НА ПОЧЕТОКОТ БЕШЕ ЗБОРОТ!!!

од Marija Mladenovska

На почетокот беше зборот. Или можеби мислата што го роди зборот? Или можеби чувството што ја создаде мислата? Како и да е. На почетокот беше зборот, бидејќи зборот беше упатен некому, слушнат и разбран. И, би светлина!
Ако искрено погледнете околу себе и се обидете да ги најдете прапричините за кој и да било проблем што го имате во животот, приватно или деловно, од целата таа листа на “требаше да…”, сигурна сум дека Нејзиново Величество Комуникацијата ќе биде добитник на еден од медалите. Не навлегувам во тоа дали ќе признаете дека вие не сте комуницирале доволно јасно, прецизно, навремено, или “вината” ќе ја најдете кај некој од другите главни актери на сцената, комуникацијата е секогаш еден од проблемите.


Да признаеме, не сите знаат добро и квалитетно да комуницираат. Постојат тука слоеви и слоеви причини и прапричини зошто некои луѓе се подобри во комуникација од други, но тоа е работа на психолозите, не наша. На крајот, не е ни важно зошто некој не умее да комуницира. Важно е што таа некомуникација или лоша комуникација влијае на квалитетот на работењето, релациите на работното место, релациите со коминтентите и тн. И, секако, на квалитетот на врските помеѓу луѓето, во и вон работно време.


Мислам дека комуникацијата треба да се учи во основно училиште, како предмет. И не се ни зафркавам. Замислете свет во кој секоја личност ќе умее јасно да ги изложи своите мислења, своите чувства, своите ставови, да слушне што за нив мислат другите и да прифати секаков конструктивен предлог, или да одбере да остане на својата позиција, без притоа некој во ситуацијата да се почувствува загрозен или омаловажен. Колку ваквите отворени комуникации можат да го подобрат односот дете-родител, брат-сестра или односот меѓу партнерите!


Замислете го тоа на работното место! Замислете средина во која секој умее, смее и може јасно да предложи решение на проблемот, да укаже на нов начин на работа, да им предочи на колегите нешта што можат подобро и поквалитетно да се одработат, а притоа да биде ислушан, почитуван и мотивиран да продолжи тоа да го прави и во иднина! Комуникацијата не е автопат, двонасочна улица е.


А сега, погледнете ја другата слика. Човек кој се обидува да комуницира онака како што знае, кој се обидува, на начин близок до него, вербално или невербално да укаже на нешто, а останува неслушнат, несфатен, неприфатен. Игнориран до тој степен што почнува да се сомнева во својата вредност, во своето постоење. Што ќе преземе штом се почувствува така? Ќе замолкне. Да, ќе се обиде на секој можен начин да укаже, но ако и после сите обиди, после сите вербални и невербални начини на комуникација со кои се обидел да допре до тоа што му било битно, остане игнориран, ќе замолчи.
И, сите тие прекрасни идеи во неговата глава кои можеле да ја осветлат темнината, ќе угаснат со него.

Затоа што, на почетокот беше зборот. На крајот, само тишина.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...