Стравот од промена.

од 24HR

Добро ни дојде Октомври…

Дрвјата почнаа да ги менуваат боите и полека да ги губат лисјата. Ако сте биле на прошетка во некој парк во последно време, сигурно сте ги слушнале и почувствувале сувите лисја како крцкаат под вашите стапала. Есен… велат дека е она време од годината кога природата ни покажува колку е убаво да се пушти. Колку е убав процесот на ослободување. 

Септември беше напорен месец за многумина од нас. Едвај и забележав како минува. На последниот ден, додека се збогував со Меѓународната Агенција за Атомска Енергија (IAEA), некој ми рече: „Времето лета“. Навистина, понекогаш се чини така. Времето е валута во нашиот живот. Не можеме да го вратиме, ниту да го истуркаме нанапред. Можеме само да извлечеме максимум од моментот што е сега, пред да го снема.

Сега…


За мене темата на месец октомври е #промена. Како што кажува Буда: „Ништо не е вечно, освен промената“. Промената е секогаш присутна во нашиот живот. Некој би претпоставил дека треба да бидеме подготвени да ja прифатиме, нели? Но, вистината е, лична или организациска, мала или голема, промената е страшна и имаме тенденција да ја избегнуваме. Ова е причината зошто толку многу луѓе остануваат во токсични врски или заглавени на работни места на кои не се исполнети, се додека не бидат принудени на промена.


Па, зошто толку многу се плашиме од промени?


Virginia Satir, една од најдобрите семејни терапевти во светот, веруваше дека најсилниот инстинкт кај луѓето е да ги направат работите познати. Исто така, таа веруваше дека ова е невролошка функција. Денес невронауката го докажува тоа – на луѓето им е поудобно познатото од било што друго.
Прво, непознатото нѐ прави несигурни и нашиот мозок не сака неизвесност. Неизвесноста е еден од најголемите фактори кои допринесуваат до стрес и анксиозност. Дури и најмалo навестување на неизвесност го активира лимбичкиот систем во мозокот, ја поттикнува нашата амигдала, а со тоа и инстинктивните реакции на борба, бегство или замрзнување. Нашиот мозок е дизајниран да ужива во познатото и постојаното. Склони сме да одбереме предвидлив негативен исход отколку неизвесен, и притоа да се заглавиме во рутини, навики и да повторуваме по шаблони кои не ни носат многу вредност, кои нѐ ограничуваат и ни штетат.


Исто така, сакаме да имаме контрола (или барем така мислиме) – губење на контролата е уште еден голем стрес за нас. За да не заштити нашиот мозок создава приказни за да се справи со неизвесноста, а ние добиваме чувство на контрола затоа што мислиме дека го знаеме исходот. Но, нашиот мозок е уред за предвидување, кој не е баш прецизен. Нашите предвидувања или претпоставки воглавно се базираат на нашето претходно искуство, сеќавањата и знаењето кое го имаме, а тие се – ограничени! Размислете за момент, колку пати сте се загрижиле за нешто, сте создале милион сценарија и приказни во вашата глава, само за да откриете дека не сте можеле да го предвидите исходот дури ни во вашата најлуда имагинација? Секогаш има бесконечен број на можни исходи. Сè е можно.


Следно, нашиот мозок не се справува добро со загуба. Не ни е лесно да ја прифатиме непостојаноста. Врските завршуваат, работните места завршуваат, сезоните завршуваат, животите завршуваат. Ова е циклусот на животот. Но, бидејќи непознатото е страшно, остануваме да живееме во минатото наместо да ја прифатиме промената и да ги отвориме рацете за новото. Како што вели Richard Bandler:


„Не можете да одите кон иднината гледајќи во ретровизорот.”


Конечно, нашиот страв од неуспех го храни нашиот страв од промени. Повторно нашиот мозок ги пополнува празнините на непознатото со можните сценарија што ги знае – тој претпоставува.  Erin Hanson има поента тука:
„Што ако паднам?
Но, мила моја, што ако полеташ?”

Знаеме дека 70 проценти од програмите за промени не ги постигнуваат своите цели, главно поради отпорот на вработените и недостатокот на поддршка од менаџментот. Исто така, знаеме дека кога луѓето навистина се инвестираат себеси во промените, постои 30 проценти поголема веројатност дека ќе останат доследни на промената.” – според McKinsey. Организациите се направени од луѓе, луѓе кои имаат мозок отпорен на промени.
Е сега, колку и да не ни се допаѓа неизвесноста, ние сме добро опремени да се справиме и носиме со промените. Како вид многу брзо се приспособуваме и постојано се развиваме. Нашиот ум е неверојатно флексибилен и може да научи да напредува во секоја ситуација, па дури и во време на промени.

Еве неколку прашања што треба да си ги поставите кога се справувате со промени:

✴ На скала од 1-10, колку е потребно и колку е итно да ја направам (направиме) оваа промена?

✴ Што ќе добијам (добиеме) и што ќе изгубам (изгубиме) со оваа промена?

✴ Какви други чувства имам(е) кога размислувам(е) за промената?

✴ Постои ли минато искуство кога успешно се справив(ме) со промена? Како се справив(ме) со промената тогаш?

✴ Кои се ресурсите што ги имам(е) на располагање за промената и како ќе ги искористам(искористиме)?

✴ Кои информации ми(ни) се потребни за да ја олеснам(олесниме) оваа промена?

✴ Кои се моите(нашите) поддржувачи за промената? Дали треба да вклучам(вклучиме) трета страна (тренер, коуч, консултант, ментор)?

✴ Кои вештини можам(можеме) да ги научам(научиме) кои ќе ми(ни) помогнат да напредувам(е) во процесот на промена?

Надминувањето на стравот од промени бара лично зајакнување и знаење – на индивидуално и колективно ниво.

Невролингвистиката (НЛП) е методологија која ги опремува луѓето со алатки за ефективно да се справат со промените и да постигнат трајни резултати. Нова група започнува во Декември, дали сте подготвени да научите како да напредувате во време на промени?

За крај…
Мојата порака за месец Октомври е:
Променете се пред да бидете принудени да се промените.

* Оригиналниот текст објавен на Англиски јазик можете да го прочитате на следниот линк: https://www.linkedin.com/pulse/fear-change-viktoria-jordanovska/?trackingId=1C2i%2B0lYSLWiXKM%2FFCuqoA%3D%3D 

За авторот:

Викторија Јордановска
Викторија е основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP). Како Бизнис Коуч и Тренер за „меки” вештини таа работи на создавање системи на извонредност преку развој на внатрешните ресурси. Нејзината експертиза вклучува извонредност во комуникација, лидерство, градење тимови со високи перформанси и системски интервенции.

Од 2014 година живее во Австрија и работи на меѓународно ниво фокусирајќи се на развивање на човечкиот потенцијал што е во секој од нас. Нејзиниот холистички пристап кон коучинг и обука вклучува НЛП техники, системско размислување, применета психологија, нов код и методологијата Points of You, во комбинација со нејзиното долгогодишно искуство во различни индустрии. Овој системски пристап го поддржува растот на поединецот и севкупната организациска виталност во сите видови системи, без разлика дали се приватни, јавни или глобални корпоративни системи.

LinkedIn профил: https://www.linkedin.com/in/viktoria-jordanovska-372885/ 

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...