Критички мислител на работно место – херој или непријател?

од 24HR

Колумна на Силвија Попчановска-Специјалист по стратегиски менаџмент на човечки ресурси

Понекогаш најгласните луѓе во една компанија не се оние што зборуваат најмногу — туку оние што поставуваат најтешки прашања. Вработените кои размислуваат критички не доаѓаат на работа само да си го завршат делот и да замолчат. Тие гледаат подлабоко. Забележуваат кога нешто не е логично, кога некоја постапка е погрешна, кога системот крие пукнатини што никој друг не ги признава.

И токму затоа, многу компании истовремено ги бараат и ги избегнуваат овие луѓе. На интервју велат: „Ни треба некој што размислува аналитички, што не се плаши да каже“. А потоа, кога истиот тој човек ќе каже нешто што не е баш пријатно за слушање — започнува молк. Менаџерите се повлекуваат, колегите се свиткуваат, а воздухот тежнее. Како да е грев да укажеш дека нешто може да се направи подобро.

А како се чувствуваат тие луѓе? Вистината е едноставна: исцрпени, но и верни на себе.
Од една страна, нивната искреност често се толкува како „преголема критика“ или „премногу директно даден фидбек кој што е веќе побаран“. Од друга страна, тие не знаат да функционираат поинаку. Кога гледаат неправда, кажуваат. Кога нешто не штима, реагираат. И тоа не го прават за да се истакнат — туку затоа што искрено им е грижа. Грижа за клиентот, за тимот, за процесот, за компанијата.

Но тоа носи и тежина. Критичкиот мислител често оди дома со чувство дека „пак премногу рекол“. Или дека се бори сам против ѕид. И тука се создава најголемата неправда: луѓето што најмногу го движат напредокот, најчесто се чувствуваат најмалку слушани.

А вистината е дека компаниите што ќе научат да ги прифатат овие луѓе — ќе одат напред. А оние што ги гушат? Ќе останат заробени во истиот круг на грешки, само затоа што никој немал храброст да каже гласно што не функционира.

Затоа, важно е и компаниите и критичките умови да направат по неколку чекори еден кон друг.

На крајот, иднината ќе ја поместат токму овие „неудобни“ луѓе — тие што не прифаќаат само да се вклопат. Оние што велат: „Може поинаку. Може подобро. Мора почесно.“

За авторот:

Силвија Попчанговска -HR специјалист,колумнист и глас на оние кои тешко се слушаат на работа

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...