вторник, јануари 13, 2026
Почетна СтатииСЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА:Трајанка Ќимова

СЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА:Трајанка Ќимова

by 24HR

Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?

На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.

Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:

„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“

Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.

Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.

Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!

Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Трајанка ЌимоваСпецијалист за човечки ресурси:

Годината завршува со многу зборови, но премалку храброст. Сите зборуваат за успеси, цели и бројки, а ретко некој го поставува прашањето што навистина боли: како се чувствуваат луѓето што го носат товарот на организацијата? Ако оваа година би била Дедо Мраз за HR професијата, мојот подарок не би бил нова алатка, бенефит или тренд. Би донела храброст – храброст да се постават граници и да се каже гласно кога нешто не е во ред. Најголемата грешка што предолго ја толериравме е прифаќањето на лоши практики под изговорот  така мора. Молчењето е избор, не рамнодушност, а HR не смее повеќе да биде само  помошник  што гледа одстрана, туку мора да биде глас што ги разоткрива неправдите.

Не е доволно да се грижиме за процеси ако ги губиме луѓето. Не е доволно да зборуваме за култура ако дозволуваме непочитување, притисок или хаос. Вистинската улога на HR е да постави рамка што се почитува, јасни очекувања, чесни услови и одговорност кон сите, без компромис. Сe што се смета за  брзо решение  е лага за вистинско учење и вистинска промена.

Следната година нема да нe праша дали сме подготвени – ќе нe тестира дали имаме храброст да го направиме она што одамна знаеме дека е правилно. Човекот не е ресурс што се троши, туку темел врз кој се гради сe останато. Сe друго е празно зборување. Ако не го ставиме човекот на прво место, ниту една нова година, колку и да е  нова, нема да донесе вистинска промена.

Related Posts

Leave a Comment