Кога нужното зло, не е повеќе нужно

од 24HR

Колумна на Јасмина Антиќ Атанасовски – експерт за човечки ресурси со повеќе од 15 години постојана работа со луѓе и лиценциран советник за кариера, тренер и ментор во повеќе области.

Сигурна сум дека голем дел од нас како вработени, па и работодавачи сме се соочиле со ситуација кога имаме „Rock star“ меѓу колегите.

Некој кој знае да ја работи работата со најдобри резултати, кој знае како да комуницира со клиентите; поседува одлични технички компетенции, помладите можат да учат од него. На овој вработен полагаме голем дел од нашиот успех како компанија. Голема е веројатноста истиот тој да бил со нас подолго време во градењето на компанијата.

Како и со сите работи кои се менуваат при нивното растење, така и со компаниите, во текот на нивното постоење, доживувањето на експанзија е блиску поврзано со постојани промени и флексибилност. Оваа флексибилност ни помага полесно да прифатиме секаква промена, со најмалку последици по нашите вработени и бизнисот во целина.

Многу често, нашите „Rock star“ колеги во ситуации кога треба да менуваме и да се адаптираме, се токму оние кои се најнефлексибилни. Оние кои се опуштени во конфорт зоната која ја имаат, во која се чувствуваат најсигурно. Тргнувајќи исклучиво од личните потреби и интереси, го ставаат во втора позиција интересот на тимот, колегите и компанијата. Сите останати треба да се прилагодат на нив. Тука повеќе не можеме да кажеме дека станува збор за тим, екипа која заедно расте и „граби“ напред.

Полека стануваме сведоци како почнува да се развива „токсичноста“ во релациите меѓу нашите вработени. Кога имаме ситуација кога менаџментот толерира нечија токсичност, кога менаџментот нечии грешки ги прифаќа како нормални, тогаш навлегуваме во една сива зона кога на вработените почнува да не им е баш јасно зошто за едни сме „мајка“, а за други „маќеа“.

Логично и следствено, секторот за човечки ресурси е тој кој треба да помогне да се воспостави баланс во односите меѓу вработените. Да му посочи на менаџментот за одредени постапки, па и влијанија кои можат сериозно да ѝ нашетат на организациската култура.

Кога ќе се најдеме во ситуација да ни биде кажано дека ваквиот вработен кој негативно влијае на задоволството и мотивацијата кај голем дел од вработените е едноставно „нужно зло“ кое ни е потребно и мораме да го толерираме, за нас како ЧР професионалци е најпогубно да се сложиме со ова и да го прифатиме како единствена вистина. Свесноста дека лошиот пример од еден вработен ќе влијае на (негативна) промената кај барем уште неколку други вработени не смееме да ја занемариме. Еден од најголемите мотиватори за задоволство на вработените од нивната работа се и колегите и околината, атмосферата во која тие работат. Не смееме да дозволиме еден човек да ни ја смени културата во компанијата, да ги нарушиме нашите принципи и вредности врз основа на кои сме ја изградиле компанијата.

Во ситуација кога заради незадоволство од менаџментот и одлуките кои тој ги носи во врска со внатрешните односи и случувања во компанијата ќе започнат да ни заминуваат вработените, ќе сфатиме дека „нужното зло“ и не е така нужно бидејќи успехот кој го имаме се должи на сите вработени, не само на еден, па нека е и најдобар „Rock star“.

Кога овој воз ќе тргне, тешко можеме да го сопреме, најчесто се додека не направиме коренити промени во содржината на нашите тимови.

За авторот:

Јасмина Антиќ Атанасовски е експерт за човечки ресурси со повеќе од 15 години постојана работа со луѓе. Лиценциран советник за кариера, тренер и ментор во повеќе области, вечен оптимист и вљубеник во спортот.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...