Колумна на Викторија Дамчевска, VP of Operations во ePeople HUB.
Направи сè како што треба. Учеше напорно, правеше петгодишни планови и иташе кон работата од соништата. Работеше до исцрпеност, поставуваше огромни цели и ги исполнуваше внимателно сите полиња. А потоа еден ден се разбуди и почувствува… Празнина. Несреќа. Заглавеност во „што можеше да биде“ и „што ако“. Ти звучи ли познато?
Ќе го завршам овој курс и тогаш ќе бидам среќен. Ќе ја добијам оваа работа и тогаш ќе бидам среќен.

Има една серија на Нетфликс што ја обожавам, се вика Dark. Музика од која срцето слегува в петици, бескрајна напнатост и испреплетените временски текови кои создаваат некоја тешка атмосфера на немир. Едно момче исчезнува во пештера, но како што се развива приказната сфаќаш дека тој патувал низ времето, па вистинското прашање не е Wo ist Mikkel? (Каде е Микел?) туку Wann ist Mikkel? (Кога е Микел?).
А што ако токму прашањето „кога“ е клучот за разбирање на среќата?
Запрашај се себеси, пред спиење, во најтивките моменти: Дали размислуваш за минатото со топлина во срцето и без каење, или траумите и негативните искуства ти го замаглуваат сеќавањето? Дали мислиш само на сегашниот момент: на благосостојбата, хедонизмот, задоволството, краткорочните цели? Или пак постојано си опседнат со иднината: долгорочни цели, амбиции и планови? Живееш ли пет години нанапред, додека вистинскиот живот ти бега во сегашноста?

Пред некое време, сосема случајно, налетав на книгата The Time Paradox од Џон Бојд и Филип Зимбардо и сфатив дека го живеам животот целосно наопаку. Искрено, одамна знаев дека морам нешто да сменам: имав некои кариерни постигнувања, но секогаш бев насочена кон „следното големо нешто“, налик на хрчак во тркало. И не чувствував ништо.
The Time Paradox покажува дека среќата зависи од рамнотежата: благодарност кон минатото со позитивен фокус, умерено висок фокус на иднината и целите, и умерено високо уживање во сегашноста.
Тука јас грешев. Како што ќе каже Даниел Гилберт во Stumbling upon happiness: Секојпат кога посакуваме нешто – унапредување, брак, автомобил, чизбургер – ние очекуваме дека ако го добиеме, тогаш личноста што ќе ги носи нашите отпечатоци за една секунда, минута, ден или деценија од сега, ќе ужива во светот што ќе го наследи од нас, почитувајќи ги нашите жртви додека ја жнее жетвата на нашите мудри инвестициски одлуки и воздржаноста во исхраната.
Па така, или идните верзии на нас се премногу себични за да ја ценат сегашната жртва, или едноставно не можеме да предвидиме што навистина ќе нè направи среќни.
Ако сте доволно храбри да копате подлабоко, можеби сте ја откриле суровата вистина: среќата не доаѓа од тоа да правиш сè „правилно“ или да бидеш опседнат со иднината.

Иднињаците (слободен превод за „луѓето кои се претерано фокусирани на иднината“) често ги занемаруваат другите. Во експериментот за Добриот Самарјанин, луѓето брзале кон своите цели наместо да им помогнат на оние на кои очигледно им била потребна помош, докажувајќи дека опседнатоста со иднината нè прави помалку човечни.
Иднињаците жртвуваат сè: времето со семејство, времето со пријатели, хобијата, радостите. Живеат за работата, постигнувањата и контролата. А кога ќе ја постигнат целта, веднаш ја заменуваат старата со нова цел. А тој круг никогаш не завршува.
Но, она за што сонуваме денес можеби утре нема да донесе радост. Работата од соништата? Да речеме дека ќе ја добиеш. Кој може да гарантира дека по една година ќе ја сакаш исто толку многу? Сети се: некогаш ја сонуваше работата што ја имаш сега, а можеби денес ја мразиш.
Причините се многубројни. Во The Paradox of Choice, Бери Шварц зборува за „максимизатори“ (maximizers), луѓе што секогаш го бараат најдоброто: најдобрата работа, најдобрата куќа, најдобриот партнер, најдоброто јадење во менито. И кога ќе направат избор, се појавува нешто „подобро“, та каењето ги проголтува небаре ламја. А секогаш ќе има нешто подобро.
Ништо не може да ги задоволи очекувањата на максимизаторите, па нивната перспектива однапред ги осудува да се чувствуваат несреќни и незадоволни. Станува многу потешко кога ќе бидеш преплавен со толку многу избори (или како што вели Бери Шварц: „тиранијата на изборот“). Еве само помислете: во свет на бескрајни опции сè станува уште потешко: стотици ресторани, работни места, милиони песни за слушање, илјадници филмови за гледање, дејтинг платформи. Може да изгледа возбудливо да ја имаш целата таа слобода и можност за избор, но во исто време е и преплавувачки и исцрпувачки.
„Кога имаш премногу избори, ти си одговорен за тоа што ќе ти се случи,“ вели Шварц.
Ама ние не сме најмудрите одлучувачи за сопствениот живот.
За разлика од другите цицачи, нашите мозоци можат да си ја замислат нашата иднина. Но, кога ни недостасуваат информации, ние ги пополнуваме празнините со погрешни претпоставки. Овој начин на „предосетување“ е мајка на сите големи грешки. „Истражувањата покажуваат дека кога луѓето предвидуваат како ќе реагираат на идни случки, тие се склони да заборават дека нивниот мозок го извел трикот пополнување како составен дел од самата имагинација“ — пишува Гилберт. Па така ние постојано правиме погрешни предвидувања.
Ние се споредуваме со други луѓе, понекогаш попуштаме под притисокот на околината, а кога конечно ќе ја добиеме работата или нештото што сме мислеле дека го сакаме, сфаќаме дека, всушност, не сме го сакале. Особено кога ја имаме опцијата да си го промениме мислењето.
Даниел Гилберт го спомнува експериментот со студентите по фотографија. Веројатно сте чуле за него. Учествувале две групи студенти. Првата група требало да избере една фотографија од оние што самите ги направиле, без можност да ја променат одлуката и да си ја земат дома. Втората група имала можност да ја смени својата одлука.
Експериментот открива дека луѓето кои имале опција да ја променат својата одлука за тоа која фотографија ќе ја задржат, изразиле помало задоволство со нивниот конечен избор отколку оние кои немале можност да се премислат. Студијата покажала дека самата можност да се промени
одлука може да го ослабне „психолошкиот имунолошки систем“, кој вообичаено ни помага да се приспособиме и да бидеме задоволни со нашите избори, дури и кога првичниот избор бил случаен.
Да биде иронијата поголема, најчесто дури и свесно бираме да платиме повеќе за опциите што ни даваат шанса да се предомислиме, при резервирање хотел или билет.
Премногу избори. Премногу фокус на иднината. Заборавање на сегашноста. Не е ни чудо што сме несреќни.
Луѓето ја гледаат среќата како нешто важно, ама не и итно. Всушност, според Зимбардо, таа е само на 10-то место на листата на приоритети кај луѓето. Но, порано или подоцна, ќе зажалиме. Никој на смртната постела не рекол: „Ех, камо да работев повеќе“. Брони Вер открива дека најчестите каења на луѓето на смртна постела биле: дека не живееле автентичен живот, дека работеле премногу, дека не ги изразувале своите чувства, дека изгубиле контакт со пријатели и дека не си дозволиле да бидат посреќни.
Затоа мора да тргнеме во обратна насока. Треба да се погрижиме нашето сегашно „јас“ да биде среќно, за идното „јас“ да не биде обременето од каење. Треба да најдеме рамнотежа помеѓу погледот кон иднината и она што го имаме во сегашноста и минатото.
И не, не велам дека треба да се преселиме на плажа, да ги потрошиме заштедите на коктели и забави и да заборавиме на сите планови и цели.
Но, постојат неколку совети што можат да ни помогнат да бидеме посреќни.

Ресетирање на часовникот
Ако премногу сте фокусирани на иднината, треба да правите што помалку, а не што повеќе. Јас мислев дека треба да се запишам на уште еден курс за да бидам среќна. Но, веројатно погодувате, не било до тоа.
Вежбајте да кажувате „не“ на непотребната бучава. Кога правите листа со приоритети, избришете ги задачите од дното. На почеток ова несомнено ќе влијае на чувството на самовреднување, она што сте го научиле како претерано амбициозни деца („петкаши“). сепак нашата вредност не доаѓа од нашиот „аутпут“. Тешка, меѓутоа вредна лекција.
Вежбајте да давате и примате време, тоа е најскапоцениот подарок што човекот има да го даде. Не се секој и сешто достојни за вашето време. Подарете си и време за одмор и бидете нежни со себе.
Сегашноста е вашиот најголем подарок, уживајте во неа
Дајте ѝ на душичката малку хедонизам: добра храна, одлична музика, присуство во моментот. Вежбајте добри дела, грижете се за телото, ценете и негувајте односи со луѓето што ви значат, зачувајте ја детската љубопитност.
Бидете благодарни
Размислувајте за минатото со оптимизам. Луѓето ретко се споредуваат со оние што имаат помалку, туку со оние што имаат повеќе и тоа е коренот на незадоволството. Затоа сребрените медалисти
се понесреќни од бронзените: среброто било „речиси злато“, додека бронзата била „речиси без медал“.
Започнете дневник на благодарност и секој ден запишете три работи за кои сте благодарни. Најчесто ќе бидат мали нешта: сончевиот зрак низ прозорецот, а ретко големи, како унапредување. Но, кога умот ќе почне да се фокусира на она за што треба да си благодарен, вашето гледиште кон светот ќе се промени. Вие ќе се промените. Барем јас знам дека се менувам.
Гледајте кон одлуките како на неповратни и не барајте ја „најдобрата“ опција
Ако можете, третирајте ги некои одлуки како конечни. Секогаш ќе има нешто „подобро“ од тоа што сте го избрале. Секогаш ќе има и изгубени шанси. Не трошете го животот во каење. Избегнувајте прекумерно размислување и „преџвакување“ на реалноста. Научете да простувате.
Автоматизирајте ги малите одлуки
Секојдневно сме преплавени со избори. Автоматизирајте ги малите: што да облечете, каде да јадете. Така ќе ослободите многу ментален простор.
Ништо нема да ги исполни вашите очекувања, затоа не се задоволувајте со малку, но не очекувајте совршенство
Работите речиси никогаш не се онакви какви што ги замислуваме. Фантазијата останува фантазија. Не прифаќајте помалку од она што заслужувате, но не очекувајте дека новата работа, патувањето од соништата, партнерот или емиграцијата ќе ги решат вашите проблеми. Од себе нема бегање. Нереалните очекувања само гарантираат разочарување.
Не се споредувајте со други луѓе
Ако можете, воопшто не се споредувајте. Сепак, ако не можете, барем сетете се дека има луѓе на кои им е многу полошо од тоа што ви е вам. Бидете благодарни за тоа каде сте и колку далеку сте стигнале.
Затоа што вистинското прашање не е „што“ или „каде“. Туку кога.
А одговорот е едноставен: сега. Тик-так.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.