Да се создава мода не значи само да се следат трендови – тоа е уметност на визија, адаптација и континуирана еволуција. Зад секоја линија на ткаенината, зад секоја нова колекција, стои тим од луѓе кои не ја следат, туку ја креираат насоката на брендот. Таква е и приказната на Sara Fashion, македонски моден бренд кој повеќе од две и пол децении ја гради својата препознатлива естетика и корпоративна култура водена од систем на вредности, длабока посветеност и креативност.
Во компанија која денес брои околу 300 вработени и присуство на повеќе пазари, човечкиот капитал не е само ресурс – тој е суштината на нејзината сила. Токму таму својата професионална мисија ја реализира Марија Ковачи, менаџер за човечки ресурси со деветгодишно искуство во Sara Fashion. Нејзината улога надминува класичен HR менаџмент – таа е дел од стратегискиот раст, културната трансформација и лидерството што стои зад секоја успешна приказна на брендот.
Со Марија разговараме за уметноста на управување со луѓе во креативна индустрија, како се гради средина што инспирира и мотивира, и зошто верува дека успехот на секој бренд започнува со луѓето кои искрено веруваат во него.
1. Како започна Вашата професионална приказна во Sara Fashion и што Ве привлече во областа на човечките ресурси?
Мојата професионална приказна со Sara Fashion започна пред девет години, во период кога компанијата веќе имаше стабилна пазарна позиција, но беше подготвена за нов циклус на организациски развој. Препознав потенцијал за воспоставување структуриран HR систем кој ќе биде двигател и партнер на стратегискиот раст на компанијата.
Областа на човечките ресурси за мене отсекогаш претставувала спој на психологијата, современото лидерство, бизнис стратегијата и развојот. Како психолог по професија, верувам дека вистинската сила на секоја организација произлегува од начинот на кој ги разбираме, мотивираме и насочуваме луѓето. Токму тоа е суштината на мојата професионална мотивација – да креирам средини во кои индивидуалниот потенцијал се трансформира во колективен успех.
2. Sara Fashion денес има околу 300 вработени во повеќе земји. Како се гради и одржува тим со толку голема динамика и различни профили?
Да се управува со голем тим значи да се управува со комплексна мрежа од личности, вредности и очекувања. Секој човек носи своја енергија, карактер, компетенции и животна приказна, а вистинскиот предизвик на менаџментот е да создаде средина во која сите тие различности ќе функционираат синергично и во насока на заедничка цел.
Градењето и одржувањето на таков тим бара јасна визија, посветеност, конзистентност, системски пристап и силна организациска култура заснована на вредности. Негуваме транспарентна комуникација, јасно дефинирани цели и длабоко чувство на припадност и лојалност. Клучен фактор во нашиот успех претставува способноста за препознавање на потребите на потрошувачите односно вистинската вредност што тие ја очекуваат. Истовремено, континуирано инвестираме во развој, професионални обуки и унапредување на продажните и услужните вештини на нашите вработени.
Токму оваа синергија меѓу квалитетот на производот, конкурентната цена и врвната услуга ја претставува нашата најсилна конкурентска предност и темел на долгорочната стабилност и успех.
3. Како ги мотивирате вработените во модна индустрија, која бара и креативност и дисциплина?
Модната индустрија е еден од најдинамичните сектори – бара прецизност на процесот, системска анализа, брза адаптибилност но и храброст во креативноста. Секоја улога, без разлика дали е креативна или оперативна, има своја стратегиска важност. Затоа настојуваме луѓето да ја разберат вредноста на сопствениот придонес во целината. Мојот пристап е да создадам средина каде луѓето се чувствуваат стабилно, почитувано и препознаено. Кога вработените имаат јасни насоки, фер третман и чувство дека нивниот труд е вреднуван, тие природно стануваат поангажирани.
Најголемата мотивација произлегува кога човек чувствува дека неговата работа има суштинска вредност, дека неговиот глас е слушнат и дека има можност да расте. Затоа, мојот пристап е холистички: комбинирам психолошко разбирање, организациска структура и хуман пристап за да создадам рамнотежа меѓу дисциплината што овозможува стабилност и креативноста што води кон иновација. Верувам дека рекогницијата -искрено и навремено признание за вложениот труд има длабок психолошки ефект врз мотивацијата, бидејќи ја засилува поврзаноста помеѓу личниот придонес и колективниот успех.
4. Компанијата годинава слави 26 години. Како HR тимот придонесе кон растот и стабилноста на Sara Fashion во текот на годините?
Растот и стабилноста на Sara Fashion се резултат на конзистентна стратегија, визионерско раководство и посветен тим. HR тимот имаше суштинска улога во тој процес – од подобрување на организациска структура согласно растот на компанијата, преку процеси на селекција и развој, па се до градење на култура на ангажираност, припадност и висок перформанс. Планирањето создава јасна насока и структура во работата, што овозможува подобра организација, предвидливост и навремено носење одлуки. Кога тимот има план, полесно се поставуваат приоритети, се минимизира стресот и се зголемува ефикасноста. Тоа не само што го поттикнува успехот, туку и овозможува полесно справување со идните предизвици, затоа што организацијата е подготвена, флексибилна и има јасна стратегија за дејствување.
Нашата мисија секогаш била да го поврземе човечкиот потенцијал со бизнис целите, создавајќи систем кој обезбедува стабилност, но и простор за креативност.
5. Со проширувањето во регионот, воведување на нови брендови но и проширување на портфолиото на производи, како се менуваат потребите во човечките ресурси?
Со интернационализацијата и лансирањето на нови брендови и категории на производи, потребите во областа на човечките ресурси стануваат значително поразновидни и стратегиски ориентирани. Се јавува потреба од нови компетенции – од интеркултурна интелигенција, до дигитални и лидерски вештини. Нашата улога сега е да обезбедиме интегриран HR модел кој ги поврзува локалните специфики со глобалните стандарди. Вложуваме во идентификување на спецификите на секој пазар но и во развој на лидери кои можат да управуваат со различни тимови, да мотивираат во контекст на промени и да ја рефлектираат и репрезентираат компанијата со достоинство.
6. Што за Вас значи „човечки пристап“ во менаџирањето?
За мене, човечкиот пристап претставува лидерство со емпатија, интегритет и свесност. Тоа е умешноста да се разбере човекот зад улогата и да се креира средина во која секој се чувствува виден, слушнат и вреднуван.
Човечкиот пристап не е отсуство на структура, туку баланс меѓу професионалните стандарди и човечката димензија. Цврсто верувам дека најсилните организации се оние што успеваат да останат човечни во процесот на својата професионализација.
7. Кои се Вашите планови и приоритети како HR менаџер во наредните години?
Идниот план на секторот за човечки ресурси е насочен кон целосна ревизија на постојните методи на работа, со цел да ги направиме поефикасни, подинамични и усогласени со современите организациски потреби. Планираме интеграција на вештачка интелигенција (AI) во одредени процеси, што ќе овозможи попрецизни анализи и побрзо донесување одлуки базирани на податоци. Истовремено, ќе се фокусираме на развивање на нов пристап кон помладите генерации, кои често имаат тенденција да бараат брз успех. Наместо да го критикуваме тој импулс, ќе го насочиме преку менторство, јасни цели и програми за личен развој кон долгорочна мотивација и одговорност.
Нашата визија е HR секторот да стане стратешки партнер во организацијата, кој не само што управува со луѓето, туку активно го обликува начинот на размислување, прилагодувајќи го на иднината што веќе пристигна. Во наредните години мој приоритет ќе биде развивањето на следната генерација лидери и зајакнување на организациската култура на учење и иновација.
Мојата визија е Sara Fashion да остане пример за компанија која расте преку луѓето, каде човечкиот капитал не е само ресурс, туку двигател на одржливиот развој и корпоративната репутација.
Да се биде дел од тимот е како да свириш во симфонија, секој тон има значење, секој член е важен. Лидерот води со доверба, тимот одговара со посветеност. Кога секој се чувствува виден и вреднуван, се создава мелодија – заедничка, силна, незаборавна. Нашата грижа за луѓето и клиентите е музиката што ни ја носи вистинската конкурентност. Заедно, свириме најдобра мелодија – успехот што трае.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.

