Колумна на м-р Варвара Стојановска Чукиќ,д-р Калина Сотироска Иваноска,м-р Маја Симоновска-Секцијата за индустриска/организациска психологија која е во рамките на Комората на психолози на Македонија
Возрасните најголемиот дел додека се будни во текот на неделата, а не ретко и за викендите работат. Со тоа несомнено, најголемиот дел од времето и енергијата го издвојуваат за работата, во однос на сите други активности на човекот, така можеме да заклучиме дека работата е важна за луѓето. Факт е дека повеќето луѓе работат за да заработат пари, но искуството од работата е многу повеќе отколку чиста размена на време за пари.
Индустриско-организациските психолози се обидуваат да разберат како се „доживува“ работата. Односно ја проучуваат и проценуваат индивидуалната, групната и организациската динамика на работното место. Со помош на направената процена тие идентификуваат мерки и интервенции за предизвиците кои се јавуваат на сите три нивоа а со цел подобрување на добросостојбата и перформансата на организацијата и нејзините вработени. Наједноставно работата на индустриско-организациските психолози се објаснува како употреба на психолошките принципи, теории и истражувања во работната средина.
Психолозите за Индустриска/Организациска психологија работат на различни теми во рамките на организациите, како вработени во нив или пак како надворешни консултанти, со што помагаат во промена на системите и нивната динамика. Темите можат да се однесуваат на начинот на кој се носат одлуките, колку е ефективна комуникацијата, начинот на кој членовите од тимот соработуваат и имаат интеракција, разбирање на различностите во однесувањето на вработените и креирање искуствени практики за организациски напредок, вештини во справување со конфликт, градење однос на почит и слично. Односно, нивната улога во рамките на команиите е да идентификуваат потреби и имплементираат промени од кои вработените и компаниите ќе имаат придобивки.
Односно индустриско/организациските психолози можат да играат значајна улога во
- Идентификување на потребите за обуки и развој
- Развој и имплементирање на програми за обуки и процена на нивната ефективност;
- Одредување кои вештини се потребни за вршење на одредена работа
- Развој на менаџерите
- Коучинг на вработените и менаџментот;
- Селекција на вработени
- Подобрување на процедури за регрутација и селекција;
- Процена на кандидати за одредени работни позиции;
- Ергономија
- Развој на процедури и опрема со цел максимизирање на перформансата и минимизирање на можностите за повреда при работа
- Подобрување на работната средина
- Управување со перформансата
- Развој на критериуми за процена на перформансата на вработените или организациите;
- Следење на перформансата и креирање методи за зголемување на продуктивноста и мотивирање на вработените
- Подобрување на ефективноста на тимовите
- Ангажираноста на вработените
- Процена и имплементација на мерки за подобрување на степенот на ангажираност на вработените
- Програми за задржување на вработените
- Подобрување на балансот меѓу личниот и професионалниот живот
- Процена и подобрување на задоволството на вработените / грижа за нивното здравје и добросостојба
- Квалитет на работниот живот
- Редуцирање на стресот на работното место
- Редуцирање на булингот и насилството на работното место
- Здрава работна средина за вработени од различни генерации
- Развој на организациите и организациската култура
- Подобрување на агилноста и флексибилноста на работните процеси
- Креирање психолошки сигурна работна средина / средина на доверба и припадност
- Развивање организациска култура на заедништво и еднаквост
- Процена на преференциите на клиентите, задоволство на клиентите и стратегии за пазарот.
Равојот на технологијата отвора нови предизвици со кои се соочуваат вработените, менаџерите и компаниите. За индустриско/организациските психолози тоа подразбира поддршка на процеси кои вклучуваат следење на трендовите и свесност за предизвиците.
Имајќи ја предвид глобализацијата на пазарите, и предизвиците со кои менаџментот се соочува, индустриско/организациските психолози имаат улога во поддршка на процесите за креирање и имплементирање крос-културни политики и практики на менаџмент кои имаат за цел да одговорат на овие предизвици.
Понатаму, развојот на технологијата кој допринесе до појава на виртуелни работни места и виртуелни тимови, допринесе индустриско/организациските психолози да идентификуваат и имплеметираат мерки за подобрување на различни аспекти од работењето на овие вработени.
Кога станува збор за улогата на вештачката интелигенција и промените кои таа ги носи на работните места индустриско/организациските психолози работат на подобро разбирање на интеракциите човек-машина. Тоа ќе биде особен фокуси предизвик во следните години поради се поголемата автоматизација на работни задачи и работни места.
За секцијата за индустриска/организациска психологија
Секцијата за индустриска/организациска психологија е релативно нова секција во рамките на Комората на психолози на Македонија. Има за цел да ја популаризира работата на индустриско-организациските психолози, да овозможи нивно вмрежување и да ја зголеми свесноста за значењето, важноста и придобивките на индустриската/организациска психологија како кај психолозите така и кај организациите.
Мисија – Истакнување на вредноста на индустриско-орханизациските психолози кај работодавачите и компаниите, затоа што денес задоволството од животот се дефинира како резултат на балансот од животот на работа и животот надвор од работата
Да се истакне дека индивидуалните разлики на луѓето можат да се искористат за да се разбере и предвиди нивното однесување, а со тоа да се стигне до ефикасно и ефективно работење и постигнување на целта во рамките на компанијата во која работат.
Визија–Креирање и одржување на заедница од индустриско-организациски психолози , која ја помага и подржува имплементацијата на индустриско/организациските научни принципи во период на брз техничко технолошки развој
м-р Варвара Стојановска Чукиќ
психотерапевт, корпоративен коуч
тренер за лидерство
д-р Калина Сотироска Иваноска
Вонреден професор
Институт за психологија, Филозофски факултет во Скопје
Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје
м-р Маја Симоновска
Постар специјалист за учинок, обука и развој
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.