за сите што би сакале да научат нешто повеќе и да ја градат кариерата на ова поле. Позитивниот дух, приземјеноста и хуморот ги имам на своја страна да ми помогнат во таа цел.
4. Кое е твоето искуство од досегашните предавања на Full-Stack HR Академијата на Brainster?
Многу е лесно да го пренесеш своето знаење и искуство кога има луѓе кои се извонредно желни да го осознаат. Би рекла дека предавањата во најмала рака ми се забавни, исто колку и на студентите. Дебатите се одличен начин на осознавање на предизвиците од повеќе аспекти, дури и јас се стекнав со нови перспективи и свежи идеи.
Доколку сакате да ги надградите своите Full-Stack HR вештини или да направите кариерна трансформација во оваа област, аплицирајте за информативен разговор на Академијата за Full-Stack HR на Brainster.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.