Многу луѓе имаат впечаток дека улогата на менаџер по автоматизам ве прави и лидер. Но сепак постои многу голема разлика помеѓу менаџирањето и лидерството односно помеѓу управувањето и водењето група луѓе.
Не сите менаџери знаат како да мотивираат и да влијаат на другите, што од друга страна е важна карактеристика на лидерството. Наспроти тоа дури и некои од најинспиративните луѓе немаат изразени менаџерски способности, односно „менаџери во себе“. Но, нивните одлични идеи и ентузијазам ги мотивираат другите да одржуваат и зачуваат долгорочна визија, што ги прави големи лидери. За подобро да ги разбереме разликите помеѓу менаџерите и лидерите, треба добро да ја разбереме улогата на овие позиции во една компанија.
Доколку имате титула менаџер, може да се замислите себеси како лидер. Но, постојат значителни разлики помеѓу начините на кои лидерите и менаџерите ги мотивираат луѓето да постигнат заеднички цели.
Лидерството води група на луѓе кон заедничка цел и лидерите имаат три препознатливи, уникатни карактерисктики: ги инспирираат луѓето да ја споделат својата визија, ги мотивира поединците да дејствуваат според таа визија и многу важно, го поттикнуваат тимот да ги надмине пречките во криза.
Од друга страна пак менаџментот е процес на соочување и контролирање на нештата или луѓето. Менаџерите се луѓе кои планираат, организираат и координираат ресурси, луѓе кои поседуваат соодветни менаџерски вештини. Главната разлика помеѓу лидерите и менаџерите е тоа што лидерите ги привлекуваат оние кои веруваат во нивната визија додека менаџерите имаат луѓе кои работат за нив, но не мора нужно поддршка на идеите и визиите за управување.
Лидерите создаваат заедничка визија, менаџерите постигнуваат заеднички цели.
Лидерите создаваат слика за она што го гледаат како можно, ги инспирираат и ги ангажираат своите луѓе да ја претворат таа визија во реалност. Тие размислуваат подалеку од она што го прават поединците. Ги активираат луѓето да бидат дел од нешто поголемо. Тие знаат дека тимовите кои работа заедно можат да постигнат многу повеќе од поединци.
Менаџерите пак се фокусираат на поставување, мерење и постигнување цели. Тие ги контролираат ситуациите за да ги постигнат или надминат поставените цели.
Лидерите се водени од иновациите. Тие ги прифаќаат промените и фактот дека промените во системот често создаваат бранови. Менаџерите се држат до она што функционира, ги рафинираат системите, структурите и процесите за да ги подобрат.
Она што е карактеристично е тоа што лидерите се подготвени да бидат тоа што се, тие се посветени на личен раст. Имаат високо ниво на самосвест и активно работат на градење на нивниот уникатен и посебен личен бренд. Тие се автентични и транспарентни. Љубопитни се и сакаат да останат релевантни во светот на работа кој постојано се менува. Ним им требаат луѓе и информации кои ќе го прошират нивното размислување.
Менаџерите пак од друга страна имитираат компетенции и однесувања што ги учат од другите и усвојуваат свој стил. Често го дуплираат она што ги направило успешни, усовршувајќи ги постоечките вештини и прифаќајќи го докажаното однесување.
Лидерите преземаат ризици, додека менаџерите ги контролираат ризиците. Тие се подготвени да испробуваат нови работи, дури и ако тоа понекогаш не успее. Тие знаат дека неуспехот е често чекор на патот кон успехот. Менаџерите работат на намалување на ризикот. Тие сакаат да ги избегнуваат или контролираат проблемите, а не да ги прифаќаат.
Лидерите се фокусирани на луѓето, а менаџерите на процесите. Тие секогаш размислуваат за своите тимови и му придаваат важност на нивниот раст. Добриот лидер знае дека со растот на неговиот тим расте и бизнисот, а секако и тој. Менаџерите го надгледуваат нивниот тим, а лидерите ги учат. Лидерите не управуваат со својот тим, туку го мотивираат и го водат кон визија.
Лидерите се фокусирани на поголемата слика, додека менаџерите ги исполнуваат тековните задачи.
Додека лидерот го одржува тимот фокусиран на целокупната цел на нивната работа, менаџерот го одржува тимот фокусиран на исполнување на задачата.
Лидерите заслужуваат и уживаат почит со харизма, а менаџерите со авторитет.
Лидерите ја заслужуваат почитта на другите со својата харизма и ги тераат другите да ги следат. Затоа лидерите имаат „фанови“, а менаџерите имаат вработени кои ги почитуваат. Менаџерите доделуваат задачи, додека лидерите поттикнуваат идеи. Лидерите сакаат да го вклучат целиот тим во процесот и сакаат да размислуваат за нови идеи или да ги охрабруваат луѓето секогаш да го изразуваат своето мислење, доколку гледаат подобар начин нешто.
Моето лично видување е дека лидерите и менаџерите можеби се на спротивните краеви на спектарот кога станува збор за авторитет, но тие се во ист тим. Лидерот може да има одлична визија, но без менаџер кој ќе ја спроведе, визијата нема да се реализира. Менаџерите мора да се придржуваат до стандардите, но ако не се инспирирани од лидерството, нема да можат да ја споделат својата визија со остатокот од тимот.
Луѓето може да бидат поставени на менаџерски позиции како резултат на различен сплет на околности но тоа не значи дека се лидери. Од друга страна пак лидерскиот дух и лидерот во себе не може да ви го одземе никој без разлика дали сте на врвот на пирамидата или на крајот.
За мене не постои формалната мотивација ( унапредување со плата, позиција и сите бенефити кои ги вклучува одредена позиција ) што би ги заменила за признанието како лидер што го добивам спонтано низ годините од компанијата и мнозинството вработени, изразено преку прифаќањето на моите идеи, следење на мојот пат, довербата во моето раководење , изразено преку постапките на вработените.
Улогата на лидерот е позитивна бидејќи тој го открива скриениот талент на своите следбеници и им дава соодветни насоки за постигнување на целта. Од друга страна улогата на менаџер не е нешто на што треба да се завидува и воопшто не е лесно. Преку дисциплина, посветеност на работата и донесување остри и категорични одлуки, кои не секогаш им се допаѓаат на вработените, менаџерот има за цел да ги направи вработените најдобри во своите области. На компаниите им требаат и менаџери и лидери за да работат непречено. Со недостаток на менаџмент, компанијата ризикува да излезе од регулативите и да не ги исполни своите цели. Недостигот на лидерство води до немотивиран и неинспиративен тим.
За авторот:
Бјанка Катру е Менаџер за човечки ресурси и администрација во Финансиското друштво М КЕШ. Во 2007 година се стекнува со титула Дипломиран политиколог и специјалист по човекови права на Универзитетот Американ Колеџ, а во 2009 станува Магистер за Менаџмент на човечки ресурси. Се води по мудрата мисла дека знаењето е моќ, но однесувањето создава почит.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.