четврток, март 19, 2026
Почетна КолумниКаква лекција за организациска култура може да се научи од голфот?

Каква лекција за организациска култура може да се научи од голфот?

by 24HR

Колумна на м-р Ана Салтирова Давидовски-Основач на Кампања #ЛиченИЗБОР www.AnaSaltirova.mk, Автор, Член на УО на МАЧР, Искусен HR професионалец, NLP Тренер и Coach, Тренер за личен развој

Замисли една едноставна игра на голф.

Правило:

Секое изгубено дупче – плаќаш двојно повеќе од претходното.

Почнуваш со 10 денари.

Па 20.
Па 40.
Па 80.

Ако изгубиш на сите 17 дупки, знаеш колку должиш?

1.310.710 денари.

А сè почнало со 10 денари. Никој не се плаши од 10 денари. Но никој не очекува милион. Тоа е моќта на компаундинг ефектот – идеја позната во финансиите, но многу помалку користена кога зборуваме за развој на луѓето. Во финансиите компаундинг ефектот создава богатство. Во компаниите, истиот ефект создава култура, а каква зависи од тоа што се умножува.

Каде се губи компаундинг ефектот во компаниите?

За мене една од болните точки се обуките. Компаниите инвестираат во обуки, луѓето слушаат, дискутираат, инспирирани се и потоа се враќаат на работа. И тука најчесто завршува приказната, не затоа што обуката не била добра, туку затоа што знаењето не било ставено во служба.

Знаењето има вредност само кога ќе стане дел од деловниот процес и ќе влезе до компаниската DNK. Една нова комуникациска техника, едно подобро прашање на состанок, еден поинаков начин на давање feedback, на почеток изгледа мало.

Но ако се повтори доволно пати?

Се случува истото што го видовме во примерот со голфот:

10
20
40
80

….

1.310.710

Секоја примена го дуплира ефектот на учењето. Не затоа што техниката е магична,
туку затоа што навиката го создава ефектот.

Зошто често не се случува ова?

Затоа што обуката е настан, а развојот на луѓето е процес. За да се случи компаундинг ефектот потребни се три работи:

  1. Знаење
  2. Повторување
  3. Структура што го поддржува повторувањето.

Без третиот чекор, знаењето останува инспирација, со третиот чекор, станува пракса.

Во последните години често им давам на учесниците по обуките една едноставна препорака: не обидувај се да примениш сè, примени една работа. Но запиши ја, следи ја, повторувај ја се додека не стане дел од твојот автоматски одговор. Со таа мисла на ум го креирав и Планер ЗА… – алатка која помага знаењето од обуките да се претвори во мали, повторливи чекори, како механизам за интеграција на учењето. Што во основа е и малата разлика што прави голема промена, а знаењето го прави видливо во деловните процеси.

Кога една техника се примени еднаш – тоа е случајност. Кога се примени десет пати станува навика и влегува во деловниот процес. Кога ја применуваат повеќе луѓе, тоа станува организациска култура.

Но истиот компаундинг ефект важи и за нешто уште поважно во компаниите – начинот на кој ги водиме луѓето. Еден разговор со почит, едно јасно поставено очекување, едно навремено признание за добро завршена работа, еден конструктивен feedback… Секој од тие мали чекори на почеток изгледа како „само уште една ситуација во работниот ден“. Но кога се повторува доволно пати, се случува истото што го видовме во примерот со голфот – ефектот почнува да се умножува. Тимовите не се градат со една голема одлука, туку со многу мали избори што менаџерите ги прават секој ден. Токму затоа во многу организации се појавува една нова потреба: менаџерите да развијат и HR вештини, дури и кога формално не работат во HR. Зошто HR не е оддел, тоа е вештина што секој менаџер треба да ја има.

Со таа идеја ја развивме и програмата HR for non-HR, која не е само уште една обука, туку структура што им помага на менаџерите да ги претворат овие мали избори во свесна пракса. Затоа што компаундинг ефектот секако се случува – прашањето е само што се умножува. Дали во секојдневните разговори со луѓето се множи довербата или недовербата, дали начинот на кој се носат одлуки создава јасност или конфузија, дали feedback културата охрабрува раст или тишина.

Кога тие избори се свесни и конзистентни, со време почнува да се случува истиот ефект што го видовме во примерот со голфот – нивното влијание се умножува. Така постепено се гради нешто што не може да се наметне со една политика или со една обука – организациската култура.

Ве оставам со едно прашање:

Која една мала работа утре можеш да ја примениш од она што веќе го знаеш?

Само една.

Но ако ја повториш?

Каде ќе бидеш по 17 „дупки“ од денес?

Related Posts

Leave a Comment