МОТИВАЦИОНО ПИСМО (дел 3)

од 24HR

Колумна на Билјана Митева,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner

Мотивационото писмо (Cover letter/Motivational letter) е писмо за запознавање кое е прикачено за или е придружено од некој друг документ како на пример CV или резиме. Најважните работи што треба да ги содржи мотивационото писмо се: вашите лични податоци, името на компанијата каде што аплицирате, датум на испраќање на апликацијата, содржина на писмото и ваш потпис. Мотивационото писмо не треба да биде подолго од 1 страница, треба да биде кратко и прецизно и треба да биде импресивно напишано. Не треба да се користи едно мотивационо писмо за секое работно место на кое аплицирате. Тоа значи дека пред да започнете да го пишувате мотивационото писмо треба добро да ја проучите компанијата каде што аплицирате, како и огласот на кој се пријавувате. Регрутерите ценат мотивационо писмо напишано за нивната компанија за точно определеното работно место за кое се пријавувате.

Структурата на мотивационото писмо може да биде формулирана на 2 начина:

1.      Може да биде составено од 3 ставови: вовед, содржина и заклучок

2.      Може да биде составено од 3-7 става кои што се концизни и изразуваат релевантни информации за позицијата за која што се пријавувате (се препорачува во еден став да бидат содржани од 1-3 реченици).

Чекори кои што треба да се следат при пишувањето на мотивационото писмо:

1.      Идентификување на проблемот (наведете дека сте свесни за предизвикот кој го нуди компанијата преку вработувањето на тоа работно место)

2.      Нудење на решение (во овој дел ги наведувате сите силни страни кои ги поседувате, а со кои вие можете да придонесете за подобро работење на компанијата во која аплицирате)

3.      Заклучок (пишувате завршна реченица во која ќе наведете дека со голема желба очекувате ваше вклучување во тимот за да можете што побрзо да придонесете во понатамошниот развој на компанијата)

Можеме да заклучиме дека мотивационото писмо треба да биде кратко и јасно напишано. Пред да се напише добро да се истражи компанијата каде што аплицирате. Едно мотивационо писмо не се испраќа на секој оглас каде што аплицирате. Внимавајте на печатни и граматички грешки и никако немојте да испраќате мотивационо писмо во банка ако претходно со тоа писмо сте аплицирале за работно место во некоја странска компанија (насловот до кого го доставувате задолжително да се проверува).

И дефинитивно не треба да се аплицира на сите објавени работни места во еден оглас во една компанија (делува крајно несериозно, особено ако не ги исполнувате бараните услови).

За авторот:

Билјана Митева,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...