Изборот на соодветна облека за работното место може да биде комплицирано, особено на почетокот на кариерата или доколку треба да присуствувате на некој настан во рамките на компанијата.
Во последниве години кодексот на облекување што се бара на работното место се менува, еволуира, компаниите стануваат пофлексибилни. Изборот на облеката на работното место треба да овозможи да се чувствувате удобно и во исто време професионално.
Доколку претходно преовладувал стилот наречен business formal „деловно формално“ сега се повеќе доминира стилот business casual „деловно секојдневно“.
Business formal стилот подразбира кодекс на облекување кој е строг, уреден, и вклучува облека како скроени костуми со неутрални конзервативни бои, како на пример: црна, сива, темно сина, нијанси на кафена боја и никогаш светли бои. Жените може да се одлучат за костум со здолниште или костум со панталони, како и костум фустан. Должината на фустаните и здолништата треба да биде до колена. Деталите и накитот се дискретни и сведени на минимум.
Business formal стилот најчесто се применува во канцелариски средини во професии како финансии, банкарство, адвокатура и владини институции, како и кај менаџерските нивоа на раководење. Се применува и за формални настани, деловни вечери, церемонии за доделување на награди и други важни настани.
Business casual стилот е сè повеќе распространет и применлив на работните места во компаниите. Овој кодекс на облекување се разликува од Business formal со тоа што внесува некои промени во традиционалното деловно формално облекување. Не постои универзална дефиниција за Business casual, иако сеуште е во формален контекст, сепак е пофлексибилен и по неформален. Исто така може да варира во зависност од компанијата, работниот контекст и индустријата.
Business casual стилот овозможува да се задржи професионалниот изглед без да се жртвува удобноста. Погоден е за секојдневното деловно работење на работното место, состаноци со клиенти, со вработени и интервјуа за работа. Главната причина за ширењето и прифаќањето на стилот Business casual е токму во неговата сестраност и прилагодливост на различни ситуации и потреби, овозможувајќи да се усогласи професионализмот со личната удобност во нормалната професионална рутина во канцеларија, деловни посети и состаноци, како и контакти со јавноста.
Вообичаени се следните општи упатства, кои имаат тенденција да дадат генерални насоки за примена на Business casual облекување на работното место:
Женската секојдневна деловна облека вклучува елегантни панталони или сукња со средна должина, како и фустан со класичен крој. За горниот дел може да се избере кошула, блуза со долг ракав и кардиган. Кошулите и блузите со краток ракав се препорачува да се комбинираат со парчиња за покривање на рамената како палто или елегантно скроена јакна. Се препорачува избегнување на прекумерно високи штикли и спортски патики. Изгледот може да се надополни и да се комбинира со додатоци како ремен и умерен накит. Боите се најчесто неутрални, но може да се вклучи и пожива боја на облека или додаток, но секогаш со почитување на формалноста.
Машката секојдневна деловна облека нема строги правила, освен исклучување на фармерките, а панталоните можат да се комбинираат со кошули со долг ракав, како палто или пуловер во зависност од сезоната. Облеката може да се комбинира со вратоврска и ремен, препорачливо во темна боја.
Иако Business casual е по неформален начин на облекување, отколку Business formal стилот, тој сè повеќе се проширува и во формални работни средини, како што се финансискиот, правниот и банкарскиот сектор, пред сè заради прифаќање на тековите на модернизација кај помладите генерации, создавање на пријателска средина и промовирање на благосостојба кај вработените.
И покрај промовирањето и прифаќање на помалку формална работна атмосфера, со флексибилен кодекс на облекување, сепак е неопходна претпазливост и внимание за да се избегне несоодветен изглед и непрофесионална облека на работното место. Секогаш е препорачливо да се почитуваат воспоставени норми и да се прави разлика помеѓу она што е соодветно или што може да биде несоодветно за работното место.
Генерални правила за работното место во било која компанија е препораката да се избегнува облека која е светкава, со претерано изразени контрасти и дезени, да се избегнува облека наменета за спортување, премногу тесна или премногу кратка облека, како и премногу широка или лабава, шорцеви или мини здолништа, нападна и впечатлива шминка, блузи без прерамки или кои го оставаат стомакот непокриен, исечена и скината облека како: скинати фармерки, апостолки, претерано големи логоа.
Глобалната здравствена вонредна состојба, предизвикана од пандемијата, предизвика многу промени на навиките, не само во приватниот живот, туку пред сè и на професионално поле. Многумина од вработените долги месеци, па и сеуште ја работат својата работа од дома, што доведува до промени и преминување кон поудобна и полежерна облека. Можноста да се работи од дома, да се одржуваат далечински состаноци и интервјуа преку различни платформи за видео конференции, овозможија голем број на вработени да се прилагодат на поудобна и комфорна облека.
Без оглед на промените во кодексот на облекување на работното место, кои можеби ќе следат во идниот период предизвикани од промената на одвивањето на работните процеси од канцеларија или од дома, или начинот на одржување на состаноците, вработените секогаш треба да водат сметка за уредноста, нивната претставителност, чиста коса и чиста неизвалкана облека.
Во одбирањето на соодветна облека за работното место од важност е да се обрне внимание и на културата на компанијата и да се постапи соодветно. Секоја компанија има свои специфични навики и потребно е прилагодување кон нив и колку што е можно да се биде во склад со дејноста, обичаите на работното место, како и дали работните процеси бараат комуникација со клиенти и деловни состаноци. Некои компании може да бараат формален начин на облекување за посета на клиенти и конференции, а да дозволуваат деловна секојдневна облека за секојдневно нормално работење во канцеларија.
Начинот на облекување игра важна улога и помага да се проектира позитивна слика и да се создаде добар впечаток, затоа треба внимателно да се пристапи кон одбирање на облеката соодветна за работното место, како и секоја друга пригода.
„Текстот е објавен на официјалната Блог страна на Сава пензиско друштво а.д. Скопје www.nikogassami.mk “
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
За авторот:
М-р Ива Поповиќ, правник во Сава пензиско друштво а.д. Скопје
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.