Колумна на Томида Караиванова Алаѓозовска
Секој ден се соочуваме со безброј задачи и рокови кои треба да ги завршиме. Како лидери, често се потпираме на тоа да ги исполниме обврските навремено, што некогаш ги игнорираме потребите на нашиот тим. Важно е да се запрашаме: дали работата што ја завршуваме и брзото постигнување на целите ја прави нашата средина поефикасна?
Едно од моите искуства беше со колега кој се соочуваше со голем стрес поради големиот обем на секојдневни обврски. Тој работеше под голем притисок да ги заврши задачите навремено, но на крајот тоа се одразуваше на неговото лидерство и целокупните резултати на тимот. Преплавен од секојдневни обврски го изгуби фокусот на приоритетните задачи, ретко комуницираше со тимот воопшто не посветувајќи време на нивна мотивација и не покажуваше разбирање за нивните потреби. Резултатите? Намалена ангажираност, пад на продуктивноста и намалување на тимскиот дух.
Токму тоа е проблемот кога лидерите се премногу фокусирани на задачите, а не на луѓето. Личниот лидерски стил може да влијае на тимот на многу начини: стресот и пренатрупаноста ги прават луѓето да се чувствуваат потиснато и нефокусирано. Кога не се водат со човечност, резултатите на тимот обично се краткорочни и ограничени.
Како лидери, важно е да се запрашаме: што е поважно, задачите или луѓето што ги водиме? Иако задачите се клучни, резултатите ќе бидат далеку подобри ако се обрне внимание на тимот, ако се создаде здрава комуникација и доверба, и ако се обезбедат услови за балансираност помеѓу работата и животот.
Со долга заедничка работа за покренување на свесноста, колегата го промени својот пристап. Започнавме со редовни проверки на тимот, поставување јасни цели и план за реализација, но и со активно слушање на секој член на тимот и квалитетна работа со нив. Со време, продуктивноста се зголеми, но битно беше што атмосферата стана попозитивна и соработката во тимот се подобри.
Ова искуство ми покажа дека лидерството не е само да се постигнуваат цели, туку да се создаде средина во која луѓето можат да растат и да се развиваат. Во крајна линија, вистинските резултати се оние што ја зајакнуваат и тимската хемија и долгогодишниот успех.
Како влијае вашиот лидерски стил на тимот? Како се справувате со балансот помеѓу задачите и луѓето?
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.