Пазарот се менува со неверојатна брзина, а компаниите се соочуваат со предизвикот да ги оптимизираат своите процеси и да ги задржат вработените мотивирани и организирани. Управувањето со човечки ресурси веќе не е само административна обврска, туку стратешки елемент кој влијае врз продуктивноста, задоволството на вработените и, на крајот, крајниот резултат на компанијата. Токму заради ова, се појавува потребата од софтверски решенија кои ќе ја олеснат комуникацијата, ќе автоматизираат рутински задачи и ќе овозможат работа со клучните податоци во реално време.
Berry е платформа развиена за мобилни и веб корисници, која веќе е присутна и достапна и за македонскиот пазар. Со ниска фиксна цена и интуитивен интерфејс, Berry им овозможува на компаниите да ги следат работните часови, да ги одобруваат барањата за отсуство, да синхронизираат календари, да планираат смени, и да генерираат аналитички извештаи, сè со само неколку кликнувања. Според повратните информации од корисниците, апликацијата веќе го намалува времето потребно за HR-процесите и ги зголемува перформансите на тимовите.
Ние од порталот 24hr.mk сме големи поддржувачи на дигитализација на работата со човечки ресурси и со цел да дознаеме повеќе за визијата зад ова решение и истото да им го претставиме на нашите читатели, разговаравме со Бошко Китанов, продажен директор на Berry за тоа како е структурирано развојното патување, на кои пазари е веќе застапена апликацијата и што можеме да очекуваме во иднина… Тој ни открива детали за мотивацијата што ги водела при создавањето на платформата, за користените технологии, и за идните функции кои ќе го збогатат корисничкото искуство.
Во ситуација каде што малите и средни компании бараат начини брзо да ги модернизираат своите HR-процеси, мотивацијата за креирање нова платформа често доаѓа од лични искуства или конкретни пазарни потреби. Што ве инспирираше да ја основате Berry, и кои конкретни предизвици ги забележавте на македонскиот пазар при работа со човечки ресурси?
Berry е создадена од компанија која веќе развива мобилни решенија за странскиот пазар, а потребата за нејзиното основање произлезе од интерни предизвици. Целта беше интерно да се создаде апликација за менаџирање на отсуства и документи. По додавањето на неколку нови функционалности, сфативме дека апликацијата може да биде корисна за многу други индустрии и компании, кои би ги имале истите потреби и би ги добиле истите бенефити. Во Македонија сме присутни од мај 2024 година, и можам да кажам дека главните предизвици се поврзани со премногу рачна работа – пополнување Excel табели, следење на отсуства во нив, чување документи на Google Drive и комуникација преку е-пошта за самите отсуства и работни часови.
Кога компаниите се одлучуваат да инвестираат во софтвер како услуга (SaaS-решение) за HR, важно им е да знаат кои модули ќе им донесат најголема вредност уште од првиот ден. Кои клучни функционалности ги нуди Berry и како тие им помагаат на HR-менаџерите и оперативците да ги поедностават секојдневните задачи?
Точно, компаниите најчесто се одлучуваат за решение кое е сеопфатно, односно содржи повеќе модули и функционалности на едно место. Она што најмногу им се допаѓа е едноставната и од кориснички аспект функционална мобилна апликација, едноставното пријавување на работни часови, брзото одобрување на отсуства од страна на менаџерот, прикачување документи поврзани со боледувања, планирање на работни смени, повеќелокациски полиси за отсуства и годишни празници (што е особено корисно за компании кои се присутни во повеќе држави), можноста за уредување на податоци од страна на администратор во било кое време, како и техничката поддршка која е достапна за додавање нови функционалности и подобрување на постојните.

Уште една од предностите на модерното HR-решение е пристапноста преку мобилна апликација, што им овозможува на вработените и менаџерите да бидат постојано „онлајн“, односно во секое време и од било каде да имаат пристап до софтверското решение. Какви се повратните информации од вашите клиенти во Македонија за мобилната и веб-верзијата на Berry, и дали имате примери како апликацијата ги револуционизирала нивните дневни HR-процеси?
Секако, како што спомнав, мобилната апликација дефинитивно е клучниот фактор зошто компаниите се одлучуваат да ја користат Berry – затоа што на некој начин претставува „џебно“ решение, кое овозможува вработените и менаџерите во секое време да имаат пристап до потребните информации. Повратните информации што ги добиваме се дека, откако ќе ја имплементираат, не можат да замислат да функционираат без Berry.
Она што го забележавме е зголемена транспарентност во однос на податоците за работните часови и отсуствата, значително намалување на недоразбирањата околу бројот на денови и зголемена продуктивност, благодарение на тоа што времето за креирање решенија за одмор е драстично намалено – нашата апликација автоматски ги пополнува и испраќа до менаџерот.
Фискната цена е честопати пресудна за мали и средни фирми кои сакаат да го дигитализираат својот HR оддел, но трошокот не треба да влијае врз квалитетот на услугата. Каква е вашата ценовна политика? Дали нудите едно унифицирано решение со фиксна месечна претплата, или пак има повеќе нивоа според големината на компанијата и специфичните потреби?
Нашиот ценовен модел се базира на фиксна цена по активен вработен на месечно ниво, односно класична месечна претплата. Висината на претплатата зависи од бројот на активни вработени во текот на конкретниот месец. Вака го поставивме моделот бидејќи во многу компании бројот на вработени варира од месец до месец, па на тој начин им овозможуваме флексибилност – да плаќаат само за оние вработени кои ја користат апликацијата.
Berry овозможува едноставно деактивирање на корисници, со што износот на месечната претплата автоматски се намалува.
Проширувањето на пазарното присуство покажува дека продуктот може да одговори на различни локални услови и регулативи. На кои пазари е веќе присутна Berry освен во Македонија, и каде планирате проширување во наредните 12 месеци? Дали имате локални партнери надвор од домашните граници?
Berry моментално е присутен во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска, а во тек се преговори и со неколку компании во Црна Гора и Бугарија. Нашето решение лесно се прилагодува на секој пазар, бидејќи политиките за отсуства се креираат поединечно за секоја држава, во согласност со нејзините законски регулативи и законот за работни односи.
Покрај Балканот, преговараме и со компании од Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и Романија, така што веќе активно спроведуваме продажни кампањи и надвор од регионот. Апликацијата моментално е достапна на англиски, српски, хрватски и германски јазик, а во тек е и преводот на македонски.
Иако сѐ уште немаме локални партнери, во план ни е да воспоставиме соработка со компании кои нудат услуги во областа на човечки ресурси, со цел преку партнерски модел да допреме до поголем број клиенти.


Во динамичниот технолошки свет, апликацијата треба постојано да ги следи новите тенденции и барања на корисниците. Дали подготвувате нови функционалности на апликацијата и кои иновации се највисок приоритет за вашиот тим при развојот на Berry?
Секако, она на што моментално работиме е интеграција со Slack, како и надградба на постојните функционалности преку додавање нови модули, како што се: историјат на работни позиции, огласна табла за компаниски новости, како и целосен систем за управување со перформансот на вработените.
Дополнително, работиме и на автоматизација на дополнителни документи – како што се договори за вработување, анекс-договори, како и известувања за договори со рок на важност што истекува.
Безбедноста на податоците е критичен фактор, особено кога се работи за личните податоци на вработените, но секако и на податоците кои се деловни тајни. Кои стандарди и процедури за заштита на лични податоци ги спроведувате во Berry и како гарантирате дека чувствителните информации на клиентите (лични и деловни) остануваат заштитени?
Точно, тоа е едно од најчестите прашања што ги добиваме пред склучување на договор, безбедноста на податоците и местото каде што се складираат. Сите податоци се енкриптирани и се чуваат во cloud-средина на AWS (Amazon Web Services) со што обезбедуваме највисоко ниво на сигурност.
Како компанија сме доста внимателни што се однесува до пристапот на податоци и максимално ги почитуваме GDPR процедурите. Дополнително, посветени сме на транспарентност, па така секој корисник во самата апликација може да ги прочита процедурите и да види кои податоци се складираат и како се третираат.

Промена на постоечкиот начин на работа често е предизвик, но доколку резултатите се видливи, веруваме дека многумина бргу се убедуваат. Какво е влијанието што Berry го има врз компаниите кои веќе ја вовеле платформата, и што би им порачале на оние HR-менаџери што уште се двоумат дали да преминат кон поголема дигитализација на HR-процесите?
Влијанието е многу големо, бидејќи компаниите го забележуваат бенефитот уште во првата недела од користење. Она на што особено обрнуваме внимание е брзото прилагодување, корисниците можат самостојно да ја користат апликацијата уште од првиот ден.
До менаџерите на човечки ресурси, административци и оперативни менаџери, јас ветувам брза адаптација, зголемена продуктивност и посреќни вработени.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.