Нова година на нова работа?-Дејан Ваневски Thrivity

од 24HR

Како да останеме фокусирани на нашите цели….

Првите денови во новата година се периодот кога многумина од нас со „полни гради“ ја дочекуваат Новата Година со листа на желби и нови цели. Една од најчестите желби кои ги има секој поединец е да има или да најде добра работа каде ќе биде мотивиран, вреднуван и ќе може да напредува. Без разлика дали бараме промена во кариерата, повисока плата или само сакаме да ги зголемиме своите компетенции и да станеме ценети на пазарот на труд, останувањето фокусиран и недозволувањето да не повлече вртлогот од морето секојдневни обврски е од суштинско значење за успехот.

Го споменав зборот желба, па ќе го поврзам со т.н. Новогодишни резолуции (New Year Resolution) во кои луѓето веруваат дека токму во новата година ќе го направат и поправат се она што „пропуштиле“ да го направат во минатата. Еве неколку клишеа во кои се пронајдов себе или некои од моите пријатели и колеги:😊

„Оваа година ќе вежбам редовно“

„Од јануари ќе започнам да се хранам здраво“

„Од 01-ви вртам нов лист, нема веќе да останувам доцна на работа и ќе посветам повеќе време на семејството“

„Оваа година ќе бидам поорганизиран“

„Од утре ќе почнам да работам на својот личен развој“

„Нема веќе да ме нервираат секојдневните проблеми“

Ако сакаме вистински да направиме промена, ќе треба да престанеме со желбите и празните ветувања и да направиме план.

„Цел без план е само желба“ Антоан де Сент Егзипери

Правење план за промена на кариера или надоградба на постоечката звучи едноставно да се направи, но верувајте, од искуство во работа со луѓе повеќе од 20 години, не е воопшто лесно. Потребно е високо ниво на самосвесност, пожртвуваност и дисциплина за да се оствари истото.

Според пишувањето на Indeed, објавено во февруари 2023 година https://cutt.ly/ewJYqYBK постојат повеќе предизвици и бариери за напредување во кариерата, и тоа:

  • Недостаток на квалификации
  • Немање доволно искуство
  • Недостаток на самодоверба
  • Промени во индустријата
  • Страв од неуспех во нова улога/средина
  • Немање време
  • Страв од промени
  • Финансиски обврски
  • Нејасни цели
  • Заситеност (burnout)

Овде се неколку препораки за ги зголемите шансите за нова и подобра работа:

Рекапитулација на минатата година

„Историјата е учителка на животот“ (“historia magistra vitae est”) – Латинска поговорка

Најпрво, неопходно е на почетокот на годината да седнеме и да направиме ретроспектива на претходната. Ќе видите колку е тешко да се присетиме на најважните работи што сме ги направиле, што е тоа што сме промениле кај себе, а што е тоа што сме пропуштиле да го направиме.

Подготовка на SMART Цели (Специфични, мерливи, достижни, релевантни и временски определени):

Главниот чекор за развој на личен и професионален план е поставување јасни цели. Потоа, главната цел разделете ја на поголем број помали и полесно остварливи задачи. На пример, ако сакате да ја промените индустријата, дефинирајте ги неопходните чекори, како што се стекнување на нови вештини, ажурирање на вашето CV, контакт со пријатели и познаници кои работат во таа индустрија. Со дефинирање на специфични и остварливи краткорочни задачи и цели ќе го задржите чувството за напредок и мотивација во текот на процесот.

Бидете реални со роковите

Утврдувањето на реалистичен рок за остварување на целите е од суштинско значење. Иако ентузијазмот е за секоја пофалба, клучно е да разберете дека значителните промени не се случувааат преку ноќ и бараат повеќе време. Поставете реални рокови за секој чекор, водејќи сметка за времето потребно за стекнување на вештини, пребарување на огласи за работа и можни интервјуа. Така ќе бидете фокусирани на краткорочните задачи, без да се преоптоварувате со големата цел.

Инвестирајте време и ресурси во развој на вашите компетенции

Во денешниот динамичен пазар на труд, останувањето конкурентен често бара стекнување на нови вештини и компетенции, како и подобрување на постоечките. Идентификувајте ги вештините кои се релевантни за вашето идно посакувано работно место и вложете време/енергија во нивното развивање. Обуки, работилници и настани за вмрежување се вредни ресурси за стекнување на нови знаења и следење на трендовите. Само на овој начин ќе ја подобрите вашата вработливост и ќе останете конкурентни. Затоа не чекајте, направете си план за развој на компетенциите и фокусирајте се на конкретни задачи и проекти за да може навистина да докажете дека сте ги развиле и напреднале во истите.

Градете мрежа на професионални и приватни контакти

Вмрежувањето е моќна алатка за напредок во кариерата. Придружете се на професионални групи на социјални мрежи и поврзете се со професионалци во вашата посакувана област. Градењето на мрежа на контакти може да обезбеди вредни идеи, менторство, дури и можност за вработување. Не се колебајте да контактирате поранешни колеги или познаници и секогаш бидете подготвени да одвоите време за кафе. Имајте едно во предвид, вмрежувањето е двонасочен процес на градење на взаемно корисни односи. Обидете се да не бидете досадни и наметливи, напротив, бидете природни, внимателни и прилагодливи.

Посветеност и резилиентност

Преодот кон нова работа или ново работно место може да биде сериозен предизвик и носи несигурности. Кога ќе се соочите со одбивање или неочекувани пречки, користете ги како можност за учење. Бидете подготвени да ги прилагодите целите и стратегијата, барајте повратна информација и нека не ви паѓа духот. Некогаш, работите се случуваат кога најмалку очекувате, треба само да се „склопат коцките“. Неколку мои пријатели беа во ситуација на губење на елан при барање нова работа заради кратките рокови, страв и финансиските обврски. За среќа и со поддршка од вистински пријатели и добра мрежа во дадени моменти се случија вистински пресврти и истите тие луѓе денеска се на нови подобри работни места и се позадоволни и исполнети. Резилиентноста е клучна карактеристика која не само што ви помага да ги надминете пречките, туку и ја покажува вашата способност за справување со предизвиците пред идните работодавачи.

Наместо заклучок

Потрагата по нова и подобра работа бара посветеност, фокус и планирање. Ако поставиме јасни цели и краткорочни задачи, имаме добра мрежа на колеги и пријатели, бидеме прилагодливи и резилиентни, негуваме силен дух и се грижиме за физичкото здравје, тогаш шансите за успех ни се зголемуваат. Само со добар план и доследност во остварувањето на истиот може да очекуваме напредок.

Ви посакувам многу среќа, здравје и успех во 2024 година!

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...